Права на осомничениот и истражни дејсвија на одбраната во кривичната постапка | Правдико

Правдико

   

Права на осомничениот и истражни дејствија на одбраната во кривичната постапка

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

bg05Новиот концепт на ЗКП, кој спроведувањето на претходната постапка, вклучувајќи ја во неа и истражната постапка, ја пренесува во надлежност на јавниот обвинител, една од странките во постапката, како и промената во текот на судскиот дел на постапката и премин на товарот на докажување од судот врз самите странки, неопходно бара промена и на улогата на одбраната, како во текот на претходната постапка, така и на главната расправа.

Принципот на „еднаквост на оружјето“ во странечката постапка, потребно е да биде овозможен, пред се во постапката пред судот, значи по поднесување на обвинението, но за да може тоа да се постигне, одбраната мора да има определени овластувања и во текот на претходната постапка. Како и досега, одбраната, осомничениот и бранителот, имаат право да присуствуваат на одредени истражни дејствија за кои е предвидено дека тие можат да присуствуваат, па така осомничениот и неговиот бранител можат да присуствуваат при вршење на увид (член 233 од ЗКП), реконструкција (иако во членот 234 од ЗКП, тоа право посебно не е нагласено, самата природа на оваа истражно дејствие подразбира присуство на осомничениот и бранителот), претрес (член 191 од ЗКП) , препознавање (член 278 од ЗКП).

Во однос на вештачењето (членови 236-245) и распитот на сведоците (членови 212-232 од ЗКП), законот не предвидува обврска на јавниот обвинител да ги извести осомничениот и бранителот, за времето и местото на спроведување на дејствието, меѓутоа самата формулација на законските одредби, не го исклучува нивното присуство, па така и во двата случаи е предвидено право на одбраната да поставува прашања и дава свои предлози или забелешки. Затоа пак членот 296 во својот став 3, децидно им го дава правото на присутните при спроведување на определено истражно дејствие, да поставуваат прашања преку органот кој ја води постапката или со негова дозвола и непосредно, како и да ставаат свои забелешки и да бараат истите да бидат внесени во записникот за извршеното дејствие.

Членот 296 од ЗКП, исто така ја предвидува обврска на Јавниот обвинител, да го извести осомничениот, односно неговиот бранител, ако осомничениот има бранител, за времето и местото на извршување на определено истражно дејствие, освен ако постои опасност од одлагање. Недоаѓањето на осомничениот и неговиот бранител, а во определени случаи и по протек на определено време отако се повикани (претрес), не го спречува спроведувањето на истражното дејствие. Во членовите 305-311 од ЗКП, за прв пат се посебно предвидени истражните дејствија кои може да ги преземе одбраната, односно осомничениот и неговиот бранител.

Во членот 293, како општо право на учесниците во постапката, а во член 305 од ЗКП, како посебно право на бранителот на осомничениот, предвидено е правото за давање предлози на јавниот обвинител за преземање на определени дејствија, заради собирање на докази. Членот 306 од ЗКП, го овластува бранителот да може самостојно да презема дејствија насочени кон пронаоѓање и собирање на докази во корист на одбраната, во текот на целата, не само на истражната постапка. Ваквите дејствија бранителот на осомничениот може да ги презема самиот, преку свој заменик или со користење на овластени приватни детективи и технички советници, кога за тоа има потреба за стручни лица.

Lakeland-injury-lawyer-300x198Собирање на известувања од лица

Во членовите 307 и 308 од ЗКП, попрецизно се опишани дејствијата кои бранителот на осомничениот во правец на собирање на известувања од лица, за кои смета дека можат да изнесат околности корисни за одбраната и начинот на кој може да го преземе дејствието, па така, бранителот е должен да ги информира лицата од кои прибира известувања:

за личното својство и за видот на разговорот;
дали има намера само да разговара, или сака од нив да прибави изјави или известувања, во кој случај е должен да ги наведе начините и обликот на забележувањето на изјавата или известувањето;
за правото на лицето, воопшто да не одговара на поставените прашања или да не даде изјава;
за забраната на бранителот да му ги откријат прашањата кои им се поставени од полицијата или од јавниот обвинител и за одговорите кои лицата ги дале при тоа.

Доколку бранителот од лицето со кое разговара, одлучи да побара писмена изјава или известување, изјавата или известувањето ќе ги забележи согласно одредбите од членовите 91 и 92 од ЗКП, кои се однесуваат за начинот на водење, увид и потпишување на записник. Самата изјава од лицето, може да ја земат само бранителот или неговиот заменик.

Изјавата ја потпишува лицето кое ја дало, а бранителот составува белешка во која наведува:

− датум кога ја примил изјавата;
− лични податоци за себе и лични податоци за лицето што ја дало изјавата;
− потврда дека обрнал внимание на предупредувањето од членот 307 ст.3 од ЗКП;
− фактите што се наведени во изјавата.

При прибирање на известувањата од страна на бранителот, постојат одредени ограничувања:

− бранителот не може да разговара и да прибира известување од жртвата и оштетениот (член307 став 1);
− бранителот од лицето кое веќе разговарало или е испитано од правосудната полиција или од јавниот обвинител, не може да бара известувања за поставените прашања и одговорите кои лицето ги дало на нив (член 307 став 4);

custody-lawyerДоколку изјавата или известувањето, се прибавени спротивно на пропишаната процедура, или со повреда на наведените ограничувања, таквата изјава или известување не може да се користат во натамошната постапка. Во членот 307 ставови 6 и 7 предвидени се уште две ограничувања во постапката за прибирање изјави или известувања од страна на бранителот:

− доколку лицето од кое се бара изјава или известување се наоѓа во притвор, бранителот мора да добие посебно одобрение од судијата на претходната постапка, откако претходно лицето разговарало со неговиот бранител и било испитано од јавниот обвинител;

− бранителот мора да го запре собирањето на податоци од обвинетото лице или од лице што не е обвинето, ако од неговата изјава произлегува дека се товари себеси, или би се изложило на кривично гонење и ваквите изјави не може да се користат против лицето што ги дало.

Дополнителни инструменти на бранителот на осомничениот, во однос на собирање на докази во корист на одбраната на обвинетиот, се дадени во ставовите 8 и 9 од истиот член:

− Доколку лицето може да даде известувања корисни за одбраната, а не сака да даде известување, бранителот може да побара од јавниот обвинител да го повика и испита лицето. Ваквото испитување се спроведува во присуство на бранителот, кој прв поставува прашања. Ова право на бранителот има едно ограничување – доколку се работи за осомничени или обвинети во иста постапка, истото не се применува, што е и разбирливо, осомничено и обвинето лице, во постапката која се води против него има определни права, кои доколку биде повикано пред јавниот обвинител за да даде свој исказ во својство на сведок, би биле нарушени.

− Бранителот може да побара да се спроведе доказно рочиште, секако во однос на докази и под услови, предвидени во законот, кога вакво рочиште може да се бара.

lawyerПристап до простории

Во членот 309 од ЗКП, предвидено е правото на бранителот, да побара пристап до приватни простории или простории кои не се отворени за јавноста, во дом и други простории пврзани со домот. Доколку лицата кои располагаат со овие простории, не му дозволат пристап, бранителот е овластен да се обрати до судот со барање за пристап до истите, а судот пристапот ќе го одобри со наредба, која мора да е образложена и во која ќе се наведе и начинот на конкретното спроведување на наредбата.

Собирање информации од државни органи

Согласно на чл. 311 од ЗКП, бранителот има право да побара податоци и известувања од државни органи, од органите на единиците на локалната самоуправа, од правни и физички лица што вршат јавни овластувања и од други правни лица и да бара да му се достават документи, списи и известувања. Наведените органи се должни да постапат по барањето на бранителот во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, а доколку се работа за постапка во која према осомниченото лице е определена мерка притвор, во рок од седум дена од денот на приемот на барањето.

Во случај да не биде одговорено во рокот предвиден во законот, од страна на субјектите до кои се обратил, бранителот може да бара од судијата на претходната постапка да нареди да му се достават бараните податоци, а во текот на главната расправа ваквото барање се упатува до судот. Доколку не се постапи ниту по барањето доставено од судот, во ставот 4 предвидено е изрекување на парична казна од страна на судот на одговорното, односно службеното лице, во висина од 2500 до 5000 евра во денарска противвредност. Бранителот на осомничениот, со член 310 од ЗКП е овластен на јавниот обвинител и на судијата за претходна постапка да може непосредно да им ги презентираа информациите и доказите кои се во прилог на осомничениот.

Ваквата законска формулација всушност на бранителот на осоничениот му овозможува, секогаш, во било кој дел од претходната постапка, кога дејствијата се извршуваат било од јавниот обвинител, било од страна на судијата на претходна постапка, (во случаите кога истиот е надлежен да постапува според законот), кога располага со сознанија или докази кои се однесуваат на конкретното дело и осомничен, а се во негова корист, да може истите да ги презентира пред органот кој постапува, за да биде запознаен и да може правилно да одлучи во однос на водењето на постапката против осомничениот или во однос на конкретен предлог на едната или другата страна. Посебно мора да се нагласи, дека истражните дејствија на одбраната, во текот на претходната постапка, не ги опфаќа вештачењата во смисла како е тоа предвидено во законот.

Видно од чл. 236 од ЗКП, вештачењето се определува со писмена наредба, во текот на претходната постапка и наредбата ја издава јавниот обвинител, а на главната расправа, судот, од што јасно произлегува дека осомничениот и неговиот бранител не можат како доказ во текот на постапката да достават вештачење кое не е изготвено согласно одредбите од овој член, односно врз основа на наредба на овластен орган во постапката. Затоа пак, одбраната во делот на вештачењето има други орудија, со кои може да го оспорува вештачењето наредено од јавниот обвинител, па така во ставот 3 на овој член предвидено е правото на одбраната, кога го оспорува вештачењето изготвено по наредба на јавниот обвинител, од страна на државен орган, да му предложи на судот да нареди вештачење кое ќе го изврши друга установа или орган.

Понатаму, согласно на чл. 244 од ЗКП, обвинетиот и неговиот бранител, имаат право да именуваат технички советници. Техничките советници, по правило претставуваат стручни лица од редот на вештаците, кои одбраната може да ги користи за разгледување на веќе изготвениот наод и мислење, предметот или местото кое е вештачено, давање на стручно мислење, собирање на потребни податоци или оспорување на вештачењето. Имајќи во предвид дека ангажирање на ваков вид на стручни лица, секогаш нема да им е достапно на обвинетите лица, гледано од финансиска страна, во член 244 ст.2 од ЗКП, предидено е правото на сиромашни лица, помошта на техничкиот советник да биде на товар на Буџетот на РМ.

Законските одредби во однос на вештачењето, всушност оневозможуваат во текот на постапката во бесконечност да се развлекува докажувањето на определени факти со помош на вешти лица, на начин што секоја од странките во постапката ќе прилага свое вештачење, кои доколку се спротивни, а тоа најчесто ќе се случува, ќе доведе до наложување на трето вештачење од страна на судот, како би се отстраниле противречностите во претходните вештачење и до оптоварување на постапката. Користењето на техничките советници, ја поедноставува постпката, на начин што со нивна помош, ќе се укаже на недоследности или нелогичности во изготвеното вештачење, со што истото ќе изгуби во својата доказна сила.

Во однос на истражните дејствија на одбраната, исто така од посебна важност ќе биде осомничениот и бранителот, да знаат однапред што сакаат да постигнат во текот на постапката, кои одолности во корист на одбраната би ги потенцирале, а кои околности кои се во прилог на обвинението би можеле да бидат отстранети или да биде намалена нивната важност. Затоа бранителот мора да има јасен план за насоката на одбраната, при одлучување за разговор со определно лице, да има во предвид дека можеби покорисно би било од истото воопшто да не зема изјава, или воопшто и да не го повикува како сведок пред судот.

bg04Преглед на доказите од обвинителството

Бранителот и самиот осомничен, согласно на чл. 302 од ЗКП, од јавниот обвинител, до завршување на истражната постапка, добива известување дека истата е завршена, како и известување дека сите докази му се на располагање во архивата на обвинителството, каде може да ги прегледа и изврши препис. Притоа, јавниот обвинител е должен да ги презентира сите докази до кои дошол во текот на претходната постапка, како доказите кои се против осомничениот, така и доказите кои одат во негова корист. На ваков начин, одбраната се запознава со сите докази кои јавниот обвинител ги прибрал, што и овозможува да одреди своја точна стратегија и правец на дејствување.

Текстот е извадок од: Напредни обуки за новиот ЗКП – Прирачник за истражна постапка

Академија за судии и јавни обвинители/ OSCE

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико