Постапка за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд | Правдико

Правдико

   

Постапка за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

HumanRightsWorld-Report-2010-China2Пред Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин може да покрене постапка за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд. Барањето за заштита на слободите и правата се доставува на одговор до донесувачот на поединечниот акт, односно органот што презел дејство со кое тие се повредуваат, во рок од 3 дена од денот на поднесувањето. Рокот за одговор изнесува 15 дена.

Најдоцна во рок од 30 дена од денот кога предметот е даден во работа, се поднесува реферат за седница или Судот се известува за текот на постапката.

court-480x360За заштита на слободите и правата Уставниот суд одлучува, по правило, врз основа на одржана јавна расправа. На јавната расправа се покануваат учесниците во постапката и народниот правобранител, а по потреба можат да се повикаат и други лица, органи или организации. Јавната расправа може да се одржи и ако некој од учесниците во постапката или народниот правобранител не присуствуваат, доколку се уредно поканети.

Со одлуката за заштита на слободите и правата Уставниот суд ќе утврди дали постои нивна повреда и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт, ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата или ќе го одбие барањето.

Во текот на постапката Уставниот суд може да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечниот акт или дејство до донесување конечна одлука. Со одлука со која Уставниот суд одлучува за заштита на слободите и правата  ќе го определи и начинот на отстранувањето на последиците од примената на поединечниот акт или дејство со кои тие права и слободи биле повредени.

Одлуките со кои Судот одлучува за заштита на слободите и правата утврдени со Уставот ги извршува органот или организацијата што го донела поединечниот акт што со одлука на Судот е поништен, односно органот или организација што го презела дејството кое Уставниот суд со одлука го забранил.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико