Постапка за остварување право на постојана парична помош
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Согласно Законот за социјална заштита право на постојана парична помош има лице неспособно за работа и материјално необезбедено, кое не може да обезбеди средства за својата егзистенција врз основа на други прописи.
Како неспособно за работа, се смета лице:
1. со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој и лице со комбинирани и други пречки во развојот, кое заради степенот на попреченоста не може да се стекне со образование, како и лице со телесна попреченост, поради која е неспособно за работа,
2. лице душевно заболено и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради која е неспособно за работа,
3. самохрана жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и самохран родител согласно со Законот за семејството до три години возраст на детето,
4. дете без родители и без родителска грижа кое не се штити врз основа на правото на сместување, кое нема приходи врз основа на имот и имотни права и не остварува средства врз основа на други прописи, но најмногу до 18-годишна возраст и
5. лице постаро од 65 години.
Неспособноста за работа за лицата над 26-годишна возраст од точките 1 и 2 погоре со свој наод, оцена и мислење ја утврдува стручна комисија која може да биде при јавна установа која во рамките на својата дејност третира проблеми од областа на психофизичкиот развој на лица со одреден вид на попреченост или во друго правно лице.
По исклучок од точка два погоре, неспособноста за работа се смета за утврдена за лице над 26 години возраст со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, како и потполно слепо лице чиј вид и степен на попреченост е утврдена со наод, оцена и мислење на стручен орган, издаден во постапка согласно со општиот акт и решение на центарот за социјална работа.
Материјално необезбедено лице се смета лице кое нема приходи или чии приходи по сите основи по член на семејство се помали од 5.000 денари, усогласени со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари за тековната година и не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува.
Висината на постојаната парична помош изнесува:
1. за носителот на правото 3.502 денари,
2. за еден соуживател висината на правото за носителот се зголемува за коефициент 0,40 и
3. за два и повеќе соуживатели висината на правото за носителот се зголемува за коефициент 1,0.
Висината на правото од точка 1 се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година и претставува висина на правото на постојана парична помош за носителот за наредната година. Во случај кога порастот на трошоците на живот за претходната година се со негативен предзнак, не се врши усогласување на висината на постојаната парична помош
Право на постојана парична помош не може да оствари лице кое:
– може само да се издржува, ако може да остварува приходи со продажба или со давање во закуп на имот кој тој и членовите на неговото семејство не го користат, за задоволување на минимална егзистенција,
– не побарало издржување од лицето кое е должно да го издржува врз основа на Законот за семејството, освен ако центарот за социјална работа утврди дека лицето кое според Законот е должно да го издржува би останало без минимум средства за егзистенција, пониски 5.000 денари,
– ако има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор и
– може да обезбеди издржување по друга основа.
Центарот е должен да го извести корисникот или неговиот старател за потребата од повторен преглед два месеца пред истекот на рокот определен за повторна оцена за неспособноста за работа. Ако корисникот или неговиот старател наоправдано не се јави во рокот определен за повторна оцена за неспособноста за работа, правото на постојана парична помош му престанува.
Право на постојана парична помош може да оствари и лице неспособно за работа, кое има имот и кое склучило договор за доживотно издржување со центарот. Висината на постојаната парична помош ја утврдува центарот и корисникот во зависност од вредноста на имотот што е предмет на договорот за доживотно издржување, а по претходна согласност на Министерството.
Состојбата на приходите на подносителот на барањето за постојана парична помош и лицето кое е должно согласно со Законот за семејството да го издржува се утврдува врз основа на примањата остварени од:
- плата, исплатена во последните три месеци пред поднесување на барањето;
- пензија (остварена во Република Македонија и странство);
- паричен надоместок по основ на невработеност;
- пријавени или остварени нето приходи во Управата за јавни приходи;
- приходи од финансиска подршка од областа на земјоделството и руралниот развоj, остварени во претходната година;
- воена или цивилна инвалиднина;
- штеден влог и камати од заштеди;
- остварени приходи од хартии од вредност;
- остварени приходи од привремена работа во странство;
- законска издршка;
- родителски додаток за дете и
- надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот.
Како приход, не се смета:
- паричен надоместок за помош и нега од друго лице;
- детски додаток и посебен додаток;
- надоместоци за телесно оштетување;
- еднократна парична помош и помош во натура;
- паричен надоместок за трошоците за сместено лице и надоместок за згрижување на лице во згрижувачко семејство;
- еднократна парична помош за новороденче;
- законска издршка за дете во висина до 5.000 денари, која се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година;
- парична помош за социјално домување,
- социјална парична помош и
- парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.
Потребна документација
Потребна документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош за сите членови на домаќинството е:
- важечка лична карта за државјани на Република Македонија, лична карта за постојан престој на странец, лична карта за признат бегалец или лична карта за лице под супсидијарна заштита, се доставува само на увид за докажување на идентитетот и државјанството;
- извод од матичната книга на родените;
- извод од матичната книга на венчаните;
- извод од матичната книга на умрените;
- пресуда за развод на брак;
- уверение за остварени годишни приходи;
- имотен лист;
- потврда за остварени приходи од плата во Република Македонија или странство;
- потврда за корисник на пензија остварена во Република Македонија или странство;
- за невработено лице кое не е во евиденција во Агенцијата за вработување на Република Македонија потребно е листа на регистрирани податоци за остварен стаж;
- пресуда за определена законска издршка;
- потврда за редовен студент и
- извештај за наод и мнение на надлежен орган (матичен лекар) и медицинска документација.
Документите од точките 2, 3, 4, 6, 7, 8, 9 и 10 , центарот за социјална работа ги прибавува по службена должност по пат на размена на податоците по електронски пат со надлежните институции или во писмена форма, по претходно дадената писмена согласност на подносителот/корисникот за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на постојана парична помош. Документите од точките 5, 11, 12 и 13 ги прибавува подносителот/корисникот при поднесување на барањето и во текот на користење на правото на постојана парична помош.
Потребната документација се поднесува до Центарот за социјална работа.
Обрасци за остварување на ова право можете да превземете ТУКА
–ПРАВДИКО–