Постапка за регистрирање патент
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Согласно Законот за индустриска сопственост со патент се штити пронајдок во сите области на технологијата, ако е нов, ако содржи инвентивен придонес и ако може да се применува во индустријата. Доколку се исполнети овие услови , со патент се штити и пронајдок кој се однесува на:
– производ што се состои или содржи биолошки материјал и
– постапка за добивање на биолошки материјал, негова обработка или употреба.
Не се смета за пронајдок:
1) откритие, научна теорија и математичка метода;
2) естетска творба;
3) план, правило и постапка за вршење интелектуална дејност, за игри или за вршење на деловни или бизнис активности, како и компјутерска програма;
4) прикажување информации и
5) човечкото тело во различни фази од своето формирање и развој или едноставното откривање на еден од неговите елементи, вклучително секвенца или делумна секвенца на ген.
Исклучоци од патентна заштита
Со патент не може да се заштити пронајдок:
– кој се однесува на нови животински видови и растителни сорти и чисто биолошките постапки за добивање животни и растенија, освен за биотехнолошките пронајдоците чија техничка изводливост не е ограничена на определен вид или
доколку се работи за микробиолошки процеси и за производи добиени од таквите процеси;
– за хируршка и дијагностичка постапка или постапка за третман на живо човечко или животинско тело, со исклучок на пронајдок кој се однесува на производ, особено материја или соединение, кои служат за примена на една од овие постапки и
– чија примена е спротивна на јавниот поредок или моралот, со тоа што примената на пронајдокот не може да се смета како таква единствено заради фактот што е забранета со закон, особено пронајдоците кои се однесуваат на: процесите заклонирање и модифицирање на генетичкиот идентитет на линијата на наследство начовекот, користењето на човечките ембриони за индустриски и комерцијални цели, процесите за модификување на генетичкиот идентитет на животните кои веројатно ќе им предизвика страдање без суштинска медицинска корист за човекот или животното и, исто така, животни кои се резултат на тие процеси.
Пронајдокот е нов ако не е опфатен со состојбата на техниката. Под состојба на техниката се подразбира сé што е достапно на светската јавноста, со опишување на пронајдокот по писмен или усмен пат, со употреба или на кој било друг начин пред датумот на поднесување на пријавата за патент, на начин кој на експерт од соодветната област му овозожува да го примени.
Инвентивен придонес
Пронајдокот содржи инвентивен придонес ако за стручњак од областа, предметот на пронајдокот очигледно не произлегува од состојбата на техниката.
Индустриска применливост
Пронајдокот ќе се смета за индустриски применлив ако предметот на заштита може да се произведе или употреби во која било гранка на индустријата, вклучително и во земјоделството.
Поведување на постапка
Постапката за признавање на патент се поведува со поднесување пријава на патент до Заводот.(види ОБРАСЦИ)
Пријавата на патент содржи:
1) барање за признавање на патентот;
2) опис на пронајдокот;
3) едно или повеќе патентни барања;
4) кратка содржина на суштината на пронајдокот (апстракт);
5) нацрт (ако е потребен) на кој се повикува описот и патентното барање.
6) доказ за платена такса за пријавување; и
7) превод на македонски јазик доколку пријавата е поднесена на странски јазик.
Кон пријавата на патент, во писмена форма се поднесуваат следните состојки и прилози:
1) податоци за други подносители и изјава за заеднички представник ако пријавата е поднесена од повеќе подносители;
2) податоци за други пронајдувачи;
3) изјава од пронајдувачот дека не сака да биде наведен во пријавата, ако е побарано;
4) превод на македонски јазик ако пријавата е поднесена на странски јазик;
5) доказ за депонирање на живиот биолошки или микробиолошки материјал ако истиот е неопходен за опишување на пронајдокот согласно член 45 од Законот за индустриска сопственост;
6) попис на нуклеотидни и/или аминокиселински секвенци ако пријавата содржи откривање на една или повеќе нуклеотидни и/или аминокиселински секвенци.
7) доказ за правото на првенство согласно членовите 28, 37 и 38 од Законот за индустриска сопственост ако е побарано;
8) полномошно ако пријавата се поднесува преку застапник; и
9) доказ за платена соодветна административна такса и доказ врз основа на кој се темели намалувањето на таксата доколку постои основ за тоа.
Описот на пронајдокот содржи:
1) назив на пронајдокот кој треба кратко и јасно да ја одразува техничката природа на предметот на пронајдокот, да не содржи измислени поими, лични или трговски имиња и кратенки и да биде идентичен со оној кој се наведува во барањето за признавање на правото на патент
2) област на техниката на која се однесува пронајдокот со наведување на ознаката според Меѓународната класификација на патенти, во натамошниот текст МКП, ако таа му е позната на подносителот на пријавата;
3) приказ на техничкиот проблем за чие решение се бара заштита со патент;
4) состојба на техниката (прикажување и анализа на познатите решенија на дефинираниот технички проблем), изложена во обем кој му е познат на подносителот на пријавата, а што е неопходно за полесно разбирање на пронајдокот и испитување на пријавата, при што е пожелно да се цитираат патентните документи и останатите извори на информации кои се однесуваат на опишаната состојба на техниката;
5) изложување на суштината на пронајдокот и наведување на техничката новост на пронајдокот во однос на претходната состојба на техниката;
6) краток опис на цртежите, доколку ги има;
7) детален опис на најмалку еден од начините за остварување на пронајдокот, со наведување на примери на изводливоста; и
8) начин на индустриска или друга примена на пронајдокот доколку очигледно не произлегува од описот или од самата природа на пронајдокот.
Патентни барања
Патентното барање треба да биде составено така да го дефинира пронајдокот исклучиво со неговите технички карактеристики. Бројот на патентните барања треба да соодветствува на природата на пронајдокот за кој се бара заштита. Ако има повеќе патентни барања, нивниот редослед се означува со арапски броеви.
Кратка содржина на суштината на пронајдокот (апстракт)
Апстрактот содржи назив на пронајдокот и кратка содржина на пронајдокот кој е прикажан во описот, патентните барања и нацртот. Кусиот преглед треба да го содржи подрачјето на техниката на кој се однесува пронајдокот и треба да овозможи јасно разбирање на техничкиот проблем, решението на тој проблем и основниот начин односно начините на употреба на пронајдокот. Ако е потребно, во апстрактот се наведува и хемиската формула која од сите формули содржани во пријавата, најдобро го карактеризира пронајдокот. Апстрактот не треба да содржи наводи во врска со произволни својства и вредностите на пронајдокот, ниту наводи во врска со теоретските можности на примена.
Наводи кои не смеат да се наведуваат во пријавата
Пријавата на патент не може да содржи:
1) наводи или цртежи спротивни на законот и на моралот;
2) омаловажување на производите или постапките на кое и да е трето лице или на квалитетот и значењето на пријавата односно патентот на тоа лице. Споредбата со претходната состојба на техниката, сама по себе, не се смета како омаловажување; и
3) наводи кои очевидно не се значајни ни потребни.
Испитување на пријавата во постапка пред Заводот
При испитување на пријавата на патент Заводот испитува:
1) дали е назначен пронајдувачот;
2) дали е побарано признавање на правото на првенство;
3) дали пријавата е во согласност со правилото на единство на пронајдокот ;
4) дали одделните состојки на пријавата се во согласност со членовите 43, 44, 45, 46 и 47 на Законот за индустриска сопственост и
5) дали предметот на пријавата е пронајдок, кој на прв поглед може да се заштити со патент.
Ако се исполнети горенаведените условите подносителот на пријавата во определениот рок ги плати трошоците и таксите Заводот ќе донесе решение за признавање на патент. Податоците од решението за признавање на патент се запишуваат во регистарот на патенти на денот на донесувањето на решението и се објавуваат во службеното гласило на Заводот во рок од 90 дена од денот на донесувањето
Важност на патентот
Правото на патентот важи 20 години, сметајќи од денот на поднесување на пријавата. Важноста на правото на патентот, може да се продолжи преку 20 години, но не повеќе од пет години, во случај кога предметот на патентот е медицински производ, производ за заштита на растенија или постапка за нивно добивање, за кои пред пуштањето во промет е потребно да се изведе со закон пропишана управна постапка за одобрување.
–ПРАВДИКО–