Постапка за испразнување и предавање на недвижност
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Извршување заради испразнување и предавање на недвижности се спроведува така што извршителот, откако ќе ги отстрани лицата и предметите од таа недвижност, му ја предава недвижноста во посед на доверителот. При ова извршување се работи за судски одлуки или за порамнувања склучени пред суд, како извршни исправи. Извршувањето се спроведува на тој начин, што од недвижноста, прво се отсрануваат лицата и предметите. Извршувањето се спроведува спрема сите лица и предмети затекнати на недвижноста во моментот на спроведувањето на извршувањето. Кон испразнување и предавање на недвижности може да се пристапи по истекот на рокот од осум дена од денот на доставувањето на налогот за извршување до должникот.
Отсранување на лица се врши на сите лица кои припаѓаат на семејното домаќинство на должникот, кои немаат самостоен основ за држење на недвижноста. Додека кај отстранувањето на предмети можат да се отстранат само подвижни предмети. После отстранувањето на лицата и предметите извршителот ќе му ја предаде недвижноста на доверителот. При извршувањето неопходно е присуство на доверителот.
Подвижните предмети што треба да се отстранат му се предаваат на должникот, а ако овој не е присутен, на полнолетен член на неговото домаќинство или на негов полномошник. Ако при преземањето на извршните дејствија не е присутно ни едно од лицата на кои можат да им се предадат предметите или тие лица не сакаат да ги примат, предметите ќе му се предадат на чување на друго лице, на трошок на должникот. За ова предавање и за трошоците за чување извршителот го известува должникот, оставајќи му рок од осум дена во кој може да бара предметите да му се предадат, откако ќе ги надомести трошоците за чување. Покрај ова известување, извршителот ќе го предупреди должникот дека, по истекот на тој рок, предметите ќе бидат продадени и од продажната цена намирени трошоците за чување и продажба на предметите. Значи извршителот не може да ги остави предметите на отворено. Доколку при спроведувањето на извршувањето должникот смета дека се спроведени неправилности може да поднесе приговор до Претседателот на основниот суд.
Доколку должникот не пристапи кон преземање на предметите и не ги плати трошоците за нивно чување, извршителот со заклучок ќе определи продажба на предметите за сметка на должникот Дел од цената постигната со продажбата, што ќе преостане по намирувањето на трошоците за чување и продажба на предметите, се полага кај судот во корист на должникот.Во оваа постапка за продажба на предметите од должникот не учествува доверителот, единствено доколку од продажната цена на подвижните предмети не побара да се намират трошоците на извршување за испразнување и предавање на недвижноста.
–ПРАВДИКО–