Правни нејаснотии оставаат невработени без лекар | Правдико

Правдико

   

Правни нејаснотии оставаат невработени без лекар

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Горан С. неодамна ја изгубил работата. Сега нема здравствено осигурување, ниту тој, ниту невработената сопруга, ниту, пак, нивното двегодишно дете. За да добие право да се лекува на државен трошок ова семејство мора секој месец да плаќа за осигурување. Платата на Горан во 2016-та била повисока од околу 10.000 месечно, па, сега, иако нема редовни примања, не му следуваат сини картони на ниту еден член на семејството. Тој, како и многумина други, нема да се осигури. Вели дека ќе туркаат вака, а ако некој од нив сериозно се разболи, тогаш ќе платат за осигурувањето. Едноставно, во услови без примања, нема од каде да издвои пари и за тоа. Останува да се моли да најде работа, или тој или сопругата, а и, секако, да се здрави.

Небулоза, која веќе неколку години е озаконета, остава цела група граѓани на немилост. Иако постојано се зборува за значењето на превентивата и навременото одење на лекар, а тоа е и државен здравствен приоритет, овие луѓе не може да внимаваат на тоа. Приватно не можат да платат, а државата ги тргнала настрана. На лекар одат само ако се разболат сериозно. Институциите си ја префрлаат топката за тоа кој го смислил ова решение, но не споменаа иницијатива за негова промена.
– Ќе направиме како многумина без работа. Ако се случи нешто сериозно со нашето здравје, ќе платиме, ќе се снаоѓаме, ќе се позајмуваме. Бев во шок кога ми го кажаа ова. Верувајте, има многу тековни трошоци и нема од каде да издвоиме. За мене ова е крајно лошо решение и создава болна нација – вели Горан

Доколку за некоја болест навреме се појде на лекар, лекувањето е поевтино, а изгледите за здравје се поголеми. Чекањето создава можност да се искомплицира здравјето, па лекувањето да чини многу, а да се намалат можностите за излекување. Тоа е неповолно и за пациентот, а голем ризик и за државата, која секако ќе плати повеќе кога во тој момент болниот ќе се осигури.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека не се надлежна институција, туку ги применуваат прописите од Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување. Предлагач на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, објаснуваат, е Министерството за финансии, а го носи Собранието на Република Македонија и со овој закон се уредени дел од прашањата што се однесуваат на плаќањата на придонесот.

– Лицата што првпат поднесуваат пријава за здравствено осигурување е потребно да дојдат на шалтерите во Фондот да се пријават, во согласност со сегашните објавени законски лимити. Според новите лимити за здравствено осигурување, ако во семејството во 2016 година имало нето-приход до 120.960 денари – здравственото осигурување е на товар на државата, односно Министерството за здравство плаќа придонес за здравствено осигурување. Ако приходот бил од 120.960 денари до 197.262 денари и ако во последните два месеца оствариле вкупен приход помал од 20.160 денари – здравственото осигурување е на товар на државата. За приход од 120.960 денари до 197.262 денари здравственото осигурување го плаќа осигуреникот во износ од 50 отсто на просечната плата односно плаќа 1.200 денари месечно придонес. Над 197.262 денари – здравственото осигурување го плаќа осигуреникот во износ од 100 отсто на просечната плата, односно плаќа 2.400 денари месечно придонес.

– Превенцијата и грижата за сопственото здравје е право, но и обврска на секој граѓанин. Фондот вложува за превенција на осигурените лица, меѓутоа секој од нас треба да се пријави во системот на задолжително здравствено осигурување, за да ги користи овие права – коментираат оттаму.
Бројот на осигуреници што ја користеле, како што велат оттаму, поволноста да плаќаат повластени ставки за здравствено осигурување, по 1.200 денари месечно, во 2016-та бил 361 осигурено лице, додека бројот на лица што плаќале 100 проценти придонес изнесувал 853.

– Би сакале да укажеме и дека кога се користи терминот невработени лица, треба прецизно да се каже, бидејќи има и невработени лица што земаат паушал и по 5.000 евра месечно – додаваат од Фондот.
Од Министерство за финансии велат дека со законското решение се овозможило сите граѓани на Република Македонија (вклучувајќи ги и невработените) што не остваруваат приходи да имаат пристап до здравствено осигурување преку Фондот за здравствено осигурување.

– Сите други граѓани што остваруваат приходи и немаат друга основа на осигурување, во согласност со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и со Законот за здравствено осигурување, можат да пристапат доброволно во задолжително здравствено осигурување под одредени услови (плаќање придонес). За оние граѓани што во претходната календарска година оствариле приходи (од работен однос или сл.), единствено во случај ако во претходните два месеци оствариле приход што е помал од износот на минималната плата за претходна година во согласност со закон на месечно ниво (или ако не оствариле приход во изминатите два месеца), нема да плаќаат придонес за здравствено осигурување, туку за нив го плаќа Министерството за здравство – велат од Министерство.

Со оваа одредба, сметаат, се заштитуваат лицата што поради каква било причина останале без приходи. Така, ако два месеца последователно не остваруваат приходи, тие може да се регистрираат во ФЗОМ за „бесплатно здравствено“ осигурување.
– Ваквото решение е донесено поради тоа што во согласност со членот 52 од Законот за здравствено осигурување „за осигурениците за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош“. Така, овие лица се обезбедени со здравствена заштита два месеца по последниот уплатен придонес, по што доколку во тие два месеци не остваруваат или остваруваат приход под минималната плата, може да се регистрираат во ФЗОМ за „бесплатно здравствено“ осигурување – додаваат од Министерството.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико