Постапка за признавање на правото за користење на заштитен географски назив | Правдико

Правдико

   

Постапка за признавање на правото за користење на заштитен географски назив

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

vino34Постапка за признавање на правото на користење на заштитен географски назив, заштитен било со ознака на потеклото било со географска ознака, се поведува со пријава која содржи барање за признавање на правото за користење на заштитениот географски назив. Како што е случај и со заштитата на самиот географски назив, со една пријава може да се побара право на користење на само еден географски назив кој се однесува само на еден вид производ. Поднесената пријава се запишува во Регистарот на пријави за користење на заштитените географски називи.

Пријавата запризнавање на правото на користење содржи:

1) барање за признавање на правото на користење на заштитен географски назив;

2) доказ за вршење определена дејност; и

3) доказ за извршена контрола.

Доколку поднесената пријава не е потполна, Државниот завод за индустриска сопственост го повикува подносителот на пријавата, во рок од 30 дена од денот на приемот на повикот, да ги отстрани утврдените недостатоци. Државниот завод за индустриска сопственост, на образложено барање од подносителот на пријавата може, од оправдани причини, рокот за отстранување на недостатоците да го продолжи најмногу за уште 30 дена. Ако подносителот на пријавата во определениот рок не ја уреди пријавата или не ги плати трошоците кои е должен да ги плати за уредување на пријавата, Државниот завод за индустриска сопственост со решение ќе ја отфрли пријавата за признавање на правото на користење на заштитениот географски назив.

По испитувањето на уредноста на пријавата, и поевентуалното постапување на подносителот на пријавата во насока за уредување на пријавата, Државниот завод за индустриска сопственост преминува на испитување на исполнетоста на условите за признавање на правото на користење на географскиот назив. Ако Државниот завод за индустриска сопственост утврди дека пријавата не ги исполнува условите за признавање на правото на овластен корисник на заштитениот географски назив, писмено ќе го извести подносителот на пријавата за причините заради кои не може да го признае правото на овластен корисник и ќе го повика подносителот на пријавата, во рок од 90 дена од денот на приемот на известувањето, да се изјасни за причините. На образложено барање од подносителот на пријавата, Државниот завод за индустриска сопственост може, од оправдани причини, рокот да го продолжи најмногу за уште 90 дена.

Во случај пак, кога по испитувањето на условите за признавање на правото на користење, Државниот завод за индустриска оцени дека истите се исполнети, тој издава решение за признавање на правото на користење на заштитениот географски назив и врши упис во Регистарот на корисници на заштитени географски називи. Како и кај заштитата на географскиот назив, правото на користење не заштитениот географски назив се стекнува не само со донесувањето решение, туку и со уписот на правото на користење во Регистарот на корисници на заштитени географски називи.

По донесувањето на решението и уписот во Регистарот на корисници на заштитени географски називи, односно по извршената уплата на трошоците за објавување од страна на носителот на правото за овластен корисник, Државниот завод за индустриска сопственост ги објавува податоците за признаеното право на овластен корисник во неговото гласило. Податоците за признаеното право на овластен корисник кои се објавуваат во

службеното гласило се утврдуваат со Правилникот за ознака на потеклото на производот и географска ознака. Конечно, на овластениот корисник на заштитениот географски назив, Државниот завод за индустриска сопственост му издава исправа за признаено право на овластен корисник, во рок од шест месеца од денот на донесувањето на решението.

Ознаката на потеклото, како колективно право, можат да ја користат исклучиво правни и физички лица и здруженија на правни и физички лица, кои:

1) произведуваат или преработуваат производ чиј географски назив е заштитен со ознака на потеклото;

2) производниот процес во целост го извршуваат на географското подрачје кое е точно дефинирано во елаборатот; и

3) се запишани во Регистарот на корисници како корисници на таа ознака на потеклото.

Географската ознака, пак, како колективно право, можат да ја користат правни и физички лица, кои:

1) произведуваат производ чиј географски назив е заштитен со географска ознака;

2) производството и/или преработката и/или подготовката на производот ја извршуваат на географското подрачје кое е точно дефинирано во
елаборатот; и

3) се запишани во регистарот на корисници како корисници на таа географска ознака.

Извор: Државен завод за индустриска сопственост,  Улогата на застапниците во системот на заштитата на правата од интелектуалната сопственост

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико