Правни лекови во управната постапка | Правдико

Правдико

   

Правни лекови во управната постапка

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

pppopoЗа решението на органот на управата, странката има право на правни лекови.

Правните лекови може да бидат:

1) редовни правни лекови 
• жалба

2) вонредни правни лекови 
• повторување на управната постапка
• поништување, укинување и менување решение
• барање за заштита на законитоста
• поништување и укинување според правото на надзор
• укинување и менување на правосилно решение со согласност од странката или по барање на странката
• вонредно укинување
• огласување на решението за ништовно

Редовни правни лекови

За решението донесено во прв степен странката има право на жалба, во согласност со закон. Жалбата се поднесува во рок од 15 дена од денот на прием на решението, освен ако со закон не е определено поинаку. При тоа, рокот за жалба се смета од денот на доставувањето на решението.Во текот на рокот за жалба решението не може да се изврши. По исклучок, решението може да се изврши во жалбениот рок, како и откако жалбата е изјавена, ако тоа е предвидено со закон, ако се работи за преземање итни мерки или ако поради одложување на извршувањето на некоја странка би ù била нанесена штета што не би можела да се надомести. Во тој случај, може да се бара соодветно обезбедување од странката во чијшто интерес се спроведува извршувањето и со обезбедувањето да се услови извршувањето.

Жалбата непосредно му се предава или му се праќа по пошта на органот што го донел првостепеното решение, а за неа одлучува второстепениот орган. При тоа, тој може да ја одбие жалбата, со свое решение да го поништи првостепеното решение и сам ќе ја реши работата или со свое решение да го поништи првостепеното решение и предметот ќе му го врати на првостепениот орган на повторна постапка.

Жалба може да се изјави и кога првостепеното решение не е донесено (молчење на управата). Во тој случај, второстепениот орган може да му определи на првостепениот орган рок за донесување решение, кој не може да биде подолг од 30 дена или да донесе свое решение. Ваквото решение е конечно. Решение за жалбата мора да се донесе и да и се достави на странката штом е тоа можно, а најдоцна во рок од два месеца сметајќи од денот на предавањето на жалбата, ако со посебен пропис не е определен пократок рок.

Вонредни правни лекови

Повторување на управната постапка
Постапката окончана со решение за кое нема редовно правно средство во управната постапка (конечно во управната постапка) ќе се повтори ако:

• се дознае за нови факти, се најде или се стекне можност да се употребат нови докази кои, сами или во врска со веќе изведените и употребените докази, би можеле да доведат до поинакво решение ако тие факти, односно докази, биле изнесени или употребени во поранешната постапка;
• решението е донесено врз основа на лажна исправа или лажен исказ на сведок или вештак, или ако дошло како последица од некакво дело казниво според Кривичниот законик;
• решението се заснова врз пресуда донесена во кривична постапка, а таа пресуда е правосилно укината;
• решението е поволно за странката и е донесено врз основа на невистинити
наводи на странката, со кои органот што ја водел постапката бил доведен во заблуда;
• решението на органот што ја водел постапката се заснова врз некое претходно прашање, а надлежниот орган тоа прашање подоцна го решил поинаку во суштествените точки;
• во донесувањето на решението учествувало службеното лице кое според законот морало да биде изземено;
• решението го донело службеното лице на надлежниот орган што не било овластено за негово донесување;
• колегијалниот орган што го донел решението не решавал во составот предвиден со важечките прописи или ако за решението не гласало пропишаното мнозинство;
• на лицето кое требало да учествува во својство на странка не му била дадена можност да учествува во постапката и
• странката не ја застапувал застапникот по закон, а според законот требало да ја застапува.

Повторување на управната постапка може да бара странката, а органот што го донел решението со кое постапката е окончана може да поведе повторување на постапката по службена должност.Странката може да бара повторување на постапката во рок од еден месец, а тој рок тече различно во зависност од причините поради кои се бара повторување на постапката. По истекот на рокот од пет години од доставувањето на решението на странката, не може да се бара повторување, ниту може да се поведе по службена должност.

По исклучок, и по рокот од пет години може да се бара повторување, односно да се поведе само ако решението е донесено врз основа на лажна исправа или лажен исказ на сведок или вештак, или ако дошло како последица од некакво дело казниво според Кривичниот законик, решението се заснова врз пресуда донесена во кривична постапка, а таа пресуда е правосилно укината и решението. Правни основи и механизми за заштита на човековите правана органот што ја водел постапката се заснова врз некое претходно прашање, а надлежниот орган тоа прашање поодоцна го решил поинаку во суштествените точки.

Поништување, укинување и менување решение

Органот за чиешто решение навремено е поведен управен спор до окончувањето на спорот, ако ги уважува сите барања на тужбата, може да го поништи или измени своето решение од причини од кои судот би можел да го поништи таквото решение ако со тоа не се повредува правото на странката во управната постапка или на трето лице.

Барање за заштита на законитоста

За правосилно решение донесено во работа во која не може да се води управен спор, а судска заштита не е обезбедена ни надвор од управниот спор, јавниот обвинител на Република Македонија има право да поднесе барање за заштита на законитоста ако смета дека со решението е повреден законот.

Барање за заштита на законитоста може да се поднесе во рок од еден месец од денот кога решението му е доставено на јавниот обвинител на Република Македонија, а ако не му е доставено, во рок од шест месеци од денот на доставувањето на странката. За барање за заштита на законитоста за решение што во управна постапка го донел орган на државната управа или правно и друго лице на кое со закон му е доверено да врши јавно овластување решава органот определен со закон кој е надлежен за решавање жалба за побиваното решение.

Поништување и укинување според правото на надзор

Решението што е конечно во управната постапка надлежниот орган ќе го поништи според правото на надзор ако:

• решението го донел стварноненадлежен орган;
• во истата работа порано е донесено правосилно решение со кое таа управна работа е решена поинаку;
• решението го донел еден орган без согласност, потврда, одобрение или мислење на друг орган, а тоа е потребно според законот или друг пропис  основан врз закон;
• решението го донел месноненадлежен орган и
• решението е донесено како последица од принуда, изнуда, уцена, притисок или од друго недозволено дејство.

Решението што е конечно во управната постапка, може да се укине по правото на надзор ако со него очигледно е повреден материјалниот закон. Во работите во кои учествуваат две или повеќе странки со спротивни интереси, решението може да се укине само со согласност од заинтересираните странки.Решението може да го поништи или да го укине второстепениот орган според правото на надзор, а ако нема таков, тогаш решението може да го поништи или да го укине органот што е овластен со закон да врши надзор над работата на органот што го донел решението.

Укинување и менување правосилно решение со согласност од странката или по барање на странката

Ако со правосилно решение странката стекнала некое право, а органот што го донел тоа решение смета дека во тоа решение неправилно е применет материјалниот закон, може да го укине или да го измени решението заради негово усогласување со законот само ако странката која врз основа на тоа решение стекнала право се согласи со тоа и ако со тоа не се повредува правото на трето лице.

Согласноста на странката е задолжителна и за измена на штета на странката на правосилното решение со кое на странката и е определена обврска.Под овие услови, а по барање на странката може да се укине или измени и правосилно решение кое е неповолно за странката. Ако органот најде дека нема потреба да се укине или измени решението, должен е за тоа да ја извести странката. Измената на решението дејствува само во иднина.

Решението за укинување или менување на правосилно решение го донесува првостепениот орган што го донел решението, а второстепениот орган само кога со свое решение одлучил за работата. Ако тој орган е укинат или престанал да биде надлежен во работата за која се работи, решението го донесува органот што е надлежен за таа работа во времето на донесувањето на решението.

Вонредно укинување

Извршното решение може да се укине само ако тоа е потребно за да се отстрани тешка и непосредна опасност за животот и за здравјето на луѓето, јавната безбедност, јавниот мир и поредок или јавниот морал, ако тоа не би можело да се отстрани успешно со други средства со кои помалку би се засегнувало во стекнатите права. Решението може да се укине само делумно, во обем колку што е неопходно за да се отстрани опасноста или да се заштитат наведените општи јавни интереси.

Ако решението го донел првостепениот орган, тоа решение може да го укине второстепениот орган, а ако нема второстепен орган, органот што со закон е овластен да врши надзор над работата на органот што го донел решението. За решението со кое се укинува поранешното решение е допуштена жалба, само кога тоа решение го донел првостепен орган.

Во спротивно, за таквото решение непосредно може да се поведе управен спор.Странката што поради укинување на решението трпи штета има право на надомест само на стварната штета. За решавање на барањето за надомест на штета е надлежен во прв степен судот што, според Законот за управните спорови, бил надлежен за решавање на управниот спор за решение донесено врз основа на овој член. За износот на надоместот судот решава по свое уверување земајќи ги предвид сите околности на случајот.

Огласување на решение за ништовно

Законот, исто така, предвидува и можност решението да се огласи за ништовно (целосно или делумно). Решението во секое време може да се огласи за ништовно по службена должност, по барање на странката или јавниот обвинител на РМ. За ништовно може да се огласи решение кое не може да се изврши, чиешто извршување може да предизвика дело казниво со Кривичниот законик и други закони и во други случаи предвидени со законот.

Извор: http://www.healthrights.mk

Препорачуваме

Партнери на Правдико