Постапка за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице | Правдико

Правдико

   

Постапка за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Maleís hand writing in the documentПраво на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26-годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.  Правото на паричен надоместок  може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.

Центарот врши задолжителен увид во домот на подносителот на барањето заради утврдување на фактичката состојба и изготвува записник за основаноста на барањето за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, кој има влијание врз остварувањето на правото.

Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Постапката за остварување на ова право започнува со Барање за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице (види ОБРАСЦИ) до  центарот надлежен за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште.

Кон барањето за остварување право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, се доставува следната документација:

  1. фотокопија на важечка лична карта за државјани на Република Македонија, дозвола за постојан престој на странецот, фотокопија од лична карта за признат бегалец или фотокопија на лична карта за лице под хуманитарна  или супсидијарна заштита,
  2. мислење од матичен лекар за потребата од помош  нега од друго лице и
  3. медицинска документација (специјалистички извештај, отпусна листа и друга медицинска документација).

За поднесените документи во фотокопија, стручниот работник во центарот за социјална работа утврдува  дали се верни на оргиналот согласно Законот за општата управна постапка.

Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење, ја утврдува стручна комисија која може да биде при јавна установа која во рамките на својата дејност третира проблеми од областа на психофизичкиот развој на лица со одреден вид на попреченост или во друго правно лице.

Наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице дава надлежната стручна комисија.

Стручната комисија е составена од три члена од кои:

  1. доктор специјалист или доктор на медицина,претседател;
  2. доктор специјалист или доктор на медицина,член и
  3. доктор специјалист или доктор на медицина,член.

Стручната комисија дава наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице врз основа на непосреден преглед на подносителот на барањето.

По исклучок, во случај кога од приложената медицинска документација несомнено може да се утврди потребата од помош и нега од друго лице,  стручната комисија може да даде наод, оцена и мислење врз основа на доставена медицинска документација без непосреден преглед.

Центарот е должен да го извести корисникот за потребата од повторен преглед два месеца пред истекот на рокот определен за повторна оцена за утврдување на потребата од помош и нега од друго лице. Ако корисникот или неговиот старател неоправдано не се јави во рокот определен за повторна оцена за утврдување на потребата од помош и нега од друго лице, правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице му престанува.

Против првостепеното решение барателот има право на жалба до второстепена комисија. Министерот со решение формира комисија за изготвување на наод, оцена и мислење, за решавање по изјавена жалба против првостепено решение за правото на помош и нега од друго лице.

Второстепената комисија е составена од три члена, од кои:

  1. доктор специјалист или доктор на медицина,претседател;
  2. доктор специјалист или доктор на медицина,член и
  3. доктор специјалист или доктор на медицина,член.

Второстепената комисија работи и одлучува во полн состав на работни седници, а по исклучок, во случај на оправдано отсуство на еден член, комисијата може да одлучува во состав од два члена.  Второстепената комисија дава наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице врз основа на медицинската документација и списите во предметот.

Поврзани статии:  Правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико