Постапка за помилување од страна на Претседателот на РМ | Правдико

Правдико

   

Постапка за помилување од страна на Претседателот на РМ

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Pretsedatel-na-RM-FinalПретседателот на Република Македонија дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закони на Република Македонија, согласно со одредбите на Кривичниот закон.

Претседателот на Република Македонија дава помилување и за кривични дела пропишани со кривичен закон на друга држава, доколку сторителот е македонски државјанин и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или на меѓународен суд, ако тоа е определено со меѓународен договор, или ако постои реципроцитет, или ако санкцијата ја изрече и домашниот суд според Кривичниот законик.

Помилување не може да се даде и на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесета од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/9, 4/202, 43/203, 19/204, 60/206, 73/206, 7/208 и 139/208), кривични дела против половата слобода и половиот морал од Глава деветнаесета од Кривичниот законик сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето од Глава дваесет и прва: кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од членoт 215 и кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членoт 216 и за кривични дела против човечноста и меѓународното право од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик.

Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд

Претседателот на Република Македонија со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната.

Со помилувањето може да се определи укинување или пократко траење на овие казни:забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило на сторителите кои се возачи по занимање и протерување на странец од земјата.

Постапката за помилување се поведува по молба на осуденото лице или по службена должност. Во корист на осуденото лице молба за помилување може да поднесат брачниот другар,роднина по крв во права линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател. Постапката за помилување по службена должност ја поведува министерот за правда.

Молбата за помилување се поднесува до претседателот на Република Македонија, преку судот што ја изрекол пресудата во прв степен.Кога молбата за помилување е поднесена до друг орган или институција, тие се должни без одлагање да му ја достават на надлежниот суд. Лицето кое се наоѓа на издржување на казна, молбата за помилување ја упатува до надлежниот суд преку управата на казнено-поправната установа во која ја издржува казната. Казнено-поправната установа во рок од осум дена од приемот на молбата дава извештај за поведението на осуденото лице, односно други податоци што се од значење за решавање на молбата и ја доставува до надлежниот суд.

Претседателот на Република Македонија со одлука формира Комисија за помилување и го определува составот и бројот на членовите на Комисијата која донесува деловник за начинот на нејзината работа. Комисијата за помилување при подготвување на предлозите ги има предвид следниве критериуми:

– природата, видот и тежината на извршеното кривично дело,

– личноста на осудениот и неговиот поранешен живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики и

– влијанието на актот за помилување врз средината од каде што потекнува осудениот и средината каде што го извршил кривичното дело.

Молбата за помилување може да се поднесе по правосилноста на пресудата.  Исто така молбата за помилување може повторно да се поднесе по истекот на три месеци од денот на донесената одлука по претходната молба, кога е изречена казна затвор или малолетнички затвор во траење до една година по истекот на шест месеци, кога изречената казна е над една до три години, а кога е изречена повисока казна од три години, по истекот на една година.

Судот со решение ја отфрла молбата за помилување поднесена од неовластено лице,односно кога помилувањето е недозволено или кога повторно е поднесена молба за помилување пред истекот на определниот рок. Против решението дозволена е жалба до повисокиот суд во рок од осум дена од доставувањето на решението. Повисокиот суд по жалбата одлучува согласно со одредбите на Законот за кривичната постапка, пропишани за жалба против решение

Министерот за правда по приемот ја разгледува молбата и другите списи и заедно со својот предлог во рок од 30 дена ја доставува до претседателот на Република Македонија.

Кога со помилувања изречената казна се заменува со условна осуда, содветно ќе се применуват одредбите на Кривичниот законик за изрекување на условна осуда, нејзиното дејство и отповикување, со тоа што времето на проверување не може да трае повеќе од три години и што кон условната осуда не се одредува заштитен надзор, ниту на условно осудениот му се наложува исполнување на посебни обврски.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико