Повик за адвокати за учество на обука за бесплатна правна помош во случаи на задржување странци од имиграциски причини
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.I. За практиките на задржување странци во Македонија од имиграциски причини
Како одговор на зголемената прекугранична миграција во регионот, задржувањето на странци од имиграциски причини стана растечка појава во Македонија во последните неколку години. Овој феномен ја зголеми загриженоста околу можни повреди на човековите права на странските државјани кои се задржани помеѓу македонските граници.
Според наодите на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) забележани во извештаите на оваа тема (2016-2018) , мнозинството бегалци и мигранти интервјуирани од страна на МЗМП изјавиле дека не биле информирани за нивните права по нивното приведување од страна на полицијата и дека документите што ги добиле во државата не биле можност да ги разберат затоа што биле на македонски јазик. Ова резултирало со отежнат пристап до правна помош и неможност да започнат постапка во која ќе го оспорат задржувањето.
Ефективната правна помош и можноста за соодветно оспорување на законитоста на задржувањето се основни заштитни мерки против произволното задржување. Важно е да се обезбеди пристап до правна помош за барателите на азил, бегалците и мигрантите задржани од имиграциски причини. Правната помош е клучна во обезбедувањето пристап до правда и како основно човеково право и како средство за заштита на другите човекови права. Следствено, мигрантите и бегалците имаат потреба од соодветен пристап до ефикасни правни лекови, зголемена сензитивност од страна на адвокатите и соодветен пристап до правна помош.
II. Обука на тема „Бесплатна правна помош во случаи на задржување странци од имиграциски причини“
Mакедонското здружение на млади правници (МЗМП), во рамките на проектот на УСАИД за заштита на бегалците и мигрантите ги поканува заинтересираните адвокати да изразат интерес за учество на обуката на тема „Бесплатна правна помош во случаи на задржување на странци од имиграциски причини“.
На обуката ќе се разгледа и дискутира задржувањето на странци од имиграциски причини во рамки на националното законодавство и меѓународните стандарди, како и потребата за застапување на национално ниво и пред Европскиот суд за човекови права. Учесниците ќе бидат во можност да ги зголемат знаењата и вештините за обезбедување на соодветна правна помош и застапување на мигранти и бегалци кои се задржувани Македонија поради имиграциски причини. Обуката ќе ја водат г-ѓа Ивана Роања, адвокатка во Италија, со повеќегодишно искуство во правото од областа на азилот и миграциите и еден домашен експерт.
Обуката ќе се одржи од 15 до 17 април 2019 година (надвор од Скопје), а работниот јазик ќе биде англиски со обезбеден симултан превод на македонски јазик и обратно. Трошоците за организација, сместување и превоз на учесниците ќе бидат покриени од страна на МЗМП. МЗМП ги поканува сите заинтересирани адвокати кои имаат познавање и интерес од областа на заштита на човековите права да достават свое резиме/CV на електронската адреса mmartinova@myla.org.mk најдоцна до 05.04.2019 година (петок). Услов за апликација е адвокатите да не посетувале некоја од обуките кои МЗМП до сега ги има организирано на оваа тема.
Поради ограничен број на учесници, изборот на адвокатите кои ќе се пријават за обуката ќе биде направен по принципот прв дојден, прв услужен.
III. За Македонското здружение на млади правници (МЗМП)
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) е независна, професионална и непрофитна организација која обезбедува правна помош и стратешко застапување за заштита на човековите права. Користејќи го знаењето и иновативните капацитети на младите правници, МЗМП промовира владеење на правото и влијае врз политиките преку истражување и застапување. МЗМП се залага за општество во кое ќе се воспостави владеење на правото и луѓе кои активно се залагаат за почитување на човековите права.