Поставувањето отров е кривично дело – казни за сите што ќе се обидат да трујат кучиња | Правдико

Правдико

   

Поставувањето отров е кривично дело – казни за сите што ќе се обидат да трујат кучиња

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Превентивни мерки, како што се делење флаери со јасно напишана порака дека поставувањето на отров е кривично дело, биле договорени во петок на состанокот меѓу Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, командирот на полициската станица Центар и претставници на „Анима Мунди“.

Состанокот следи откако беше регистрирано поставување на отров за кучиња, особено во Дебар Маало и Капиштец.

„Грозоморните слики од отруени кучиња ја прелеаа чашата, бидејќи ова е опасност не само за миленичињата, туку и за луѓето, особено децата“, се вели во соопштението.

„Се договоривме полицијата да биде присутна на терен и да се работи на едукација во наредниот период“, рече Стојан Велковски од “Анима Мунди“.

За вакво дело следуваат законски казни, дециден беше командирот на ПС “Центар“, Дарко Милевски.

“За вакво кривично дело нема толеранција. Договоривме превентивни мерки и укажавме дека ќе следуваат и санкции“, рече командирот Милевски.

Општина Центар и градоначалникот Жерновски беа први кои иницираа ваква средба, на која отворено се разговараше и се договорија наредни состаноци за наоѓање решение.

“Општина Центар нема изворни ингеренции за конечно и целосно решавање на проблемот со труење на животните, и затоа е неопходно вклучување на сите надлежни институции, за да конечно се преземат конкретни и решителни чекори за спречување на труење на домашните миленичиња. Нема да дозволиме граѓаните и домашните миленици да бидат доведени во опасност. Секој кој ќе направи вакво нешто, треба да знае дека му следува казна“, рече Жерновски.

Граѓаните кои ќе констатираат дека некаде има фрлено отров, треба да се јават во полициска станица, на телефонскиот број 192.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико