Постапка за отпис на камата за неплатени сметки
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Законот за отпишување на камати за наплата на долгови се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности (електрична и топлинска енергија, вода и смет), телефонија, мобилни и кабелски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, и за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 25 мај 2006 година, трансферирани кај нотар или извршител.
Предмет на овој закон е отпис на затезната, односно казнена камата која се однесува на главниот долг и трошоците на постапка и истата подлежи на отпис од моментот на поднесување на тужба за наплата на паричен долг (присилна наплата) пред надлежен суд до конечна исплата на паричното побарување вклучувајќи ги и трошоците на постапка од страна на должникот.
Кој има право на отпис на каматата?
Право на отпис на камата остварува секое физичко лице – должник кој ќе изврши уплата на главниот долг и трошоците (судски, нотарски, адвокатски, трошоци на извршување) на постапката во рок од 12 месеци од денот на објавувањето на Одлуката на управниот одбор на доверителот.
Кој врши отпис на каматата?
Отпис на камати за наплата на долговите се врши врз доброволна основа од страна на доверителот.
Доверителите основани од Владата на Република Македонија и општините и градот Скопје кои се во државна сопственост, односно сопственост на општината или градот Скопје вршат отпис на побарувањата по основ на наплата на затезната односно казнената камата по главен долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата.
Доверителите кои се во приватна сопственост, доброволно одлучуваат преку своите органи на управување, за едностран опис на побарувањата по основ на наплатата на затезната односно казнената камата на главниот долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата.
Овие доверители со Одлука донесена на Управен одбор ги отпишуваат каматите за наплатата на долговите кои произлегуваат од услугите наведени погоре, во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Оваа одлука доверителите ја објавуваат на својата веб страница наредниот ден од денот на донесувањето на истата
*Нотар и извршител се сметаат за доверители само во случај на наплата на трошоците на извршување кои произлегле од присилно извршување на долговите.
Постапка за остварување на право на отпис на камата
Стекнатото право на отпис на камата , должникот -физичко лице го остварува со поднесување на барање до доверителот. Кон барањето должникот приложува и доказ за извршена исплата на главниот долг.
Доверителот е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг, да го извести должникот по писмен пат со препорачана пратка на адресата која е регистрирана кај доверителот, за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата.
Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен е веднаш , но не подоцна од 8 дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот.
Нотарот при повлекување на барањето за трансфер на предметот, постапува согласно член 74 од Законот за нотаријат. Извршителот при повлекување на барањето за трансфер на предметот од судот го запира извршувањето согласно со член 93 став 1 алинеа 4 од Законот за извршување.
Намалување на трошоците
Висината на наградата и надоместокот на извршените трошоци за работата на извршителите и адвокатите, по предмети кои произлегуват од услугите наведени погоре, не може да надмине 20% од нивните предјавени и утврдени трошоци.
Висината на наградата и надоместокот на процесните трошоци за работата на нотарите и адвокатите, по предмети кои произлегуваaт од услугите наведени погоре, не може да надмине 20% од нивните предјавени и утврдени трошоци.
–ПРАВДИКО–