Правилникот за начинот на одмерување на казните донесен без претходно мислење од адвокатската комора – писмена реакција
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Управниот одбор на Адвокатска комора на Република Македонија одржа седница на ден 24.04.2014 година, на која присутните членови едногласно ја донесоа следната
ОДЛУКА
Да се издаде писмена реакција во врска со начинот на донесување на Правилникот за начинот на одмерување на казните, објавен во Службен Весник на Република Македонија бр.64 од 17.04.2014 година, со следната содржина:
ПИСМЕНА РЕАКЦИЈА ОД
АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Во Службен весник на Република Македонија бр. 64 од 17.04.2014 година, е објавен Правилникот за начинот на одмерување на казните.
Адвокатската комора на Република Македонија најостро реагира затоа што Правилникот за начинот на одмерување на казните е донесен од Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, без претходно прибавено мислење од Адвокатска комора на РМ, кое е задолжително согласно одредбата од член 1 од Законот за изменување на Кривичниот законик (Службен весник на РМ бр.28 од 06.02.2014 година).
Имено, согласно член 1 од Законот за изменување на Кривичниот законик, од страна на Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија беше доставена изменета верзија на Правилникот за начинот на одмерување на казните, и побарано комората да даде мислење за што и беше даден рок од 1 /еден/ работен ден, до 16.04.2014 година (барањето за мислење беше доставено до Адвокатската комора на РМ на 14,04,2014 година во 14,30часот, а рокот прецизиран со допис од 15,04,2014 година). Членовите на Управниот одбор заземаа становиште дека во толку краток рок не е можно да се даде одговорно и релевантно мислење, поради што Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија беше известен дека мислењето ќе биде дадено во разумен рок во кој членовите на Управниот одбор и останатите ќе можат да ја анализираат изменетата верзија на Правилникот за начинот на одмерување на казните и да дадат мислење.
Но, Правилникот за начинот на одмерување на казните е донесен на 16.04.2014 година (датум кој е во рамките на дадениот краток рок), без мислење од Адвокатска комора на Република Македонија.
Адвокатската комора на Република Македонија по претходната верзија на Правилникот за начинот на одмерување на казните даде негативно мислење.
Адвокатската комора на Република Македонија смета дека ваквото постапување е спротивно на Законот за изменување на Кривичниот законик, кој не дава можност Правилникот за начинот на одмерување на казните да биде донесен без мислење од Адвокатската комора на Република Македонија.
АДВОКАТСКА КОМОРА НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Управен одбор
Извор: АКМ на РМ