Постапка за правна заштита пред Државната комисија за жалби по јавни набавки
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Државната комисија одлучува за законитоста на дејствијата и пропуштањата за преземање дејствија, како и на одлуките како поединечни правни акти донесени во постапките за доделување договори за јавни набавки, како и за други работи во согласност со Законот за јавните набавки.
Државната комисија за жалби по јавни набавки е конституирана со именувањето на претседателот и четирите члена со Одлука на Собранието на Република Македонија на 4 ноември 2008 година, а започна со работа со одржување на својата Прва седница на ден 26 ноември 2008 година.
Државната комисија одлучува на седници кои не се јавни, со мнозинство гласови на членовите, а членот не може да се воздржи од гласањето. Седниците на Државната комисија ги свикува и со нив раководи претседателот, а во негово отсуство заменик – претседателот, кој се бира до редот на членовите на Државната комисија.
За својата работа Државната комисија поднесува писмен извештај еднаш годишно до Собранието на Република Македонија.
Државната комисија има Стручна служба во која се вработени државни службеници. На вработените во стручната служба се применуваат одредбите од Законот за државни службеници.
Начинот на работа и одлучување во Државната комисија е уреден со посебен Деловник.
НАЧИН НА РАБОТА НА ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА
За прашања од својата надлежност Државната комисија одлучува со решенија во писмена форма за главната работа, а за сите останати случаи со заклучок.
Државната комисија одлучува во рок од 15 дена од комплетирањето на документацијата по предметот.
Ако на членот на Државната комисија не се согласува со одлуката на мнозинството, своето издвоено мислење може писмено да го образложи.
За изземање на претседателот и членовите на Државната комисија, соодветно се применуваат одредбите од Законот за спречување судир на интереси.
ЖАЛБА
Секој економски оператор кој има правен интерес за добивање на договорот за јавна набавка и кој претрпел или би можел да претрпи штета од евентуално прекршување на одредбите од Законот за јавните набавки, може да бара правна заштита против одлуките, дејствијата и пропуштањата за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за доделување на договор за јавна набавка.
Правна заштита може да бара и Јавниот правобранител на Република Македонија, кога ги штити интересите на државата или јавниот интерес.
СОДРЖИНА НА ЖАЛБАТА
Жалбата треба да ги содржи следните елементи:
– податоци за подносителот на жалбата (име презиме, назив на економскиот оператор, адреса на престојувалиште и седиште);
– податоци за застапникот или полномошникот;
– назив и седиште на договорниот орган;
– број и датум на постапката за доделување на договор за јавна набавка и податоци за огласот за доделување на договор за јавната набавка;
– број и датум на одлуката за избор на најповолна понуда, поништување на постапката или други одлуки на договорниот орган;
– податоци за дејствијата или пропуштањата за преземање на дејствија од страна на договорниот орган;
– опис на фактичката состојба;
– опис на неправилностите и образложение по истите;
– предлог на докази;
– жалбено барање и/или барање за надомест за трошоците на постапката, и
– потпис на овластено лице и печат.
Подносителот на жалбата кој нема седиште на територијата на Република Македонија, должен е да определи полномошник за прием на писмена.
ПРЕДАВАЊЕ НА ЖАЛБАТА
Постапката на правна заштита започнува со поднесување на жалбата, односно со барање за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка заради недоставување документација до Државната комисија, согласно со членот 222 од Законот за јавните набавки.
Жалбата се изјавува до Државната комисија во писмена форма.
Жалбата се поднесува лично или со препорачана пошта, истовремено до договорниот орган и до Државната комисија.
КРАЈНИ РОКОВИ ЗА ЖАЛБА
Жалбата се изјавува во рок од осум дена, односно во рок од три дена кај постапките со прибирање на понуди, од денот на:
– објавувањето на огласот за доделување на договор за јавна набавка во однос на податоците, дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија од огласот;
– отворањето на понудите, во однос на дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија поврзани со тендерската документација, односно постапката за отворањето на понудите;
– прием на одлуката со која се одлучува за поединечно право од постапката за доделување на договор за јавна набавка, во однос на утврдувањето на способноста на пријавите за учество или евалуацијата на понудите и одлуката, или
– сознанија за незаконско водење на постапка за доделување на договор за јавна набавка, најдоцна во рок од една година од денот на завршување на спроведената постапка.
Во случај на електронски аукции, жалбата во однос на дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија поврзани со тендерската документација се изјавува во рок од осум дена од денот на прием на одлуката со која се одлучува за поединечно право од постапката за доделување на договор за јавна набавка.
Економскиот оператор кој пропуштил да изјави жалба во однос на согласно наведените рокови, нема право на жалба во подоцнежната фаза на постапката за истиот правен основ.
НАДОМЕСТОК ЗА ВОДЕЊЕ ЖАЛБЕНА ПОСТАПКА
Во постапката пред Државната комисија подносителот на жалбата, освен 250,00 денари за административни такса, плаќа и надоместок за водење на постапката во зависност од висината на понудата, и тоа:
– до 20.000 евра во денарска противвредност, надомест од 100 евра во денарска противвредност;
– од 20.000 до 100.000 евра во денарска противвредност, надомест од 200 евра во денарска противвредност;
– од 100.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, надомест од 300 евра во денарска противвредност, или
– над 200.000 евра во денарска противвредност, надомест од 400 евра во денарска противвредност.
Исплата на надоместок за водење на постапката е приход во Буџетот на Република Македонија и тој се плаќа на уплатна сметка: 840182 06922, приходна шифра 724154, додека административната такса се плаќа на уплатна сметка: 840182 03161 приходна шифра 722313.
Подносителот на жалбата е должен до Државната комисија да достави доказ за уплата на надомест за водење на постапката.
ПОСТАПУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ПО ПОДНЕСЕНА ЖАЛБА
Договорниот орган, најдоцна во рок од пет дена од приемот на жалбата, до Државната комисија ги доставува:
– жалбата со сите прилози, податоци и доказ за датумот на приемот;
– одговор на жалбата со образложение на фактите и правните наводи како и жалбените барања, хронологија на постапката за доделување на договор за јавна набавка, со наводи за битните елементи на постапката за јавна набавка (проценета вредност, податоци за огласот, постапката на отворање на понудите, евалуација на понудите, одлука за избор и друго);
– целокупната документација за постапката со попис на прилозите;
– понудите на понудувачите, а најмалку на подносителот на жалбата, избраниот и оние способни понудувачи кои имаат можност да бидат избрани, и
– други докази за постоењето на претпоставени околности за донесување на законити одлуки, дејствија или пропуштања за преземање дејствија во постапката за доделување на договор за јавна набавка.
СТРАНКИ ВО ПОСТАПКАТА ЗА ПРАВНА ЗАШТИТА, ДОСТАВУВАЊЕ И РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА СПИСИ
Странки во постапката на правна заштита се подносителот на жалбата, договорниот орган и избраниот понудувач.
За поведувањето на постапка на правна заштита, Државната комисија го известува избраниот понудувач по службена должност. Секоја странка има право да се произнесе за барањата и наводите на другата страна и да предлага докази.
Државната комисија на секоја странка ќе и ги достави поднесоците кои ќе ги прими по предметот по кој се расправа за главната работа или поднесоците со кои се предлагаат нови факти и докази.
Секоја странка има право да ги разгледа списите од предметот со исклучок на оној дел од понудата и документацијата кој се однесува на доверливи информации утврдени со закон.
Странките во постапката може да ги застапуваат полномошници. Договорниот орган во постапката на правна заштита, на барање на Државната комисија, должен е да ја достави документацијата во рок кој таа ќе го одреди.
За донесување на одлука за трошоците во постапката на правна заштита, вредноста на предметот ќе се пресмета според проценетата вредност на набавката.
Во постапката за правна заштита Државната комисија постапува во границите на жалбените наводи, а по службена должност и во поглед на битните повреди пропишани во член 210 од овој закон.
УСНА РАСПРАВА
Странките можат да предложат одржување на усна расправа заради разјаснување на сложената фактичка состојба или одделни правни прашања, со образложение на причините поради кои ја предлагаат, а по предлогот за одржување на усната расправа одлучува Државната комисија.
Усната расправа е јавна, а јавноста може да биде исклучена заради потребата од чување на доверливи информации согласно со закон.
ПРАВИЛА НА ДОКАЖУВАЊЕ
Во постапката за правна заштита, странките се должни да ги изнесат сите факти на кои ги засноваат своите барања, како и дејствија или пропуштања за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за доделување на договор за јавна набавка и да достават соодветни докази за тоа.
Во постапката за правна заштита, договорниот орган е должен да ги докаже фактите и околностите врз основа на кои ја донел својата одлука, презел дејствија или пропуштил да преземе дејствија во реализацијата на постапката за доделување на договор за јавна набавка, која е предмет на жалбената постапка.
Подносителот на жалбата во постапката за правна заштита е должен да докаже или да го стори веројатно постоењето на фактите и причините кои се однесуваат на правото за поднесување на жалба, повреда на постапката, или повреда на материјалното право, кои се истакнати во жалбата.
ЗАБРАНА ЗА СКЛУЧУВАЊЕ ДОГОВОР
Договорниот орган не смее да го потпише договорот за јавна набавка и да пристапи кон негово извршување во рок од 12 дена, односно во рок од 5 дена кај постапките со прибирање на понуди, сметајќи од денот на приемот на одлуката со која се одлучува за поединечно право во постапката за доделување на договорот за јавна набавка, освен во случаите од членовите 99 став (1) точка 1 алинеја 3 и член 198 став (1) алинеја 4 од Законот за јавните набавки.
БАРАЊЕ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ПО ЈАВНАТА НАБАВКА
Договорниот орган може да поднесе барање за продолжување на постапката за доделување на договорот за јавна набавка. Барањето се поднесува истовремено со одговорот на жалбата.
Барањето за продолжување на постапката за доделување на договор за јавна набавка кое е поднесено спротивно на ставот 1 од член 218 од Законот за јавните набавки, ќе се отфрли.
Барањето за продолжување на постапката за доделување на договор за јавна набавка се однесува на потпишување на договорот за јавна набавка кој е предмет на жалбата.
Барањето за продолжување на постапката за доделување на договор за јавна набавка, може да се поднесе од причини поради кои може да настанат штети заради неспроведување на постапката, а кои се непропорционални на нејзината вредност.
ПОНИШТУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ДОГОВОР ЗА ЈАВНА НАБАВКА
Ако договорниот орган не постапи согласно со член 215 од Законот за јавните набавки, подносителот на жалбата има право во рок од 30 дена од денот на поднесување на жалбата кај договорниот орган, да побара од Државната комисија да донесе одлука за поништување на целата постапка за доделување на договор за јавна набавка.
Барањето се поднесува до Државната комисија и ги содржи доказите за доставување на жалбата до договорниот орган, податоци за договорниот орган, предметот на договорот за јавна набавка, повикување на бројот на огласот, ако му се достапни.
Државната комисија ќе го усвои предлогот на жалителот ако се исполнети условите наведени во член 222 став (2) ОД Законот за јавните набавки.
СУДСКА ЗАШТИТА
Против решението на Државната комисија може да покрене управен спор пред Управниот суд на Република Македонија, во рок од 30 дена од приемот на решението.