Практиката на локалната самоуправа е најдобра школа за демократијата и најдобра гаранција за нејзин успех, но дали и во Балканските држави?! | Правдико

Правдико

   

Практиката на локалната самоуправа е најдобра школа за демократијата и најдобра гаранција за нејзин успех, но дали и во Балканските држави?!

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

lokalna-samouprava„Вистинското патување кон откривањето не е во потрагата по нови земји, туку во гледањето со нови очи“ – Марсел Пруст

Вовед – поим и историско значење на локалната самоуправа (ЛС)

Локалната самоуправа како облик на управување во локалните заедници има долга историја. Во современото значење на овој поим таа се јавува како резултат на борбата на слободните средновековни градови и комуни за самоуправност и за комунални слободи. Но, како политичка институција во модерна смисла, локланата самоуправа се воспоставува во периодот на буржоаско – демократските револуции во текот на XVIII и XIX век и во уставното уредување и политичкиот систем што го изградува буржоазијата по освојувањето на власта и урнувањето на феудалниот поредок и апсолутната монархија.

Во овие нови услови локалната самоуправа станува институција која е тесно поврзана со основите на уставното уредување и политичкиот систем. Локалната самоуправа во досегашниот историски развиток поминaла низ повеќе значајни промени. Таа доживува промени и во современиот свет, а тоа нас особено не интересира.

Локалната самоуправа значи учество на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење. Притоа учеството на граѓаните во одлучувањето може да биде непосредно, преку собрание на граѓани и референдум, или посредно, преку советот или други органи на локалната заедница. Локалната самоуправа се карактеризира со изворни функции, сопствена организација и финансиско – материјална самостојност.

Локалната самоуправа е уставна и демократска категорија или категорија од највисог ранг, со суштинско влијание врз развојот на демократијата во одредено општество. „Од неа извира силата на слободните народи и слободарскиот дух“.

Оваа уставна категорија се означува со различни референци. На пример: во Англија се користи референцата локална влада (Local Governement); во Швајцарија локална автономија (autonomie local); во Шведска комунална самоуправа (komunal forvating), а пак  во Франција територијални единици (collecitivites territoriales).

Со своите карактеристики (кои подетално во одредени Балкански земји ќе бидат разработени во серијата статии кои понатаму ќе следуваат од авторот на овој текст), локалната самоуправа всушност претставува темелна институција на демократијата, без која ниту еден систем на владеење не може да биде демократски и легитимен систем на власт. „Практиката на локалната самоуправа е најдобра школа за демократијата и најдобра гаранција за нејзин успех“.

Некои од “западните“ автори укажуваат дека локалните власти честопати се нарекуваат “политички потподелби“ на државата. Ова значи дека локалните власти ги поседуваат само оние моќи кои им се дадени од државата преку “оспособувачко законодавство“ и дека нивното постоење, облик и сопственост се подложни на постојана државна контрола.

За локалната заедница постојат многубројни дефиниции, меѓу кои се вбројуваат и оние кои се дадени од авторите од Балканските држави. Ние во оваа прилика ќе ја наведеме дефиницијата на словенечкиот социолог Здравко Млинар, кој вели

 „Комуната е кохезивна, структуирана и подвижна општествена заедница која ја сочинуваат жителите на определена територија, на која заради задоволување на своите материјални и други потреби, развиваат различни активности и при тоа стапуваат во меѓусебни односи создавајќи на тој начин и некоја заедничка култура“.

Генерални карактеристики на локалната самоуправа во земјите во транзиција

Така, ние слободно можеме да напоменеме дека локалната самоуправа во земјите на транзиција (меѓу кои спаѓаат и повеќето држави од Балканот) се развиваше во  систем на предоминација на арбитрерноста на извршната власт. Таа се развиваше во систем на ниско остварување на правниот карактер на државата и во услови на ниска правна култура и недостиг на демократски навики и традиции. Како дел од правната структура локалните институции практично беа поставени и се остваруваа како гранки на единствената државна власт. Тоа значи дека локалната самоуправа, во смисла на западните традиции, практично не постоеше. Меѓутоа, не треба да се изуми дека тие институции, како локални или како општински, со самото тоа наметнувале одреден регистар на надлежности типични за локална власт и управа. Тоа значи дека кога станува збор за структурата и опфатноста на надлежностите, општините во тие земји имале слични надлежности како и оние во другите европски земји. Всушност во тие земји локалниот карактер на институцијата фактички наметнувал слични одговорности.

Но, кога станува збор за позицијата на таа власт во општиот систем и за релациите меѓу централната и локалната власт и кога станува збор за позицијата на граѓаните кон локалните институции и кон нивните надлежности, тогаш всушност може да се констатира дека во односните земји не постоеле ниту концепт, ниту пракса на локална самоуправа. Немало автономија на локалните институции, а немало ниту самостојни локални надлежности. Зошто е тоа така и како може да се подобри оваа ситуација во иднина, како и на други слични прашања одговор ќе даде авторот во следните статии.

Имајќи го во предвид горе наведеното, во следните статии подетално ќе ги разработиме најважните карактеристики на локалната самоуправа во Република Македонија, Република Србија и Република Хрватска, со посебен осврт на главните градови во овие држави – Скопје, Белград и Загреб.

Што претставува градот?

Градот (како посебна категорија) е специфична политичка заедница, ниво на власт кое е помеѓу општината и националната држава и е дел од државното уредување. Со текот на времето неговата политичка организација еволуирала во различни развојни фази, според потребите на општеството.

Градот, во споредбеното законодавство, секогаш претставува дел од правниот систем и државата на која припаѓа. Правно е уреден со правните начела и законите на државата, а конкретно е уреден со статут на градот. Многу често и самиот устав го определува градот како ниво на територијалната организација, а со Закон за територијална организација и со Закон за градовите подетално се уредува таа област. Статусот на градот, по правило, обезбедува повисок степен на автономија во однос на општината, поширок круг на надлежности кои одговараат на видот и обемот на работите што мора да ги врши градот, повисок степен на финансиска автономија и сл. Градовите може да бидат големи, средни и мали и од нивната големина зависи социјалната, економска, културна и политичката комплексност на градската заедница.

Целта на авторот е во оваа серија статии на конкретен и прецизен начин да ги претстави главните градови во наведените Балкански држави како “посебни“ носители на локалната власт (покрај општините), да ја осознае и прикаже нивната улога во системот на локалната самоуправа, како и да го трасира патот за нивно понатамошно развивање во Европски метрополи кои сепак ќе им служат и ќе бидат поблиски до граѓаните!

продолжува…

Автор: М-р Мирослав Драганов

–ПРАВДИКО–

 

Следно: Правна рамка на локалната самоуправа во Република Македонија, Република Србија и Република Хрватска

 
Авторот најавува серија на статии кои ќе бидат објавувани ист ден секоја седмица од кои верните читатели ќе добијат појасна слика за: поимот и значењето на локалната самоуправа (ЛС), нејзиното практично (не)применување во Балканските држави, краток историски развој на ЛС во овие земји, правната рамка на ЛС во истите, како и детална правна и практична споредбена анализа на главните градови на овие држави и тоа приказ на: генерални податоци, надлежностите, организацијата, финансирањето, непосредното учество на граѓаните и сл., а покрај нивните заеднички карактеристики ќе бидат согледани и нивните засебни специфики со севкупни пофалби и критики и предлог размислувања за понатамошно практично развивање и напредок.

Screenshot_2М-р Мирослав Драганов е магистер по право со положен правосуден испит, со искуство помеѓу другото како демонстратор на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и како приправник и стручен соработник во Адвокатското друштво Поленак – Скопје.

Препорачуваме

Партнери на Правдико