Потребни услови за добивање лиценца за медијатор | Правдико

Правдико

   

Потребни услови за добивање лиценца за медијатор

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sl-3Медијација е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот  да го решат по пат на преговарање,  на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори, со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

Медијатор може да биде  деловно способно физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи . Лиценца за медијатор му се издава на лицето кое ќе го положи испитот за проверка на теоретските познавања и практичните вештини на медијацијата  пред Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите   на медијацијата и ќе презентира склучен  договор за осигурување од одговорност за штета .

Издадената лиценца важи пет години и истата може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на работењето на медијаторот. Евалуацијата на квалитетот на работењето на медијаторите ја врши Одборот најмалку еднаш во пет години согласно со методологијата и постапката за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите.

Испитот за медијатор можат да го полагаат лицата кои до Одборот доставиле пријава за полагање испит заедно со доказ за:

а) завршено високо образование VII/I или 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија или решение за признавање на соодветна  високообразовна  квалификација  стекната  во  странство  издадено  од Министерството на образование и наука;

б)   завршена обука според акредитирана програма за обука на медијатори од најмалку 70 часа во Република Македонија, односно странство, или решение за признавање на соодветна обука завршена во странство донесено од Одборот;

в) најмалку три години работно искуство по дипломирањето;

г) проследени најмалку четири постапки за медијација спроведени од медијатор  за што е издадена потврда од медијатор  поткрепена заедно со извод од Регистарот за евиденција на постапките за медијација за соодветните постапки;

д) спроведен психолошки тест и тест на интегритет издаден од лиценцирано стручно лице;

ѓ) уверение за државјанство на Република Македонија и

е) најмалку пет препораки од лица кои професионално го познаваат апликантот.

Со испитот за медијатор се проверува познавањето и разбирањето за општата теорија, правните прописи со кои се уредува дејноста медијатор, процесот и постапката на медијација и практика за медијацијата, врз основа на писмени тестови, есеи и извештаи.

Испитот се состои од три дела, и тоа:

прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење,

втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за спроведување на процес на медијација во практиката и

трет дел, во кој се оценуваат личните особини и карактеристики и практичните вештини, способности и знаења за медијација.

Испитот се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер од сферата на:

1) знаење за медијација;

2) вештини на медијаторот;

3) градење на добри односи;

4) мотивирање на учесниците за процесот на медијација;

5) реализирање на комуникацијата меѓу учесниците;

6) регулирање на процесот на медијација и

7) разбирање со содржината на конфликтното прашање.

Вториот дел на испитот се состои од студија на два индивидуални случаи за спроведување на постапка на медијација и прашања што  треба лицето да ги одговори врз основа на анализата на случајот.

Третиот дел на испитот се реализира како интервју со лицето со цел да се оценат неговите  лични  особини,  карактеристики  и  потребните  вештини  и  способности  за медијатор да ги слуша страните, да го разбере кажаното од нив и да го парафразира, сублимира и елоквентно презентира пред нив во форма што ги изразува нивните интереси. Лицето преку одреден случај (играње на улога) треба да ги демонстрира и презентира постапките и техниките на медијацијата.

Испитот се полага два пати во текот на годината според програма   во која се содржани градивото и прописите.

За вршење медијација во спорни односи од одредени области каде што со закон е предвиден задолжителен обид за медијација, можат да се утврдат дополнителни услови, кои покрај горенаведените услови  , треба да ги исполнува лицето за полагање на испит за медијатор во дадената област, како и надзорот и контролата над нивното работење. За овие случаи во лиценцата на медијаторот се внесува податок за специфичната област.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико