Правата на волонтерите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Волонтерството претставува активност од интерес за Република Македонија која придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот, како и за развој на хумано и рамноправно демократско општество.
Законот за волонтерството го дефинира волонтерство како доброволно давање на лични услуги, знаења и вештини и /или вршење на други активности во корист на други лица, органи, организации и други институции, без надоместок. Под волонтерство, според овој закон, не се подразбира вршење на волонтерски стаж, согласно со Законот за работните односи каде волонтерскиот стаж се предвидува само доколку е услов за полагање на стручен испит или за самостојно вршење на дејност.
Со овој закон не се ограничува можноста да се даваат волонтерски услуги кои се од непостојана или случајна природа на доброволна основа, без надоместок.
Волонтерот е физичко лице кое дава услуги, вештини и знаења во корист на други лица, органи, организации и други институции, на доброволна основа и без финасиска или друга лична добивка.
Кој може да биде волонтер?
Волонтер може да биде домашно и странско физичко лице. Волонтер може да биде и малолетно лице со писмена согласност од неговите родители или старатели. Договор за волонтирање со малолетни лица може да се склучи само со писмена согласност од неговите родители или старатели.
Странско лице може да волонтира во Република Македонија врз основа на претходно обезбедена согласност од Министерството за труд и социјална политика и регулиран престој во Република Македонија.
Кој може да биде организатор на волонтерска работа?
Организатори на волонтерска работа можат да бидат:
– здружение на граѓани и фондација,
– верска заедница и религиозна група,
– јавна установа ,
– орган на државна власт и
– единица на локалната самоуправа и градот Скопје
Организаторот на волонтерската работа, ја утврдува потребата од ангажирање на волонтери, видот на услугите и начинот и постапката за обезбедување на истите, врз основа на програма за волонтирање. Со законот точно се определени кои субјекти можат да организираат волонтерска работа, а тие се главно од непрофитен карактер и од јавна корист, додека за стопанските субјекти и јавните претпријатие тоа не е предвидено.
Права и обврски на волонтерот и организаторот на волонтерството
Волонтерот има право:
– во писмена форма да го добие описот на правата и обврските кои треба да ги исполни и да биде запознаен со условите и опасностите поврзани за време на волонтирањето, пред започнување на волонтирањето,
– да биде запознаен со општите акти на организаторот на услугите, односно на оние делови кои се однесуваат на волонтерските услуги, за кои е ангажиран,
– да користи средства за заштита при работа согласно со прописите за заштита при работа,
– на обука, доколку истата е потребна за обезбедување на услугата која е предмет на договорот,
– на отсуство за време на волонтирањето, ако за тоа постојат оправдани причини, – на дневен одмор,
– да биде консултиран и информиран при одлучување за начинот на давање на услугите,
– на надоместок на однапред договорените трошоци поврзани со волонтерството (трошоци за храна, трошоци за превоз до и од местото на волонтирањето, трошоци за службени патувања и трошоци за обука) и
– на заштита на приватноста и личните податоци.
Надоместокот на трошоци за храна и трошоците за превоз до и од местото на волонтирањето се исплатува најмногу во висина до 15% од просечната месечна плата во Републиката исплатена за претходната година, а трошоците за службени патувања и трошоците за обука, се исплатуваат во иста висина како за вработените кај организаторот на волонтерската работа.
– го извести организаторот на волонтерството за болеста или други причини за неможноста за давање на услугите,
– дава услуга согласно со закон, договорот за волонтерство и општите акти на организаторот на волонтерството со кои претходно е запознаен,
– дава услуга лично и непосредно,
– учествува во обука, со цел да се обезбеди квалитетот на давањето на услугата,
– ги чува доверливите податоци, односно класифицираните информации на организаторот на волонтерската работа, со кои е запознаен пред давањето на услугата и
– го извести организаторот на волонтерската работа за штетни последици за кои е запознаен кои можат да настанат за организаторот и за самиот себе или за трети лица.
Организаторот на волонтерската работа е должен да:
– обезбеди услови за вршење на волонтерската работа согласно со Законот и договорот за волонтерска работа,
– му издаде на волонтерот волонтерска книшка за волонтерската работа и во истата да ги наведе податоците пропишани со овој закон,
– обезбеди материјали и средства за вршење на волонтерската работа, – обезбеди навремена исплата на однапред договорените трошоци, – обезбеди тајност на податоците и заштита на приватноста,
– обезбеди други услови пропишани со овој закон или за кои меѓусебно тие се договориле и
– обезбеди осигурување од професионални болести и повреда на работа за време на волонтирањето, согласно со прописите за пензиското и инвалидското осигурување и прописите за здравствено осигурување, доколку така е договорено.
Склучување на договор за волонтерство
Организаторот на волонтерската работа е должен со волонтер – домашно физичко лице да склучи договор за волонтерство во писмена форма, доколку волонтерската работа трае повеќе од 40 часа месечно. Организаторот на волонтерската работа може да склучи договор за волонтерство и со волонтер – домашно физичко лице за волонтерска работа која трае помалку од 40 часа месечно.
Организаторот на волонтерската работа е должен со волонтер – странско физичко лице да склучи договор во писмена форма за волонтерство за сите волонтерски услуги.
Престанување на договорот за волонтерство
Договорот за волонтерство престанува:
– со истекот на временскиот рок за кој е склучен договорот или се исполнети условите за кои истиот е склучен,
– со спогодбено раскинување,
– кога организаторот на волонтерството престанува да работи без правен наследник;
– со денот на правосилна одлука за одземање на деловна способност на волонтерот и
– со престанувањето на дозволата за престој во Република Македонија.
Волонтерот може да го раскине договорот пред да истече времето за кое е склучен, со писмена изјава без обврска да ја наведе причината за раскинување на договорот, освен во случај кога раскинувањето може да предизвика штетни последици во работењето на организаторот на волонтерската работа или на трети лица.
Организаторот на волонтерската работа, може да го раскине договорот за волонтерство:
– со престанување на потребата за волонтирање,
– кога не е во можност да ги обезбеди условите за волонтирање,
– кога ќе констатира дека волонтерот не ги исполнува договорените обврски и
– во случај на кршење на етичките норми, донесени за одделни облици на волонтирање.
Договорната страна е должна писмената изјава за раскинување на договорот да ја достави до другата договорна страна во рок од пет дена пред да го раскине договорот.
Организаторот на волонтерската работа е должен да води евиденција на волонтерската работа за сите волонтери. На волонтерот му се издава волонтерска книшка. Волонтерската книшка содржи податоци за видот и времетраењето на волонтерската работа и видот на обуката за која волонтерот се оспособил за времетраењето на волонтирањето.
Неправилносте во врска со волонтирањето можете да ги пријавите во Државниот инспекторат за труд.
Глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на одговорното лице кај организаторот на волонтерската работа, ако склучи договор со цел да избегне склучување на договор за вработување
Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на одговорното лице кај организаторот на волонтерската, работа, ако не склучи договор за волонтерство во писмена форма и не води евиденција за волонтерската работа
–ПРАВДИКО–