Постапка , регистрација , заедница ,сосптвеници, стамбените згради | Правдико

Правдико

   

Постапка за регистрација на заедница на сосптвеници во стамбените згради

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Rasadnik 5.18Управувањето со станбените згради претставува следење и спроведување на одлуките донесени од собирот на сопствениците на посебните делови во зградата, застапување во правниот промет и во постапките пред надлежните органи со цел  за  функционирање,  одржување  и зачувување на заедничките делови на станбената зграда.

Работите на управување  може да ги врши управител или заедница на сопственици за што сопствениците на посебните делови се должни да донесат одлука со која ќе одлучат овие работи да ги врши управител или заедница на сопственици.

Регистрација на заедница на сопственици – правно лице

Ако во станбена зграда има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови, сопствениците на посебните делови можат да донесат одлука за формирање заедница на сопственици како правно лице за управување со станбената заграда. Одлуката е донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови. По донесувањето на одлуката за формирање на заедница на сопственици, сопствениците на посебните делови се должни во рок од три дена да донесат статут на заедница на сопственици и одлука за избор на претседател на заедницата на сопственици.

Статутот на заедницата на сопственици на посебните делови особено содржи:

1) име и седиште на заедницата на сопственици;
2) лично име и адреса односно назив и седиште на сопствениците на посебните делови – членови на заедницата;
3) податоци за посебните делови содржани во катастарот на недвижности (имотен лист);
4) начин на одлучување на заедницата на сопственици;
5) начин на избирање и разрешување на претседател и негови овластувања;
6) начин на исполнување на обврските на членовите на заедницата.

Името на заедницата како правно лице е “3аедница на сопственици” со адреса на станбената зграда, а како седиштето на заедницата на сопственици е адресата на станбената зграда.

Упис во Централен регистар

Заедницата на сопственици се стекнува со својство на правно лице со запишување во Централниот регистар на Република Македонија. Кон пријавата за запишување во Централниот регистар на Република Македонија се приложуваат:

1) одлука за основање;
2) статут на заедницата на сопственици;
3) други исправи во согласност со прописите за упис во Централниот регистар на Република Македонија и
4) одлука за избирање на претседател на заедницата на сопственици.

Секоја промена на членовите на заедницата на сопственици е потребно да се внесе во статутот на заедницата и да се достави до Централниот регистар на Република Македонија, најдоцна во рок од шест месеца од настанување на промената. При промена на претседателот на заедницата на сопственици, новиот претседател е должен одлуката за разрешување и одлуката за избирање на нов претседател да ги достави до Централниот регистар на Република Македонија, најдоцна во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одлуката за избирање на новиот претседател.

Права на заедницата на сопственици

Заедницата на сопственици има право да склучува договори за работи на управување на станбената зграда и не може да врши друга дејност.Заедницата на сопственици е непрофитна организација. Финансиското работење на заедницата на сопственици се врши согласно со Законот за сметководство на непрофитните организации.

Орган на управување на заедницата на сопственици

Орган на управување во заедницата на сопственици е собирот на сопственици. Членови на собирот на сопственици се сите сопственици, односно
корисниците на посебните делови од станбената зграда кои имаат писмено овластување дадено од страна на сопственикот на посебниот дел да одлучува во негово име во органот на управување на заедницата на сопственици, како и други лица кои имаат овластувањеза тоа.

Ако сопственик на посебен дел е отсутен непрекинато повеќе од три месеци од местото каде што се наоѓа посебниот дел, е должен да овласти друго лице да одлучува во негово име во органот на управување.

Обврски на членовите на заедницата на сопственици

Членовите на заедницата на сопственици се должни да плаќаат месечно на заедницата на сопственици секој свој дел од трошоците за управување и резервниот фонд

Престанок на заедницата на сопственици

Заедницата на сопственици престанува врз основа на одлука за престанок. Одлуката за престанок на заедницата на сопственици е донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови.  По престанокот на заедницата, сопствениците на посебните делови за обврските кон трети лица одговараат согласно со големината на нивните посебни делови.

Одлуката  претседателот на заедницата на сопственици е должен да ја достави до Централниот регистар на Република Македонија најдоцна во рок 15 дена од денот на донесувањето на истата.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

Препорачуваме

Партнери на Правдико