Правила и глоби за пешаците во сообраќајот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Пешак е лице кое учествува во сообраќајот, а не управува со возило, ниту се превезува во возило или на возило, лице кое со сопствена сила турка или влече рачна количка, запрежно возило или моторно возило, детско превозно средство, велосипед, мопед или подвижен стол за немоќни лица, лице во подвижен стол за немоќни лица што се движи со сопствена сила или со сила на мотор, ако притоа се движи со брзина на човечки од, како и лице кое се лизга на лизгалки, скии, санка или се вози на тротинет, ролшуи или ролери.
Движење на пешакот по коловозот
Пешакот, по правило, не смее да се движи и да се задржува на коловозот, освен во случаи предвидени со закон. Доколку пешакот се движи по коловозот, тој задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. Во спротивно предвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.
На јавен пат што има тротоар или друга површина определена за движење на пешаци, односно површина покрај коловозот погодна за движење на пешаци, пешакот е должен да се движи по тие површини. На јавен пат што има тротоар или друга површина определена за движење на пешаци, односно површина покрај коловозот погодна за движење на пешаци, а која пешаците не можат да ја користат од причина има поставено определени препреки, пешакот е должен пред стапувањето на коловозот, да обрне внимание на неговата оддалеченост од возилата и на брзината со која истите се движат. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност.
Надвор од населено место
Пешакот кој се движи по коловозот на јавен пат надвор од населено место е должен да се движи до левиот раб на коловозот во правецот на движењето.По исклучок, пешакот може да се движи до десниот раб на коловозот само кога таквото движење за него е посигурно (непрегледна кривина, бездна, засек, одрон и слично). Во случаите кога пешакот кој турка рачна количка, велосипед, велосипед со помошен мотор, мотоцикл, како и лицата кои се движат со помош на подвижни столови за немоќни лица со брзина не поголема од брзината на човечки од, како и организирана колона пешаци, се движат до десниот раб на коловозот во правецот на движењето. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност .
Преминување на коловозот со и без пешачки премин
Пешакот е должен преку коловозот и велосипедската патека или лента да преминува внимателно и по најкраток пат, откако пред стапувањето на коловозот, ќе се увери дека тоа може да го стори на безбеден начин. На јавен пат што има обележани пешачки премини или посебно изградени премини, односно минувалишта за пешаци, пешакот е должен при преминувањето на патот да се движи по тие премини, односно минувалишта, ако тие од него не се оддалечени повеќе од 100 m. Пешакот кој е со намера да премине преку коловозот на место каде што не постои обележан пешачки премин, не смее да стапи на коловозот ако со тоа го попречува сообраќајот на возилата. Во спротивно предвидена е глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност.
На обележан пешачки премин на кој сообраќајот на пешаците е регулиран со светлосни сообраќајни знаци за пешаци, пешакот е должен да постапува според тие знаци. На обележан пешачки премин на кој сообраќајот на пешаците не е регулиран со светлосни сообраќајни знаци за пешаци, но сообраќајот на возилата е регулиран со светлосни сообраќајни знаци за возила или со знаци што ги дава полициски службеник, пешаците можат да преминуваат преку коловозот само додека со дадениот знак е дозволено преминување преку коловозот. На обележан пешачки премин на кој сообраќајот не е регулиран со светлосни сообраќајни знаци, ниту со знаци што ги дава полициски службеник, пешакот е должен пред стапувањето на пешачкиот премин да обрне внимание на оддалаченоста и на брзината на возилата што му се доближуваат. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност .
Организирани колони на пешаци
Организирани колони на пешаци на коловоз, не смеат да бидат подолги од 50 m. Ако по коловоз се движат повеќе организирани колони на пешаци растојанието меѓу нив не смее да биде помало од 50 m. Ноќе и во услови на намалена видливост, како и во други случаи, кога тоа го бара безбедноста на сообраќајот, пешаците кои се движат по коловоз во организирана колона, освен кога се движат погребни поворки и единици на Армијата на Република Македонија и на полицијата, се должни да се движат во колона по еден. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност .
Забрана за возење тротинет, ролери, скироли и друго
На коловоз не смее да се игра, лизга, скија и санка, како и да се вози тротинет, ролери, скироли и друго. На тротоар или друга површина определена за движење на пешаци, не смее да се игра или подолго време да се оставаат предмети, ако со тоа се попречува движењето на
пешаците. Во спротивно предвидена е глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност.
Фото: Телеграф.мк/Радован Вујовиќ
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Кои се должностите во случај на сообраќајна незгода
– Листа на глоби за сообраќајни прекршоци според НОВИОТ закон