Постапка за избор на судски поротници | Правдико

Правдико

   

Постапка за избор на судски поротници

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

IMG_0262Во судењето учествуваат и судии – поротници кога тоа е утврдено со закон. Советот избира и разрешува судии – поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен и апелационен суд. Советот го утврдува бројот на судиите – поротници по предлог на претседателот на судот за кој се избираат судиите – поротници. 

Кога Советот избира судија-поротник во суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

По изборот, судиите – поротници задолжително посетуваат специјализирана обука организирана од Академијата за судии и јавни обвинители. По завршувањето на обуката , судиите – поротници полагаат испит за завршената обука. Доколку судијата – поротник не го положи испитот му престанува функцијата, што со одлука го констатира Судскиот совет на Република Македонија.

По завршувањето на испитот , Академијата за судии и јавни обвинители во рок од три дена до Судскиот совет на Република Македонија доставува листа на судии – поротници кои не го положиле испитот. Содржината, времетраењето и спроведувањето на обуката  се утврдува во специјализирана програма за обука на судии – поротници од страна на Академијата за судии и јавни обвинители.

При изборот  судии – поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Исто така се внимва при изборот на  судии – поротници без да се нарушат критериумите пропишани со закон, ќе се обезбеди соодветна и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници.

За судија – поротник не може да биде избрано лице кое со судијата  во истиот суд е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар. За судија поротник исто така не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.

За судија – поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку високо образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 64. години. Судијата – поротник за судење на малолетници се избира од редот на лица со искуство во воспитанието и образованието на младите. Судиите – поротници имаат право на надоместок за вршење на работите на судија – поротник.

Судија – поротник се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.

На судијата – поротник му престанува функцијата:

  • ако тоа сам го побара;
  • ако трајно ја загуби способноста за вршење на должноста судија- поротник;
  • ако е осуден за кривично дело на казна затвор од најмалку шест месеца;
  • ако неуредно или несовесно ја врши должноста на судија – поротник и
  • со навршување на 60 години старост.

Постапката за престанок на функцијата на судијата – поротник ја води Судскиот совет на Република Македонија по предлог на претседателот на судот.

–ПРАВДИКО–

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико