Постапка за вонсудско спогодување | Правдико

Правдико

   

Постапка за вонсудско спогодување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Corporate-Handshake-with-business-people-in-the-backgroundПостапка за вонсудско спогодување се спроведува со цел на должникот кој станал неликвиден и/или инсолвентен да му се овозможи  финансиско реструктуирање врз основа на кое ќе постане ликвиден и солвентен и  на доверителите да им се овозможат поповолни можности за намирување на нивните побарувања од можностите кои би ги добиле со отворање на стечајна постапка спрема должникот. Оваа постапка има за цел спречување на должникот да отвори стечајна постапка, на тој начин што доверителите доброволно гласаат за прифаќање на изготвениот план за финансиско реструктуирање на должникот и негово враќање во состојба на ликвидност и солвентност.

Постапката за вонсудско спогодување може да се спроведе врз:
– трговско друштво или трговец поединец основан согласно со Законот за трговските друштва и
– други правни и физички лица кои се основани согласно со закон и вршат профитни дејности.

Како органи  во оваа постапката  се спогодбен совет и повереник.

Постапката на вонсудско спогодување ја води спогодбен совет составен од три члена од кои едниот е претстедател на советот.  Претседателот и членовите на спогодбениот совет ги именува министерот за економија.

Спогодбениот совет се грижи и дава упатства на повереникот за испитување на состојбата на средствата и работењето на должникот, за прегледување на пописот на доверители, пописот на должниковите должници, пријавени побарувања и други работи во врска со подготвување на испитната постапка, односно одлучувањето на спогодбениот совет.

Повереникот на вонсудско спогодување е должен да:

1) ја испита веродостојноста на доставената документација од аспект на работењето и имотот на должникот;
2) ги прегледа пријавените побарувања;
3) го следи финансиското работење на должникот;
4) го информира спогодбениот совет ако должникот постапува спротивнона обврските;
5) го следи ажурното и целосното намирување на трошоците на постапката на вонсудско спогодување;
6) го следи ажурното и целосното исполнување на должниковите обврски спрема доверителите според склучената вонсудска спогодба .

Поведување на постапката

Должникот кој се наоѓа во состојба на неликвидност или инсолвентност е должен да предложи отворање на постапка за вонсудско спогодување. Карактеристично во оваа постапка е тоа дека до завршување на постапката за вонсудско спогодување не е дозволено да се отвора стечајна постапка. 

Предлогот за отворање на постапка за вонсудско спогодување се доставува до Министерството за економија. Во предлогот должникот е должен да достави извештај за финансиската состојба и работењето на должникот, план за финансиско реструктуирањеплан за оперативно преструктуирање, извештај од овластен проценувач кој содржи процена на вредноста на друштвото и позитивно мислење на планот за финансиско и оперативно реструктуирање, попис на имотот и правата на должникот кои се запишани во соодветни уписници и  опис на преговорите со доверителите, доколку ги имало и кои му претходеле на предлогот за отворање на постапката, вклучувајќи и потребни известувања доставени до доверителите кои учествуваат во постапката.

Спогодбениот совет е должен да одлучи со решение дали ќе отвори постапка за вонсудско спогодување или не во рок од осум дена од денот на добивањето на предлогот. Доколку се донесе одлука за отворање на постапка за вонсудско спогодување доверителите се известуваат со оглас. Исто така со огласот се врши повикување на сите доверители во рок од 15 дена од денот на објавувањето на огласот на веб страницата на Централниот регистар да поднесат пријави до спогодбениот совет за своите побарувања. Огласот се објавува на веб страницата на Централниот регистар наредниот ден од денот на донесувањето на решението за отворање на постапка за вонсудско спогодување.

Со утврдувањето на побарувањата на доверителите и образложување на предлогот за вонсудско спогодување и прифаќањето на планот за финансиско реструктуирање од страна на доверителите, спогодбениот совет донесува решение.

Должникот е должен во рок од три дена од денот на правосилноста на решението да поднесе до надлежниот нотар предлог за склучување на вонсудска спогодба. Нотарот врз основа на доставените исправи  закажува рочиште за склучување на вонсудска спогодба кое се одржува рок од 15 дена од денот на поднесувањето на предлогот.

Нотарот со решение ја одобрува склучената вонсудска спогодба која содржи особено:

1) содржина на склучената спогодба и
2) список на доверители чии побарувања не се оспорени со назначување на утврдените износи и намалени износи на нивните побарувања.

Содржината на вонсудската спогодба мора да биде истоветен со содржината на прифатениот план за финансиско реструктуирање.

Правни последици

Во периодот од отворање на постапката за вонсудско спогодување до нејзиното завршување, должникот може да врши исплати само со претходна согласност од повереникот на вонсудското спогодување. Постапките на извршување и обезбедување кои започнале пред отворање на постапка за вонсудско спогодување, се прекинуваат. Исто така за време на траењето на постапката за вонсудско спогодување не може против должникот да се дозволи извршување заради обезбедување, ниту извршување заради намирување на побарувања врз основа на претходно донесена извршна исправа.

Врз основа на вонсудската спогодба должникот се ослободува од обврската на доверителот да му исплати поголем процент од утврдениот во вонсудската спогодба, а роковите за плаќање се одлагаат според вонсудската спогодба.Ако должникот по склучување на вонсудска спогодба на доверителите им исплати износ над процентот утврден во вонсудската спогодба, нема право на враќање на тој износ.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико