Поволности при вработување на инвалидни лица | Правдико

Правдико

   

Поволности при вработување на инвалидни лица

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

disabled employeesКако инвалидно лице, согласно Законот за вработување на инвалидни лица се смета  лице со оштетен вид, оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидно лице, лице со пречки во интелектуалниот развиток и лице со комбинирани пречки кое поради степенот на инвалидност има специфични потреби во работењето. Инвалидно лице се смета и инвалид на трудот со преостаната или намалена работна способност и ако се води во евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија како невработено лице.

Инвалидноста врз основа на поднесено барање од инвалидно лице, неговиот родител или старател ја утврдува комисија за оцена на работната способност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија , освен ако инвалидноста на лицето не е утврдена од друг надлежен орган.

Предвидени мерки за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидно лице се:

– доделување на неповратни средства за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи инвалидното лице доколку таа е потребна и набавка на опрема според критериумите и на начин утврден со акт на министерот за труд и социјална политика;

– ослободување од даноци и обезбедување на средства за придонеси и

– финансиска поддршка во работењето.

Заради финансирање на работите за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидни лица, адаптација на работно место и набавка на опрема 10% од вкупно  остварените средства од постојниот придонес за вработување се издвојуваат на потсметката во Агенцијата (Посебен фонд) најдоцна до 30 во месецот за претходниот месец.

87513295Неповратните средства од Посебниот фонд се доделуваат за:

1.вработување на инвалидно лице  на неопределено време во висина од 20 просечни плати исплатени во Република Македонија за претходната година пред вработувањето, односно 40 просечни плати исплатени во Република Македонија за претходната година пред вработувањето за вработување на  слепо лице со оштетеност на видот од 90% до 100%  и телесно инвалидно лице на кое заради движење му е потребна инвалидска количка;

2.адаптација на работно место во висина до 100.000 денари и истите можат повторно да се користат ако тоа го налагаат промените на техничко-технолошкиот процес или видот и степенот на инвалидноста на инвалидното лице и

3. набавка на опрема во висина до 200 просечни плати исплатени во Република Македонија во претходната година, при што барателот во пресметковната вредност на програмата треба да учествува со сопствено учество од 20% (сопствени средства, кредит од банка или лични средства на сопственикот на фирмата), а износот на доделените средства може да биде најмногу до висината на имотот и трајниот капитал заведен во книгите на барателот (основачки влог, опрема, градежни и деловни објекти, дуќани и слично) и достави хипотека во однос 2:1 или банкарска гаранција во висина на одобрените средства. Хипотеката или банкарската гаранција да е со важност од најмалку три години.

Барањето за доделување на неповратни средства од Посебниот фонд се поднесува до Управниот  одбор  на  Агенцијата  за  вработување  на  Република  Македонија  Скопје ,  преку  центарот  за  вработување  на  чие  подрачје  е седиштето на работодавачот. Фотокопија  од  барањето  се  поднесува  и  до  Заедницата  на  заштитни  друштва  на Македонија ЗАПОВИМ Скопје или до Стопанската интересна заедница на заштитни трговски друштва и трговски друштва кои вработуваат инвалидни лица и лица со посебни потреби на Македонија – Куманово.

Во остварување на своите функции, Заедницата на заштитни друштва׃

• Врши увид во работењето на заштитните друштва, води евиденција на вработени инвалидни лица од член 2 став 1 од Законот за вработување на инвалидни лица и инвалиди на трудот во заштитните друштва и бројот и структурата на вработените во заштитните друштва;
• Води евиденција на инвалидните лица кога самостојно вршат дејносткако трговци поединци или се вработени кај работодавач кој не е заштитно друштво;
• Ги подржува иницијативите на работодавачите кои и сакаат да формираат заштитно друштво, укажува на условите, роковите и постапката од регистрација или пререгистрација на фирмата, почеток на работа како заштитно друштво и во текот на работењето;
• Укажува на постапката, условите и роковите за користење на неповратни стредства од Посебниот фонд за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице доколку таа е потребна и за набавка на опрема и дава соодветно мислење;
• При вработување на инвалидни лица укажува на постапката и дава непосредна помош во комплетирањето и поднесувањето на барањето за добивање на Наод и мислење за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветно работно место;
• Ги врши административните работи на Комисијата при Министерството за труд и социјална политика за донесување на Наоди мислење за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветно работно место и води евиденција за издадените Наоди и мислења;
• По пат на дописи редовно ги информира членките за промените во законската регулатива, редовно ги посетува при поднесувањето на барања за неповратни сретства од Посебниот фонд и остварува тековни посети заради увид во посебните услови за вработување и работење на инвалидните лица;
• При позначајни промени на законот и прописите кои го регулираат работењето на заштитните друштва, издава печатени прегледи на прописите и по потреба одржува регионални средби заради појаснување на промените при што на овие средби се повикуваат и претставници на други заинтересирани субјекти;
• Остварува непосредна соработка со Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, Министерство за финансии и Генералната дирекција на Управата за јавни приходи, Фондот на ПИОМ, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за здравство, Централниот регистар на Република Македонија заради создавање на законски, материјално-финансиски и други претпоставки и услови за успешна и континуирана работа на заштитните друштва и нивен развој, а заради остварување на заедничките цели и задачи во унапредувањето на вработувањето на инвалидни лица во заштитни друштва.
• Ја следи практичната примена на законите и прописите и нивниот одраз врз работењето на заштитните друштва, а посебно на Законите и прописите кои ја определуваат рамката на работењето на заштитните друштва;
• Ја следи законодавната активност на Собранието на Владата на Република Македонија за вградување на интересите на заштитните друштва во прописите што се донесуваат;

Кон пополнетото барање за доделување на неповратни средства од Посебниот фонд  се доставуваат следните документи:

– пријава до Државниот инспекторат за труд за отпочнување на вршење на дејност или решение  за  вршење  на  дејност  како  доказ  дека  работните  и  помошните  простории  и опремата ги исполнуваат минимално-техничките услови и пропишаните мерки, нормативи и стандарди за вршење на соодветната дејност;

– бонитет издаден од Централниот регистар на Република Македонија (Информација за економско финансиската состојба на субјектот);

– доказ дека против работодавачот не е покрената постапка за стечај;

– потврда од Заедницата дека инвалидното лице самостојно врши дејност како трговец  поединец,  потврда  дека  работодавачот  вработува  инвалидно  лице  или  потврда  дека  фирмата  работи  како  заштитно  друштво  издадена  за  месецот  пред  поднесувањето  на барањето;

– месечна пресметка за плата со пресметаните придонеси од плата за последните  9 месеци пред поднесувањето на барањето – образец ПДД-МП и

– изводи од банка за последните 9 месеци пред поднесувањето на барањето со денот на исплатата на платата.

Работодавачот кој вработил невработено инвалидно лице на неопределено време , кон пополнетото барање за доделување на неповратни средства од Посебниот фонд,  покрај  документите  погоре,  ги  доставува  и  следните документи:

– список на инвалидните лица за чие вработување се бара доделување на неповратни средства, со презиме, име и единствен матичен број на граѓанинот;

– документ за утврдена инвалидност  издаден од надлежен орган;

– документ за завршено образование или работна оспособеност;

– наод и мислење од Комисијата на Министерството за труд и социјална политика за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветно работно место.

Man with Down Syndrome Working in an Office --- Image by © Royalty-Free/CorbisАдаптација на работно место

Работодавачот создава соодветни услови за работење со адаптација на работно место во зависност од работното место, видот и степенот на образованието и видот и степенот на инвалидноста на инвалидното лице .

Адаптација на работно место  опфаќа:

–  прилагодување  на  опремата,  средствата  за  работа,  уредите  и  другите  технички средства  за  работа  со  вградување  на  механички,  електрични,  електронски,  звучни, светлосни и слични уреди со кои се овозможува сигурна, непречена и продуктивна работа на едно или на повеќе инвалидни лица;

– прилагодување на работните и помошните простории со поставување или изградба на пристапни патеки, косини, заштитни огради и слично, со што на едно или на повеќе инвалидни лица им се овозможува непречен и сигурен пристап до и од работното место.

За  утврдената  потреба  од  адаптација  на  работно  место,  работодавачот  изготвува соодветна  документација  со  опис  на  тоа  што  ќе  се  адаптира  и  начинот  на  кој  ќе  се адаптира.

Документација

Кон пополнетото барање за доделување на неповратни средства од Посебниот фонд за адаптација на работно место се доставуваат следните документи:

– пријава до Државниот инспекторат за труд за отпочнување на вршење на дејност или решение  за  вршење  на  дејност  како  доказ  дека  работните  и  помошните  простории  и опремата ги исполнуваат минимално-техничките услови и пропишани мерки, нормативи и стандарди за вршење на соодветната дејност;

–   доказ дека против работодавачот не е покрената постапка за стечај;

– потврда од Заедницата дека инвалидното лице самостојно врши дејност како трговец поединец,  потврда  дека  работодавачот  вработува  инвалидно  лице  или  потврда  дека фирмата  работи  како  заштитно  друштво  издадена  за  месецот  пред  поднесувањето  на барањето;

– месечна пресметка за плата со пресметаните придонеси од плата за последниот месец пред поднесувањето на барањето – образец ПДД-МП;

– извод од банка за последниот месец пред поднесувањето на барањето со денот на исплатата на платата;

–  список  на  вработени  инвалидни  лица  на  неопределено  време  за  кои  се  врши адаптација на работно место со име и презиме и единствен матичен број на граѓанинот;

– документ  за  утврдена  инвалидност  и  наод  и  мислење  од  Комисијата  на Министерството за труд и социјална политика за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветно работно место;

– соодветна документација со опис на тоа што ќе се адаптира и

–  пресметка  на  потребните  финансиски  средства  за  извршување  на  планираната адаптација на работното место.

Набавка на опрема

Employing-people-with-760x428Под набавка на опрема  се подразбира планирана набавка на опрема за производни и услужни дејности, компјутери и компјутерска техника, машини за  производство  на  разни  производи,  производни  линии,  машини  за  сортирање, обликување или пакување, алати и калапи како технолошки целини за обликување на разни форми или производи, транспортни уреди поврзани со процесот на производство или слични облици на средствата за работа како единечни машини или составен дел на соодветната целина за одреден технолошки процес.

Барателот на средства за набавка на опрема  од Посебниот фонд (заштитно друштво или инвалидно лице кое врши дејност како трговец поединец) треба да ги исполнува следните услови:

–  деловно  да  е  активен  најмалку  3  години  сметано  од  денот  на  исполнувањето  на условите  пропишани  со  закон  и  почеток  на  работа  како  заштитно  друштво,  односно вршење на дејност како трговец поединец (податок искажан во мислењето на Заедницата);

– во барањето да го наведе изворот на средства на сопственото учество од најмалку 20% и тоа: сопствени средства од добивката на фирмата искажани во Бонитетот издаден од Централниот регистар на Република Македонија, кредит од банка или уплата на лични средства на сопственикот на фирмата.

Документација

Кон  пополнетото  барање  за  доделување  на  средства  за  набавка  на  опрема  покрај документите погоре  и исполнувањето на условите , се доставуваат и следните документи:

– три понуди со цена, услови на продажба и рок на испорака, со превод на македонски јазик доколку понудата е на странски јазик;

– опис на техничките карактеристики на опремата што треба да се набави, каталог, шеми  или  скици  на  опремата,  со  превод  на  македонски  јазик  доколку  текстот  е  на странски јазик и

– скица на просторот каде ќе биде сместена опремата.

Агенцијата  во  функција  на  поефикасно  решавање  на  поднесените  барања  за доделување  на  средства  од  Посебниот  фонд,  врши  непосреден  увид  кај  барателот  на средствата, соработува со Државниот инспекторат за труд и другите надлежни државни органи, Заедницата, Националниот совет на инвалидски организации на Македонија и други заинтересирани субјекти и кај корисниците на средствата го следи текот на нивната реализација.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Што претставува дискриминацијата врз основа на инвалидитет?

 Огласите за вработување полни со нерамноправост

– Анализа на дискриминациските практики во областа на вработувањето и работните односи

– Правна анализа: Вработување на лицата со хендикеп во РМ

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико