Постапка за упис во заложниот регистар
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Заложниот регистар е вид на основен регистар во состав на Централниот регистар, без својство на правно лице, во кој задолжително се запишува невладетелскиот залог врз подвижна ствар, хартии од вредност, побарувањеи други права. Заложниот регистар е востановен со Законот за залог на подвижни ствари и права од 1998 година и се покажа како доста ефикасен и придонесе за зголемување на бројот на иструментите за реално обезбедување на доверителите. Податоците кои ги содржи заложниот регистар се јавни и никој не може да се повикува на нивно непознавање, така што секое лице има право да изврши увид и да добие податоци лично или на друг начин (телефонски, електронска пошта и сл.).
Уписот во Заложниот регистар се врши по барање на заинтересирано лице на пропишан образец во писмена или електронска форма согласно со прописите кои се однесуваат на податоците во електронски облик и електронски потпис.
Барањето кое се поднесува до Заложниот регистар мора да содржи:
– податоци за договорните страни: име и презиме, живеалиште или престојувалиште и единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ), односно назив или фирма, седиште и единствен матичен број на субјектот (ЕМБС),
– податоци за договорните страни кои се странски лица: за физичко лице – име и презиме, адреса, број на патната исправаи државата која ја издала патната исправа, а за странско правно лице – назив или фирма, седиште, идентификацонен број кој се води во странскиот регистар на правни лица и име на државата во која се наоѓа неговото седиште,
– рок на пристигнатост на побарувањето,
– вредност на обезбеденото побарување,
– правниот основ на побарувањето што се обезбедува со залогот,
– опис на залогот со доволна спецификација да може тој да се идентификува, вклучувајќи ја и вредноста на предметот на залогот и
– датум, час и место на поднесување на барањето.
По поднесување на барањето, Централниот регистар на Република Македонија издава исправа за извршен упис во Заложниот регистар веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето.
Доколку се случи Централниот регистар на Република Македонија да не издаде исправа за извршен упис во Заложниот регистар, односно не донесе решение за одбивање на барањето за издавање исправа за извршен упис во регистарот во пропишаниот рок, подносителот на барањето има право во рок од три дена да поднесе барање до писарницата на директорот на Централниот регистар на Република Македонија и директорот да донесе решение. Доколку директорот на Централниот регистар на Република Македонија нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Централниот регистар на Република Македонија.Кон барањето треба да се достави и копија од првобитното барање за упис во регистарот.
Директорот на Централниот регистар на Република Македонија е должен во рок од пет работни дена од денот на поднесувањето на барањето до писарницата, да донесе решение со кое барањето е уважено или одбиено. Доколку пак директорот на Централниот регистар на Република Македонија не донесе решение во пропишаниот рок, подносителот на барањето може да го извести државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена. Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето да изврши надзор во Централниот регистар на Република Македонија дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор го известува подносителот на барањето за преземените мерки.
Инспекторот од државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува директорот на Централниот регистар на Република Македонија во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето, и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Доколку директорот на Централниот регистар на Република Македонија не одлучи во рокот од, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој директорот на Централниот регистар на Република Македонија ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена го известува подносителот на барањето за преземените мерки.
Доколку директорот на Централниот регистар на Република Македонија не одлучи и во дополнителниот рок, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок ќе го извести подносителот на барањето за преземените мерки.
Доколку инспекторот не постапи по известувањето, подносителот на барањето во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањето и/или не поднесе пријава, директорот на државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во Централниот регистар дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор ќе го известува подносителот на барањето за преземените мерки.Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го извести подносителот на барањето за преземените мерки. Во тој случајот, директорот на Државниот управен инспекторат, веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.
Доколку директорот на Централниот регистар на Република Македонија не одлучи во рокот, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.Постапката пред Управниот суд е итна
За извршениот упис, настанатите промени и престанокот на заложното право се издава исправа, во писмена или електронска форма согласно со прописите кои се однесуваат на податоците во електронски облик и електронски потпис.Исправата за упис, мора да ги содржи битните елементи од договорот за залог, денот и часот на приемот на барањето во регистарот, како и времето на издавањето на исправата.
На секое пристигнато барање во писмена форма одговорното лице во Заложниот регистар мора веднаш да го потврди денот и часот на приемот и бројот под кој се заведува во Заложниот регистар, и веднаш по приемот скенира, се снима и се чува како електронски запис во базата на податоци во Централниот регистар, а оригиналното барање му се враќа на подносителот на барањето. Барањето доставено во електронска форма добива број под кој се заведува во Заложниот регистар со денот и часот на приемот и се чува како електронски запис во базата на податоци во Централниот регистар на Република Македонија.
Ако барањето не ги содржи потребните податоци предвидени со овој закон или ако не се платени соодветните трошоци, за отстранување на недостатоците ќе биде определен дополнителен рок, но не подолг од пет дена, во кој подносителот на барањето е должен да ги отстрани недостатоците. Доколку подносителот на барањето не ги отстрани недостатоците ќе го отфрли барањето
Со поднесување на писмен доказ дека обврската е извршена се врши бришење од заложниот регистар каде се издава посебна потврда.
–ПРАВДИКО–