Постапки за стекнување државјанство на РМ | Правдико

Правдико

   

Постапки за стекнување државјанство на РМ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

znameДРЖАВЈАНСТВО е правна врска меѓу Вас и државата и не го означува Вашето етничко потекло

Согласно Уставот, државјанството на Република Македонија (РМ) е уредено со закон и не може да се одземе. Законот со кој се уредува државјанството е Законот за државјанството од 1992 година изменет и дополнет со Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството од 2004 година.

КАКО ДА СТАНАМ ДРЖАВЈАНИН НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?
* Со потекло, односно, ако сте родени од родител/родители кој/кои е/се државјанин/државјани на Република Македонија
* Во исклучителни околности, со раѓање во  Република  Македонија
* Со природување

СО ПОТЕКЛО ИЛИ СО РАЃАЊЕ

ШТО Е ДРЖАВЈАНСТВО СО ПОТЕКЛО ?

По раѓањето, Вашето дете стекнува држав­јанство на РМ, доколку барем еден од Вас родителите е државјанин на РМ.

Односно, Вашето дете стекнува  државјанство на РМ со потекло кога ќе бидат исполнети следниве услови:
* Ако и двајцата сте државјани на РМ, вашето дете стекнува држав­јанство на РМ независно од тоа каде е родено.
* Ако еден од вас е државјанин на РМ и ако вашето дете е родено во РМ, тогаш Вашиот брачен другар мора да се согласи со тоа вашето дете да стекне државјанство на РМ.
* Доколку вашето дете се роди во странство, а само еден од вас е државјанин на РМ, тогаш вашето дете ќе стекне државјанство на РМ, доколку:

– Поднесете барање за запишување на Вашето дете во книгата на државјани, пред тоа да наполни 18 години; или
– Вашето дете се враќа да живее во РМ со Вас, пред да наполни 18 години; или
– Вашето дете со наполнети 18 до навршени 23 години возраст поднесе барање за запишување во книгата на државјани.

Забележете дека, доколку другиот родител е непознат или со непознато државјанство, Вашето дете ќе стекне држав­јанство на РМ со потекло, независно од тоа каде е родено!

КОИ ДОКУМЕНТИ ТРЕБА ДА ГИ ПОДНЕСАМ ДО ПОДРАЧНАТА ЕДИНИЦА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ?

Заедно со барањето (формуларот) треба да ги  поднесете следниве документи:
* извод од матичната книга на родените на детето;
* доказ за државјанство на РМ на родителите;
* доколку детето е малолетно, согласност од родителот  кој не е државјанин на РМ;
* лична карта на родителот или старателот;
* регулирано полномошно, доколку барањето се поднесува од овластено лице.

Забележете дека формуларот за запишување и формуларот за согласност се издаваат бесплатно во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВАМ АКО МОЕТО ДЕТЕ Е РОДЕНО ВО СТРАНСТВО?

Треба да поднесете барање за запишување во книгата на родени и регистарот на државјани во матичната служба во местото на живеење на родителот кој е државјанин на РМ.  Ако сте во странство, раѓањето треба да го пријавите во најблиската  амбасада или во најблискиот конзулат на РМ.

ШТО АКО ПОСВОЈАМ ДЕТЕ?

Вашето целосно посвоено дете, исто така, ќе се стекне со државјанство на РМ со ПОТЕКЛО, доколку двајцата или еден од вас родителите е државјанин на РМ.

ДАЛИ СЕКОЕ ДЕТЕ РОДЕНО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СЕ СТЕКНУВА СО ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ?
Не, само оние деца на кои најмалку еден од родителите им е државјанин на РМ. Меѓутоа, ако детето е најдено или родено во РМ и ако родителите се непознати, или се со непознато државјанство или се без државјанство тогаш тоа дете стекнува државјанство на РМ.  Државјанството на детето во ваков случај ќе му престане ако до наполнети 15 години живот се утврди дека родителите му се странски државјани и доколку детето со тоа нема да остане без државјанство.

ПРИРОДУВАЊЕ

ШТО ЗНАЧИ ПРИРОДУВАЊЕ?

Ако како возрасен доброволно се стекнете со државјанството на државата во која престојувате,  откако сте ги исполниле условите од законот на таа држава тогаш сте стекнале државјанство со природување. Во РМ, природувањето може да биде пред се  врз основа на годините на законски престој или на брак со државјанин на РМ. Ако стекнете државјанство на РМ со природување, Вашите малолетни деца, исто така, ќе го добијат истото државјанство, но запомнете дека податоците за нив треба да ги вклучите во вашето барање за прием во државјанство на РМ.  Подолу во оваа брошура ви се објаснети неколку различни начини на стекнување државјанство на РМ со природување.

КАКО ДА ПОДНЕСАМ БАРАЊЕ?

ТРЕБА ЛИЧНО ДА ПОДНЕСЕТЕ ПОПОЛНЕТ ФОРМУЛАР – БАРАЊЕ (се дава бесплатно во секоја подрачна единица на Министерството за внатрешни работи) во подрачната единица на МИНИС­ТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ којашто се наоѓа во вашето место на живеење.  Запомнете дека треба со вас да ги носите и ПОТРЕБНИТЕ ДОКУМЕНТИ.  НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА ГИ ВКЛУЧИТЕ И МАЛОЛЕТНИТЕ ДЕЦА ВО ВАШЕТО БАРАЊЕ ЗА ПРИЕМ ВО ДРЖАВЈАН­СТВОТО НА РМ.

ДАЛИ ТРЕБА ДА ПЛАТАМ ТАКСА ?

Да, треба да платите административна такса од 100 евра. Пред да го поднесете барањето треба да уплатите 20 евра  и потврдата од пошта/банка дека сте ги уплатиле треба да ја приложите заедно со барањето. Останатите 80 евра треба да ги уплатите ако добиете државјанство на РМ пред да си го подигнете решението во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи. И за тоа треба да доставите потврда од пошта/банка.

КАКО ДА УПЛАТАМ?

Уплаќате во денарска противредност на даночна уплатница со назнака за Републички буџет на РМ на жиро-сметка чиј број ќе Ви го кажат во поштата/банката каде уплаќате.

ВАЖНО!

МОЖЕ ДА ПОБАРАТЕ ОД МИНИС­ТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ДА БИДЕТЕ ОСЛОБОДЕНИ ОД ПЛАЌАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНАТА ТАКСА, АКО ЕДИНСТВЕН ИЗВОР НА СРЕДСТВА ВО ВАШЕТО ДОМАЌИНСТВО Е ПОСТО­ЈАНАТА ПАРИЧНА ПОМОШ ИЛИ СОЦИЈАЛНАТА  ПАРИЧНА ПОМОШ  ШТО ВИ ЈА ДАВА ДРЖАВАТА .

Извор: Министерство за внатрешни работи

Партнери на Правдико