Постапка за признавање на трговска марка
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Правото на трговска марка се стекнува во постапка определена со Законот за индустриската сопственост. Неа може да ја поведе правно и физичко лице. Постапката за признавање на трговска марка се поведува со поднесување пријава на трговска марка до Заводот, посебно за секој знак за кој се бара заштита со трговска марка. При тоа со една иста пријава на трговска марка за еден ист знак може да се бара заштита за повеќе производи и услуги. Постапката за признавање на правото на трговска марка може да се поведе и со поднесување пријава во согласност со Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол.
Пријавата на трговска марка мора да содржи:
1) барање за признавање на правото на трговска марка;
2) податоци за подносителот на пријавата;
3) изглед на знакот за кој се бара заштита и
4) список на стоките и услугите за кои се бара заштита. Кон пријавата се доставуваат и други состојки и прилози.
Содржината и формата на пријавата и другите состојки и прилози кон пријавата подетално се уредени со Правилникот за трговска марка. Кога до Заводот ќе се поднесе пријава која е составена во законски пропишаната форма, тој датум ќе се смета за датум на поднесување на пријавата а Заводот пријавата ќе ја впише регистарот на пријави на трговски марки. По овој датум во пријавата на трговска марка, не може дополнително да се измени знакот, ниту да се дополни списокот на производите, односно услугите. Датумот на поднесување е важен затоа што од овој датум подносителот на пријавата стекнува право на првенство.
Следниот чекор е формално испитување на пријавата. Па така, по уписот на пријавата на трговската марка во регистарот на пријави, Заводот испитува дали таа е уредна, односно дали е:
1) составена така што ги содржи сите потребни состојки и прилози предвидени во Законот за индустриската сопственост и Правилникот за трговска марка;
2) приложено уредно полномошно, доколку пријавата е поднесена преку застапник и
3) уплатена пропишаната такса за пријава и доставен доказ за извршената уплата.
Заводот, понатаму, откога ќе утврди дека пријавата е уредна испитува дали се исполнети условите за признавање на правото на трговска марка. Доколку постои некоја од причините за апсолутно одбивање, Заводот донесува решение за одбивање на пријавата. Пред да го донесе решението Заводот по писмен пат, ќе го запознае подносителот на пријавата со причините поради кои не може да се признае бараното право, односно не може да се признае правото во бараниот обем и ќе го повика подносителот на пријавата во примерен рок, кој може да се продолжи до најмногу 6 месеци, да се изјасни за тие причини. Ако пријавениот знак содржи елемент кој не е дистинктивен, ниту подобен за разликување на стоките, односно услугите во прометот и доколку вклучувањето на тој елемент може да предизвика сомневање во врска со обемот на заштитата на трговската марка, Заводот може да го повика подносителот на пријавата во примерен рок да поднесе писмена изјава дека не бара исклучиви права на тој елемент. Доколку Заводот утврди дека се исполнети условите за заштита тој ќе го повика подносителот на пријавата во определен рок, кој не може да биде подолг од 30 дена, да ги плати трошоците за објавување на податоците од пријавата во службеното гласило на Заводот. Ако подносителот не ги плати трошоците, Заводот ќе донесе решение за отфрлање на пријавата.
Ако подносителот постапи, Заводот најдоцна во рок од 90 дена ќе ги објави податоците од пријавата во службеното гласило на Заводот. По објавувањето на пријавата секое правно или физичко лице може, до Заводот да достави писмени укажувања дека постојат причини заради кои смета дека пријавениот знак не може да се признае – дека постојат апсолутни пречки. Доколку Заводот добие вакви укажувања то ги доставува до подносителот на пријавата, кој може да доставиодговор на укажувањата.
На објавената пријава на трговска марка, до Заводот во рок од 90 дена од денот на објавата, приговор може да поднесат: подносителот на порано пријавената трговска марка и носителот на порано регистрирана трговска марка; носителот на трговска марка регистрирана во некоја земја членка на Париската унија или на СТО, за која во Република Македонија неговиот застапник, односно претставник поднел пријава без негова согласност; физичко лице чие име, презиме или лик е идентичен или сличен со објавениот знак; носител на порано заштитено право од индустриска сопственост, ако предметот на тоа право е идентичен или сличен со објавениот знак; лицето кое има авторско право на дело кое е идентично или слично со
објавениот знак; и носителот на трговска марка чија важност престанала поради изминатиот рок на важење.
По пристигање на приговорот, Заводот проверува дали приговорот е поднесен од лицето кое има право на поднесување приговор и дали тој е поднесен во пропишаниот рок. Ако овие услови не се исполнети Заводот донесува решение за отфрлање на приговорот. Ако тие се исполнети, Заводот го известува подносителот на пријавата на трговска марка за причините наведени во приговорот и го повикува во определен рок кој не може да биде подолг од 60 дена да се изјасни за наведените причини. Ако подносителот на пријавата во предвидениот рок не се изјасни за причините наведени во приговорот, Заводот ќе одлучи врз основа на наводите во приговорот.
Во постапката за одлучување по приговорот, ако подносителот на пријавата се изјасни за причините наведени во приговорот, Заводот ја испитува оправданоста на приговорот, земајќи ги предвид причините по приговорот и одговорот по приговорот. При тоа, ако Заводот утврди дека приговорот е
неоснован, приговорот со решение се одбива, коешто се доставува до подносителот на пријавата и до подносителот на приговорот. Кога Заводот во постапката на испитување на приговорот утврди дека приговорот е основан, ја одбива пријавата на трговска марка и за тоа му доставува решение на подносителот на пријавата и на подносителот на приговорот.
Кога Заводот ќе утврди дека се исполнети сите услови за признавање на правото на трговска марка, тој за тоа ќе го извести подносителот на пријавата и ќе го повика во рок од 30 дена да ја плати таксата за одржување на правото на трговската марка во важност за првиот десетгодишен период, трошоците за објавување на трговската марка во гласилото на Заводот и трошоците за издавање исправа на трговска марка. Ако подносителот на пријавата во определениот рок ги плати таксата и трошоците, Заводот ќе донесе решение за признавање на правото на трговска марка и признаеното право ќе го впише во регистарот на трговски марки. Ако подносителот на пријавата не ги плати таксата и трошоците, Заводот ќе донесе решение со кое ќе ја отфрли пријавата. Со донесувањето решение за признавање на правото и со уписот на трговската марка во се стекнува правото на трговска марка. Податоците за трговската марка се објавуваат во службеното гласило на Заводот најдоцна во рок од 90 дена од датумот на запишување на трговската марка во регистарот. На носителот на правото на трговска марка, Заводот му издава исправа најдоцна во рок од шест месеца од датумот на донесувањето на решението за признавање на правото на трговска марка.