Постапка за распишување на локални избори
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Изборниот законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје.
Согласно овој законик за да се распишат локални избори потребно е да се донесе Акт за распишување на избори кој го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите.
Откако Актот за распишување на изборите ќе се донесе во Собранието истиот се доставува до Државната изборна комисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за правда и се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена.
Граѓаните за одржувањето на изборите се известуваат преку јавен повик и истакнување плакати на видни места. Известувањето го врши надлежната изборна комисија.
Според Изборниот законик локалните избори за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај.