Постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните пред народниот правобранител
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Народниот правобранител е орган на Република Македонија чија надлежност е заштита на уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица во ситуации кога истите им се повредени со акти, дејствија и пропуштања на дејствија од страна на органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања.
Народниот правобранител презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби.
Народниот правобранител обезбедува и посебна заштита на правата на децата, лицата со посебни потреби, лицата кои се предмет на тортура и друг вид на свирепо, нечовечко или понижувачко постапување или казнување во органите, организациите и установите во кои слободата на движењето е ограничена и презема дејствија и мерки за заштита од неоправдано одолжување на судските постапки или несовесно и неодговорно вршење на работите на судските служби, неповредувајќи ги принципите на самостојност и независност на судската власт.
Постапката за заштита на уставните и законските права на граѓаните Народниот правобранител ја покренува по сопствена иницијатива или по поднесена претставка. Секое лице кое ќе оцени дека му се повредени уставните и законските права или, пак, дека е повредено начелото на недискриминација или начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби може, писмено или усно на записник, да поднесе претставка до Народниот правобранител. Лицата лишени од слобода, пак, имаат право да претставката до Народниот правобранител ја достават во затворен плик, без проверка на истата од страна на службените лица вработени во органот, организацијата или установата во која се сместени, како и без проверка да добијат одговор во затворен плик.
Претставката со која се иницира постапката неопходно е да биде потпишана од страна на подносителот и истата треба да содржи:
-лични податоци за подносителот,
-назив на органот, организацијата, установата или лицето на кое се однесува,
-околностите, фактите и доказите врз кои се темели, како и
-дали подносителот вложил правни средства и доколку вложил – кои правни средства ги вложил.
Народниот правобранител, постапувајќи по претставката, може:
1. Да не покрене постапка, а истото во случај кога:
-претставката е анонимна, освен доколку се работи за прашање од општ интерес;
-претставката не е комплетна, а подносителот, по претходното укажување од Народниот правобранител, не ја дополнил претставката;
-од претставката се констатира дека се работи за помалку значаен случај кој и по завршеното испитување не би можел да даде соодветни резултати;
-од самата претставка, околностите и приложените факти и докази произлегува дека не се работи за повреда на уставните и законските права на подносителот или лицето во име на кое е поднесена претставката;
-не е надлежен да постапува;
-од дејствието или од последната одлука на органот, организацијата или установата изминало повеќе од една година, освен доколку оцени дека подносителот го пропуштил рокот од оправдани причини и
-по предметот на претставката во тек е судска постапка, освен доколку претставката се однесува на неоправдано одолжување на судската постапка или несовесно и неодговорно вршење на работите на судските служби.
2. Да покрене постапка и
3. Да ја запре или прекине постапката, а истото во случај кога
-по завршувањето на постапката по претставката констатира дека не се работи за повреда на уставните и законските права на подносителот од органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања;
-во текот на постапката по претставката подносителот ќе поведе судска постапка;
-подносителот на претставката не ќе покажува интерес за натамошно водење на постапката;
-подносителот во текот на постапката ќе ја повлече претставката;
-во текот на постапката подносителот на претставката ќе почине, освен во случај кога наследниците ќе бараат продолжување на започнатата постапка и
-подносителот, во текот на постапката, ќе го оствари правото од претставката.
Доколку Народниот правобранител одлучи да не покрене постапка по претставката или да ја запре или прекине постапката по претставката истиот е должен, во рок од 15 дена од денот на приемот на претставката, односно од денот на настанувањето на околноста за запирање или прекинување на постапката, да го извести подносителот на претставката и да му ги објасни причините поради кои ја отфрла претставката, односно причините поради кои ја запира или прекинува постапката и по можност да му го појасни начинот на кој може да го оствари правото.
Народниот правобранител ќе покрене постапка по сопствена иницијатива или по поднесена претставка доколку од наводите, доказите и фактите приложени кон претставката или од сознанијата добиени на друг начин основано произлегува дека од страна органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања се повредени уставните и законските права на граѓаните или се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припаднците на заедниците.
Доколку Народниот правобранител покрене постапка по сопствена иницијатива или, пак, доколку друго лице, во име на оштетениот, му се обрати со претставка, за покренување на постапката потребна е и согласност од оштетениот на кого му се повредени уставните и законските права или начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. Меѓутоа, кога Народниот правобранител покренува постапка по сопствена иницијатива за повреда на уставните и законските права на поголем број граѓани, малолетни, немоќни и лица со посебни потреби и со одземена деловна способност, како и лица кои се предмет на тортура и друг вид на свирепо, нечовечко или понижувачко постапување или казнување во органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена, согласност од оштетените не е потребна. За покренувањето на постапката Народниот правобранител само ги известува лицата на кои таа се однесува, во рок од 15 дена од денот на покренувањето на постапката.
Со цел испитување на претставката Народниот правобранител, во рамките на својата надлежност,може:
-да побара објаснувања, информации и докази за наводите наведени во претставката;
-да влезе во службените простории и да изврши непосреден увид во предметите и работите од надлежност на органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања;
-да повика на разговор избрано или именувано лице, службено лице или друго лице кое може да даде определени податоци во постапката;
-да побара мислење од научни и стручни институции и
-да преземе други дејствија и мерки определени со закон или друг пропис.
Органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања, пак, се должни да соработуваат со Народниот правобранител на начин што, на негово барање, без оглед на степенот на доверливост, ќе обезбедат докази, податоци и информации неопходни за непречено спроведување на постапката. На барање на Народниот правобранител, претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија и другите функционери кои раководат со органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања, се должни да го примат лично и без одлагање.
Кога, врз основа на спроведената постапка, Народниот правобранител ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката од страна на органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања или, пак, се направени други неправилности, истиот може:
-да даде препораки, предлози, мислења и укажувања за начинот на отстранување на констатираните повреди;
-да предложи повторно спроведување на определена постапка, согласно со законот;
-да покрене иницијатива за поведување на дисциплинска постапка против службено, односно одговорно лице и
– да поднесе барање до надлежниот јавен обвинител за покренување на постапка заради утврдување на казнена одговорност.
Доколку Народниот правобранител, покрај констатираната повреда, оцени и дека извршувањето на управниот акт ќе произведе ненадоместлива штета за правото на заинтересираното лице, истиот е должен да бара:
-времено одложување на извршувањето на управниот акт до одлуката на второстепениот орган или
-времено одложување на извршувањето на управниот акт до донесување на одлука од надлежниот суд.
Органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања се должни да го известат Народниот правобранител за преземените мерки за спроведување на неговите барања, предлози, мислења, препораки или укажувања, во рокот што тој ќе го определи, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето доставено од Народниот правобранител. Доколку органот не го извести Народниот правобранител или, пак, неговите заклучоци, барања, предлози, мислења, препораки или укажувања само делумно ги прифати, Народниот правобранител е должен да, со посебен извештај, го информира непосредно повисокиот орган, функционерот кој раководи со органот или Владата на Република Македонија, а доколку и тие не ги преземат потребните мерки, тогаш Собранието на Република Македонија. Народниот правобранител може, кога е утврдена повреда на уставните и законските права, на трошок на органот на која се однесува предметот, случајот да го објави во средствата за јавно информирање.
Кога, пак, органите на државната управа и другите органи и организации кои имаат јавни овластувања, во определениот рок, ќе постапат по барањата, препораките, мислењата, предлозите и укажувањата, Народниот правобранител ќе констатира дека постапката е завршена и за тоа ќе го извести подносителот на претставката.
Автор: Н.С.
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Во кои области можете да побарате заштита од Народниот правобранител