Повреда на правата од индустриска сопственост | Правдико

Правдико

   

Повреда на правата од индустриска сопственост

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Intellectual_Property_Animation_largeКако и сите други субјективни граѓански права, правата на индустриска сопственост вредат онолку колку што постои и се реализира можноста за нивна заштита. Што ќе рече, ако правата на индустриска сопственост се посматраат од сосема практичен аспект, ќе се утврди дека нивната правна уреденост како субјективни граѓански права вреди онолку колку што истите можат да се спроведат во практиката. Спроведувањето на правата на индустриска сопственост, како и на правата на интелектуална сопственост воопшто, ги опфаќа мерките, постапките и правните лекови што им стојат на располагање на (најчесто) носителите на правата на индустриска сопственост во случај на нивна повреда или загрозување.


Со други зборови, спроведувањето на правата на индустриска сопственост се поставува како прашање во моментот кога некое лице неовластено ќе посегне по некое од овластувањата што ја чинат содржината на правата на индустриска сопственост или ќе преземе дејствија што претставуваат закана дека повредата ќе може да биде извршена.

Заштитата на правата од индустриска сопственост од повреда може да биде граѓанска, казнена и прекршочна. Самата граѓанскоправна заштита не е единствена и може да се разгледа од неколку аспекти. Кога станува збор за правата на индустриска сопственост, граѓанскоправната заштита може да
се посматра како низ призмата на парничната постапка, така и низ призмата на постапката за извршување заради обезбедување. Во парничната постапка, судската заштита на правата на индустриска сопственост се врши преку донесување  конечна мериторна одлука за постоењето на повреда или загрозување на правото на индустриска сопственост и правните последици од повредата или загрозувањето.

За разлика од парничната постапка, во постапката за извршување поради обезбедување, која исто така е судска, се дава само провизорна заштита на правата на индустриска сопственост. Граѓанскоправна заштита уживаат како признаените така и пријавените права од индустриска сопственост. Како повреда на пријавените и признаените права утврдени се смета секое неовластено користење, располагање, ограничување, имитирање, асоцијација, вознемирување на правата и слично. За имитирање станува збор кога просечниот купувач на стоки, односно услуги, без оглед на видот на производите може да ја согледа разликата само ако обрне посебно внимание, односно ако кај трговската марка се работи за превод или транскрипција, односно транслитерација.

Постапката за заштита на правата од индустриска сопственост е првенствено уредена со Законот за индустриската сопственост. На постапките за заштита на правата се применуваат прописите за парнична постапка (Законот за парничната постапка), односно за обезбедување на побарувањата (Законот за обезбедување на побарувањата), ако со Законот за индустриската сопственост не е поинаку определено.

screenshot_6

Извор: Државен завод за индустриска сопственост,  Улогата на застапниците во системот на заштитата на правата од интелектуалната сопственост

Препорачуваме

Партнери на Правдико