Правдико

   

Постапка за издавање лиценца за продажба на алкохолни пијалоци

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

alkoholni_pijalociЗа трговците на мало кои вршат продажба на алкохолни пијалaци, за продажбата на алкохолни пијалaци се должни да поседуваат лиценца. Лиценцата која се издава за продажба на алкохолни пијалоци е со важност од две години. За добивање на лиценцата трговецот е должен да  плати надоместок во износ од 20.000 денари на сметка  на Републички буџет.

Продажбата на алкохолни пијалaци трговецот од   ја врши во посебен продажен објект за продажба на алкохолни пијалaци. По исклучок  продажбата на алкохолни пијалaци трговецот на мало може да ја врши и во посебно издвоен дел од продажниот објект кој е  соодветно обезбеден.

Посебниот продажен објект за продажба на алкохолни пијалоци треба да биде опремен со посебни рафтови за одделните видови на алкохолни пијалоци. Доколку пак продажбата која  се врши  во посебно издвоен дел од просторијата  од  продажниот  објект  кој  е  соодветно  обезбеден,  потребно е дабидат  исполнети следниве услови:

посебниот дел од просторијата кој е наменет за продажба на алкохолни пијалоци да биде опремен со рафтови и да биде физички одвоен од делот за продажба на безалкохолни пијалоци и други прехрамбени и/или непрехранбени производи, и

посебниот дел од просторијата кој е наменет за продажба на алкохолни пијалоци да може да се заклучи и/или на друг начин да се ограничи пристапот на потрошувачите по 19 часот.

Лиценцата по истекот на рокот за кој е издадена може да се продолжи, на барање на трговецот на мало кој врши промет на алкохолни пијалаци, доколку ги исполнува условите. За продолжување на лиценцата трговецот е должен да плати надоместок во износ од:

5.000 денари за секој продажен објект ако има до три продажни објекти и

15.000 денари за секој продажен објект, ако има над три продажни објекти и 0,05% од вкупниот промет остварен во претходната година.

Барањето се доставува во рок од 30 дена пред истекот на рокот на важноста на лиценцата.Трговецот на мало е должен да ја истакне лиценцата на видно место во продажниот објект. Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца го потсетува носителот на лиценцата за периодот на важноста на истата. Потсетувањето се врши преку доставување на електронска порака на е-маил адресата од тековната состојба на правното лице.

Потребна документација

Министерот за економија на барање на трговецот на мало издава лиценца. Барањето  се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази.

Кон барањето за издавање на лиценца трговецот на  мало е должен да достави:

1) документ за тековната состојба на трговецот на мало, издаден од Централниот регистар на Република Македонија;

2) изјава за исполнетост на минимално техничките услови за продажниот објект во кој се врши продажба на алкохолни пијалaци; и

3) доказ за уплатен надоместок во износ од 20.000 денари.

Доколку се исполнети условите , министерот за економија ја издава лиценцата во рок од пет дена од денот на поднесувањето на барањето.Кон барањето за продолжување на лиценца, трговецот на мало е должен да достави доказ за уплатен надоместок за продолжување на лиценцата.

Лиценцата се запишува во регистар за издадени и одземени лиценци, кој го води Министерството за економија.

Секоја промена која влијае на условите потребни за издавање на лиценцата трговецот на мало е должен да ја пријави до Mинистерството за економија во рок од пет дена од денот на настанувањето на промената.

Престанок и одземање  на лиценцата

Лиценцата престанува да важи по истекот на рокот на важење на лиценцата.

Лиценцата се одзема, ако:

1) продажниот објект во кој се врши трговија на мало со алкохолни пијалaци престане да ги исполнува минимално техничките услови за продажба на алкохолни пијалaци;

2) државниот пазарен инспектор при вршење на инспекциски надзор утврди дека се врши продажба на алкохолни пијалaци од 19,00 часот до 06,00 часот наредниот ден (во периодот од 1 мај до 30 септември забраната за продажба на алкохолни пијалаци е од 21,00 до 6,00 часот наредниот ден) и

3) државниот пазарен инспектор при вршење на инспекциски надзор утврди дека трговецот на мало врши продажба на алкохолни пијалaци на лица со возраст под 18 години.

Министерот за економија во случаите погоре донесува решение за одземање на лиценцата. Против решението  може да се
поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос во втор стапен.

Трговецот на мало на кој ќе му биде одземена лиценцата е должен веднаш да престане со продажба на алкохолни пијалaци и истите да ги повлече од малопродажниот објект. Исто така трговецот на мало на кој му е одземена лиценцата
нема право да поднесе барање за издавање на нова лиценца во рок од една година сметано од денот на одземање на лиценцата.

–ПРАВДИКО–

 

Партнери на Правдико