Правилата за користење на дрога во Амстердам | Правдико

Правдико

   

Правилата за користење на дрога во Амстердам

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Познато е дека во Амстердам може да влезете во таканаречен „кофи шоп“ и да купите лесни дроги. Освен тоа, во овие места ќе добиете и мени со дроги на денот, а може да има и специјална понуда. Цените не се високи и никој нема да Ве уапси бидејќи сè од ова е легално. Тогаш, какви се овие закони? Зарем Холанѓаните не се загрижени за опасноста од несоодветна употреба на дрогите? Законите за дрога во Амстердам еволуирале исто како и законите во другите земји во последниот век, но овие се разликуваат со остатокот од светот.

Coffee-Shop-in-Amsterdam

Законот за дрога на Холанѓаните е единствен во светот. Тој е создаден со идејата дека секое човечко суштество може да донесува одлуки за сопственото здравје. Холанѓаните сметаат дека ова правило е најважно. Така, ова е единствената земја во светот кадешто е дозволено контролирано самоубиство за терминално болните пациенти.

Друг факт кој бил земен предвид додека се донесувале законите е верувањето дека криењето на негативните социјални феномени не ги елиминира, ами напротив – ги зголемува и ги прави полоши бидејќи така се потешки за контролирање.

Овие идеи ги прават дрогите приватен избор на секој индивидуалец. Сепак, производството, продажбата и чувањето на дроги претставува криминал, како и во секоја земја.

Холанѓаните на користењето дроги гледаат како здравствен проблем, сличен како пушењето цигари и пиењето алкохол. Тие посочуваат и кон фактот дека забраната на алкохолот во САД во периодот од 1919 до 1933 година предизвикало повеќе негативни ефекти во поглед на зголемениот криминал, отколку позитивни социјални промени.

Прописи

ampotcafeХоланѓаните ги делат дрогите во две групи во зависност од нивното влијание на човековото здравје – лесни дроги и тешки дроги. Тешките дроги, како кокаинот, ЛСД, морфин, хероин, се забранети во Холандија, како и во сите останати земји.

Лесните дроги како канабис во сите свои форми (марихуана, хашиш) и халуциногените печурки се легални за таканаречена „лична употреба“. Поради тоа, пушењето канабис, дури и во јавноста, не се смета за криминално дело. Неговото продавање се толерира доколку е ограничено и контролирано во мали количини (во „кофи шоповите“, дозволено е продавање на мали порции од најмногу 5 грама канабис, а се продава само на возрасни и не е дозволено рекламирање на дрогите).

Продажбата на повеќето халуциногени печурки е забрането од 2008 година. Претходно, тие биле продавани како народни лекови бидејќи не се сметале за дроги. Тие биле забранети по стотина случаи на потребна медицинска помош по конзумирање на халуциногени печурки, вклучувајќи и еден смртен случај.

Повеќе видови не биле ставени на листата на забранети халуциногени печурки и се продаваат и денес. Сепак, тие не се продаваат секаде и не се препорачуваат за секого бидејќи влијаат различно на секоја личност и може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми кај одредени луѓе.

toeristen-blijven-welkom-in-coffeeshops-in-amsterdam-id3627015-1000x800-nВо Холандија, постојат строги закони за ограничување на дозволените лесни дроги, како и условите во кои се продаваат и користат. Возење под дејство на лесни дроги се смета за еднакво криминално дело како и возење под дејство на алкохол. Растењето, процесирањето и продавањето во големи количини е забрането, но казните се помали во однос на останатите земји.

Холанѓаните не сметаат дека дозволувањето на лесните дроги е чудесно решение за сè. Тие се обидуваат да го спречат несоодветното користење на лесните дроги преку образовни методи и се борат против последиците на истото со здравствени методи како бесплатно тестирање на екстази и бесплатен метадон за зависниците од хероин.

Статистиките покажуваат дека прописите на Холандија немаат негативни ефекти. Имено, само 16% од младите Холанѓани со просечни 28 години пробале марихуана. Се чини дека достапноста на лесните дроги ги прави неинтересни.

Автор: Драгана Петрушевска

–ПРАВДИКО–

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико