Постапка за издавање казнен налог | Правдико

Правдико

   

Постапка за издавање казнен налог

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

d181d183d0b4Ова е постапка која произлегува од проактивното дејствување на јавниот обвинител како овластен тужител кој одлучува за начинот како ќе го иницира кривичното гонење прилагодувајќи го кон околностите на случајот и спецификите на сторителот на делото. Во оваа смисла, кога се исполнети законските услови, јавниот обвинител  е овластен да поднесе предлог за издавање казнен налог до судијата поединец.

Судијата поединец го прифаќа предлогот од јавниот обвинител и издава казнен налог со пресуда, а обвинетиот ако се согласува со таквата пресуда со казнен налог – не поднесува приговор против вака донесената пресуда. Оваа постапка е дозволена, кога се работи за кривични дела од надлежност на судија поединец, (кривични дела казниви со парична казна или казна затвор во траење до 5 години (чл.25 ст.1 од ЗКП), при што е важно да постојат доволно докази кои ќе го убедат јавниот обвинител дека е основано да поднесе предлог за издавање казнен налог.

Покрај личните податоци на обвинетиот, опис на делото кое се става на товар, правната квалификација на делото, доказите со кои располага oбвинителството , се предлага и кривична санкција по вид и висина. Значајно е што предложената санкција мора да се движи во рамките на санкциите предвидени во ЗКП – парична казна од 10 до 100 глоби, условна осуда со утврдена казна затвор до 3 месеци или парична казна, забрана за управување со моторно возило до 2 години и конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривичното дело.

Судот има овластување со решение да го отфрли предлогот доколку истиот е поднесен за кривично дело за кое не може да се поднесе. Доколку судијата смета дека не е оправдано изрекување на предложената кривична санкција и дека од приложените докази може да се очекува изрекување на друга кривична санкција, судијата нема да донесе пресуда врз основа на предлогот за издавање на казнен налог туку ќе закаже главна расправа според одредбите на скратена постапка. Доколку за судијата е прифатлива предложената санкција тој ќе издаде казнен налог со пресуда со која ќе ги изрече предложените санкции и други мерки од
јавниот обвинител. Образложението ги содржи само доказите кои го оправдуваат изрекувањето на казнениот налог.

Против вака донесената пресуда обвинетиот има право на приговор кој може да го поднесе во рок од 8 дена. Ако обвинетиот на пресудата со казнен налог не поднесе приговор, законска презумпција е дека се согласил со истата и со истекот на рокот за поднесување на приговор пресудата станува правосилна. Доколку обвинетиот не е согласен со пресудата истиот може да поднесе писмен приговор или усмен на записник пред судот. Приговорот воопшто не мора да биде образложен.

sudot-go-zabrani-shtrajkot-na-lekarite-od-klinichki-101863Судот го цени приговорот од формално правен аспект и проверува дали приговорот е благовремен и поднесен од овластено лице. Доколку не биде отфрлен приговорот заради процесни пропусти – благовременост, неовластено лице и сл., се закажува рочиште за главна расправа согласно одредбите на скратената постапка. Штом ќе се закаже рочиште за главна расправа се смета дека пресудата воошто не била донесена. Улогата на јавниот обвинител во постапката за издавање казнен налог е значајна. Без предлог од јавниот обвинител казнениот налог всушност и не може да биде издаден. Јавниот обвинител во секој случај треба да оцени дали има доволно прифатливи докази судот да издаде казнен налог. Тргнувајки од принципот на економичност, јавниот обвинител секогаш кога се исполнети законските услови и се располага со доволно докази ќе треба  да предложи издавање на казнен налог. Тоа значи дека треба да се работи за кривични дела во надлежност на судија поединец и да постојат доволно  докази од кои судијата ќе заклучи дека обвинетиот е сторител на кривичното дело што му се става на товар.

Одговорноста на јавниот обвинител лежи и во соодветната правна квалификација на делото кое го става на товар на обвинетиот. Ова особено затоа што во глава 31 која се однесува на постапката за издавање на казнен налог не е предвидена можност судијата да ја промнени правната квалификација на кривичното
дело за кое јавниот обвинител предложил издавање казнен налог, па неправилната правна квалификација може да доведе и до одбивање на предлогот од обвинителот. Исто така одговорноста на јавниот обвинител лежи и во предлогот за кривичната санкција. Прво, да не предложи кривична санкција која излегува надвор од рамките на законот и да не предложи кривична санкција која не соодветствува на тежината на кривичното дело, што му дава право на судијата да не се согласи со изрекување на предложената кривична санкција.

Не е предвидена можност судијата поеднинец да изрече друга санкција од онаа што е предложена од јавниот обвинител. Улогата на бранителот во оваа постапка се состои во правилно советување на својот клиент дали да се поднесе приговор на донесената пресуда со казнен налог. Бранителот носи одговорност да процени дали доказите кои се доставени до судот се доволно и релевантни на нив да се заснова пресудата и дали во скратената постапка обвинетиот би поминал полесно од аспект на вината и кривичната санкција. Ако оцени дека некои од доказите се прибавени на противзаконит начин, бранителот секако ќе советува поднесување на приговор бидејки на расправата во скратена постапка ќе добие можност за истакнување на приговор за незаконитост на доказите. Но, доколку навистина не постои основ за истакнување на приговор, одговорност на бранителот е дали ќе го советува клиентот да поднесе приговор или да остави прсудата да стане правосилна .

2146Секако бранителот ќе треба недвосмислено да му укаже на клиентот дека во случај на поднесување приговор, судот не е обврзан со забраната за reformation in pejus, односно дека на главна расправа во скратена постапка судот воопшто не мора да изрече иста казна како предложената во казнениот налог, туку дека напротив може да изрече и потешка казна. Бранителот носи навистина голема одговорност за правилно советување на клиентот дали да биде поднесен приговор. Доколку биде изречена потешка санкција по одржана главна расправа бранителот ќе треба да даде соодветно и задоволително објаснување на својот клиент зошто советувал поднесување на приговор. Доколку пак не постојат релевантни причини за поднесување приговор, не би требало да се советува поднесување приговор.

Улогата на бранителот во оваа постапка, како и впрочем во сите постапки е детерминирана со правилното советување на обвинетиот и одбегнувањето на злоупотреба на процесните овластувања, која злоупотреба во крајна линија може да се одрази неповолно кон обвинетиот.

Извадок од : Прирачник за напредна обука за новиот ЗКП – Забрзани постапки

–ПРАВДИКО–

 

Партнери на Правдико