Позитивни очекувања од италијанското претседателство со ЕУ | Правдико

Правдико

   

Позитивни очекувања од италијанското претседателство со ЕУ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Италијанското претседателство со ЕУ буди оптимизмот за евроинтегративниот процес на Македонија. По „постот“ за време на грчкото претседателство се очекува целосна и конкретна поддршка во заложбите за членство во ЕУ.

gac foto EP

Проширувањето, кое официјален Рим најави дека го враќа на дневен ред во Брисел е добра вест не само за Македонија туку и за регионот.

„Во актуелниот европски контекст по одржаните избори за Европскиот Парламент и конституирањето на новите институции, особено е важно што проширувањето на Унијата со земјите од Балканот ќе биде на агендата на приоритети на Италијанското претседателство со ЕУ во следниот шестмесечен период. Очекуваме поактивна поддршка од Италија во напорите на Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Во овој контекст, значајно е што веќе во првиот месец од Претседателството ќе го имаме состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација Македонија – ЕУ и, особено, што во втората половина на јули во посета на Македонија ќе дојде италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини“, изјави за Дојче веле Габриел Атанасов, портпарол на министерството за надворешни работи.

Македонија треба да го искористи претстојниот период

Дел од аналитичарите сметаат оти е многу важно што официјален Рим ветува промена на „статус кво“ состојбата во која се наоѓа ЕУ, како и политичка борба против „политиката на апстиненција” која ја застапуваат анти-европските популистички партии, кои станаа дел од Европскиот парламент. Во оваа насока според универзитетскиот професор Горан Илиќ, посебно се нагласува фактот дека не смее да се дозволи никому, да го уништи она што се градело со години – Европската унија. Во однос на Македонија, тој смета дека претстојниот период треба максимално да се искористи во полза на консолидирањето и јакнењето на македонските надворешно-политички позиции во однос на ЕУ, земајќи ја во предвид цврстата про-европска детерминација на Италија и нејзината посветеност на идејата за обединување на Европа, која иако ненаметливо, уште еднаш се појавува како креативен играч на европската политичка сцена.

„За разлика од претходното, тоа би значело едно драстично освежување на европската политичка сцена, посебно земајќи го во предвид демократскиот и про-европски курс на актуелниот премиер на Италија, Матео Ренци. Дотолку повеќе, што и Претседателот на Италија, Џорџо Наполитано, е силен протагонист на идејата за обединета Европа.

Или како што во една прилика ќе рече и премиерот Матео Ренци, ЕУ сега треба да покаже дека ‘не претставува заедничко минато, туку заедничка иднина, од која е невозможно да се избега’. Овој став кажува доволно за еврооптимизмот кој што го најавува италијанското претседателство, а кој Македонија треба сесрдно да го искористи, како за одбраната на своите национални интереси, така и за продлабочувањето на евроинтегративните процеси. Но сепак, не смее да се заборави и проблемот со спорот за името, кој сепак останува да тлее и да предизивкува дисторзии во евроинтегративниот процес на Македонија. Мојата сугестија би била, активирање на македонската дипломатија во мултилатерална и билатерална насока, како со државите-членки на ЕУ, така и со ЕУ во целина, максимално искористување на следните шест месеци за консолидирање на македонските позиции во однос на ЕУ и потврдување на про-европскиот курс на Македонија, како и надградување и продлабочување на Пристапниот дијалог на високо ниво (HLAD)“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Горан Илиќ.

Потребано е продлабочување на економските односи

Паралелно со политичкиот момент, не помалку важен е и процесот на продлабочување на економските односи и поактивно вклучување на земјата во иницијативите за регионална соработка.

„Особено важно прашање за Македонија, и воопшто за развојот на регионот, е добрата регионална поврзаност – инфраструктурна, енергетска, комуникациска, итн. Еден значаен конкретен проект којшто не поврзува со Италија е Коридорот 8, за чие реализирање очекуваме поддршка од Унијата. Следно важно прашање за нас е можноста активно да учествуваме во новите форми на макро-регионална соработка на ЕУ. Конкретно, станува збор за Јадранско-Јонската макрорегионална стратегија на ЕУ – исклучително значајна развојна иницијатива за нашиот регион, која што ја предводи Италија. Стратегијата се очекува да биде усвоена од ЕУ до крајот на оваа година. Македонија упати барање за вклучување во оваа Стратегија и очекуваме поддршка од Италија во оваа насока“, смета Атанасов.

Скопје и Рим негуваат не само блиски политички, туку и економски односи. Трговската размена е во постојан пораст во последните 10 години со исклучок на периодот 2010/2011 година, кога се почувствува негативниот ефект на светската економска криза, и во овој момент на годишно ниво е нешто повеќе од 700 милиони евра. Италија е на 5-то место како партнер во трговската размена на Македонија, по Германија,Србија, Грција и Велика Британија. Предизвик се инвестициите, кои се присутни но сѐ уште под капацитетите на двете земји.

Извор: DW

Препорачуваме

Партнери на Правдико