Правдико

   

Правда по 15 години: Неоправдано осудените за „Сопот“ ќе добијат оштета

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Владата на вчерашната седница даде согласност и го задолжи Државното правобранителство на Република Македонија да склучи судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје  за случајот „Сопот“ и исплата на штета на лица поради неоправдана осуда.

– По тужба на тужителите, сите од село Сопот, Куманово, за исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда за секој ден поминат во притвор, домашен притвор или затвор по 5.500 денари и да ги надомести трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот. Владата исто така, го овласти Државниот правобранител за подрачје Скопје, Зоран Петковски да потпише спогодба за судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој судски предмет, се појаснува во денешното соопштение од владината прес-служба.

Во март лани, по 15 години, обвинетите во случајот „Сопот“ беа конечно слободни, откако Специјалното јавно обвинителство објави дека го повлекува обвинението , бидејќи нема докази дека тие го сториле делото за кое беа осудени на затворски казни. По ова, судот донесе решение дека обвинението е повлечено, со што постапката во овој случај е завршена.

Обвинетите тогаш изјавија дека се задоволни што успеале да ја докажат својата невиност, иако чекале цели 15 години.

Обвинителката Катица Јанева рече дека дел од предметот е уште во предистрага.

-Се работи за меѓународна правна помош со блиска соседна држава на Република Македонија. Се бара начин како да се земе исказ од одредени лица кои можат да придонесат за уврдување на  сторителот за ова кривично дело, изјави Јанева

Контроверзите за „Сопот“

Овој судски процес од самиот почеток го следат контроверзи. Тоа го утврди и парламентарната комисија која беше формирана во 2010 година да го истражи случајот.

Комисијата констатираше дека се направени пропусти во истрагата, а една година подоцна во 2011 беше и укината првичната пресуда и предметот беше вратен на повторно одлучување. Од тогаш се одржаа околу 70 рочишта, но епилог немаше. СЈО, и покрај првичното противење на Советот на јавни обвинители, успеа да го преземе предметот во своја надлежност и да одлучува по него.

Во текот на судскиот процес, исказите на обвинетите открија стравични детали за тоа како од нив биле изнудувани изјави.

Случајот „Сопот“ е од 2003 години, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево – Сопот. Во овој случај десет лица беа осудени за тероризам. Тие се товарат дека подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево – Сопот.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во јули 2017 го предаде предметот на СЈО, откако во јавноста беа објавени разговори на владини функционери поврзани со случајот.

Извор: Нова ТВ

Партнери на Правдико