Пратениците на потег: Се чека одговор за автентичното толкување на член 11-а
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Претседателот на Собранието, Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи на редовната средба денеска треба да се договорат дали и кога Законодавно-правната комисија ќе заседава и ќе го разгледа барањето на СДСМ за автентично толкување на членот 11-а од Законот за помилување.
Целта на автентичното толкување, според подносителите, е да се спречат обидите за избегнување на правдата и обезбедување неказнивост за сериозни кривични дела, односно активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а во контекст на можната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.
Од Кабинетот на Џафери информираат дека барањето за автентично толкување што пристигнало во петокот веднаш е проследено до пратениците.
Уставниот суд во средата одлучи да поведе постапка за оценување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година. Членот 11-а овозможува претседателот на државата да повлече веќе донесена одлука за помилување. Тоа, според правните експерти, може директно да влијае врз актуелните обвиненија и истраги, и предметите што ги почна СЈО врз основа на прислушуваните разговори. Дополнувањето на членот 11, со став 11 а, го направи претходниот собраниски состав кога мнозинството во Парламентот го имаше коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за аболиција на педесеттина лица во 2016 година, но по протестите и реакциите од меѓународната заедница ја повлече одлуката.
Министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска побара автентично толкување од Собранието, а пратеничката група на СДСМ во петокот го достави до претседателот на Парламентот Талат Џафери. Според собраниската процедура, барањето за автентично толкување најпрвин треба да помине низ ситото на Законодавно-првната комисија.
Во Законодавно-правната комисија мнозинство немаат ниту владејачките партии, ниту опозицијата, но тоа не значи дека автентичното толкување на СДСМ нема да добие поддршка. Освен од СДСМ, пратениците од најголемите партии ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се уште директно не кажале во јавноста како ќе гласаат. Помалите парламентарни партии како ЛДП, Алијанса за Албанците и Движењето Беса посочуваат дека не поддржуваат амнестија.
Министерката Дескоска во петокот го повика Собранието да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Зад овој повик застанаа пратениците на СДСМ и поднесоа барање за автентично толкување. Собранието, како што очекуваат од владејачката партија, треба да ги искористи своите механизми и со автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување да потврди дека членот 11 на кој поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги засноваше своите масовни помилувања, не постоел, односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 година за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, не го оживеал стариот член 11 од законот.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев вчера имаше видео обраќање во кое наведе дека изминативе две и пол години се покажа дека судството останало последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции. Според него, овие последни упоришта на „заробената правда“ продолжиле да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот.
Извор:НоваТВ