Правдико

   

Постапка за пријавување кривично дело

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава.

Секој може да пријави кривично дело кое се гони по службена должност.

Сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, а за кои се известени или за нив дознале на друг начин. Поднесувајќи ја пријавата, пријавителите  ќе ги наведат и доказите што им се познати и ќе преземат мерки за да се зачуваат трагите од кривичното дело, предметите што се употребени во неговото извршување или настанале од извршувањето и други докази.

– Како се поднесува кривична пријава?

Кривичната пријава се поднесува до надлежниот јавен обвинител, писмено или усно, телефонски, по електронски пат или со употреба на други технички средства и начини.

Ако пријавата е поднесена преку електронски уред, се обезбедува нејзин електронски запис и се составува службена белешка.

Ако кривичната пријава се поднесува усно, пријавувачот ќе се предупреди за последиците од лажно пријавување. За усната пријава ќе се состави записник, а ако кривичната пријава е соопштена по телефон ќе се состави службена белешка.

Ако кривичната пријава е поднесена до полицијата, до судот или до ненадлежен јавен обвинител, тие ќе ја примат пријавата и веднаш ќе ја достават до надлежниот јавен обвинител.

­– Кога се врши прием на писмени кривични пријави и други поднесоци?

Вработен во приемна канцеларија во соодветното јавно обвинителство ги прима писмената во текот на работното време. Работното време на јавните обвинителства низ државата е од понеделник до петок од 7:30 до 15:30 часот. Адресите на јавните обвинителства се објавени на веб страницата на Јавното обвинителство.

Вон работно време или во денови кога јавните обвинителства не работат се примаат само телеграми, факсови, електронска пошта и друга писмена од итна природа. Електронската пошта која спаѓа во доставени писмена ја примаат сите вработени и ја доставуваат до приемна канцеларија за заведување. Електронската пошта  примена вон работно време или во неработен ден за обвинителството се заведува во приемна канцеларија веднаш на првиот работен ден.

– Дали вработениот може да одбие да прими кривична пријава или поднесок?

Вработениот во приемната канцеларија на Јавното обвинителство или неговиот заменик не можат да го одбијат приемот на писмената. Доколку списот содржи формални недостатоци (на пример нема адреса на доставувачот, не ги содржи прилозите наведени во текстот и слично), вработениот ќе му укаже на доставувачот дека писменото треба да го дополни пред да биде примено. Доколку странката не направи корекција или надополнување, а инсистира писменото да биде примено, тогаш вработениот ќе го прими писменото со писмена забелешка за даденото укажување.

– На каков јазик се доставуваат поднесоците?

Согласно членот 10 од Законот за Кривична постапка, тужбите, жалбите и другите поднесоци се поднесуваат на јазикот на кој се води постапката. Граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, поднесоците можат да ги поднесуваат на својот јазик и писмо. Ваквите поднесоци се преведуваат и се доставуваат до странките во постапката. Другите лица кои не го зборуваат или разбираат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, поднесоците можат да ги поднесуваат на својот јазик и писмо. И во тие случаи ваквите поднесоци се преведуваат и се доставуваат до странките во постапката. На обвинетиот кој не го разбира јазикот на кој се води постапката му се доставува превод од обвинението на јазикот со кој што се служел во постапката. Странски државјанин лишен од слобода или притворен, поднесокот може да го поднесе на својот јазик, а во други случаи под услови на реципроцитет.

– Кое обвинителство е надлежно да постапува во конкретен предмет?

Во членот 40 од Законот за кривична постапка е предвидено дека стварната надлежност на јавниот обвинител е определена според одредбите што важат за надлежноста на судот за подрачјето за кое е избран јавниот обвинител и со Законот за Јавното обвинителство. Месната надлежност на јавниот обвинител се определува според одредбите што важат за надлежноста на судот за подрачјето за кое е избран јавниот обвинител.

Но, ако кривичната пријава е поднесена до полицијата, до судот или до ненадлежен јавен обвинител, тие ќе ја примат пријавата и веднаш ќе ја достават до надлежниот јавен обвинител.

– Како постапува јавниот обвинител по приемот на кривичната пријава?

По приемот на кривичната пријава или по добиеното известување од полицијата, со постапката раководи јавниот обвинител.

Јавниот обвинител самиот или преку правосудната полиција, односно други лица вработени во истражните центри на јавното обвинителство, ќе ги собере известувањата потребни за одлучување по кривичната пријава, а по потреба тоа ќе го стори и преку полицијата или другите органи надлежни за откривање.

За сите дополнителни прашања поврзани со процесот на пријавување кривично дело, граѓаните можат да се обратат на електронската адреса jorm@jorm.org.mk или на електронските адреси на сите јавни обвинителства низ државата.

Партнери на Правдико