Правно мислење на Врховен суд за престанок на вработување на јавен службеник | Правдико

Правдико

   

Правно мислење на Врховен суд за престанок на вработување на јавен службеник

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по правните прашања од интерес за единствена примена на правото и воедначување на судската практика, на седница одржана на ден 16.12.2016 година, го донесе следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Кога на работник за превземени дејствија кои претставуваат кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски согласно Законот за работните односи, од страна на работодавачот му е изречена парична казна, не може по започнување на примената на Законот за јавните службеници и промена на статусот во јавен службеник, да му се изрече и престанок на вработување по сила на закон како недостоен за јавен службеник и за вршење на службата во институцијата, за истите дејствија кои имаат обележја на кривични дела, иако е огласен за виновен со правосилна судска одлука и му е изречена алтернативна мерка – условна осуда.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Со член 1 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ“ бр.62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/11 и 39/12), утврдено е дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување, а според став 2 од истиот член, работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување. Член 3 став 1 од истиот закон, определува дека овој закон ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и другите правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон инаку не е определено.

Со став 2 од истиот член, пропишано е дека работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон, Колективен договор, а според став 3, во работниот однос секоја од страните е должна да ги исполнува пропишаните и договорени права, обврски и одговорности. Според членот 76 став 1 точка 2 од овој закон, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос ( причина на вина ).

Според член 84 од истиот закон, во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски и на работниот ред и дисциплина, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, работодавачот може на работникот да му изрече парична казна, која не може да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот, во траење од еден до шест месеци. Поаѓајќи од цитираните одредби од Законот за работни односи, произлегува дека кога е сторена повредата на работните обврски или на работниот ред и дисциплина од страна на работникот, работодавачот е тој кој што има право да оцени дали ќе му го откаже на работникот договорот за вработување или ќе му изрече парична казна. Законот за јавните службеници објавен во Службен весник на РМ бр.52/10, според членот 83, влегол во сила на 24.04 2010 година, а ќе започне да се применува една година од денот на влегување во сила.

Со член 2 од овој закон, утврдено е дека јавни службеници се лицата кои вршат работи и работни задачи од јавен интерес во согласност со Уставот, закон и ратификувани меѓународни договори, професионално, политички неутрално и непристрасно. Согласно член 3 став 1 точка 1 од истиот закон, јавни службеници се вработените кои вршат работи од јавен интерес во дејностите труд и социјални работи, социјална заштита и заштита на дететото, установите, фондовите, агенциите, а не се опфатени со Законот за државните службеници. Во член 64 од истиот закон, предвидено е дека на јавниот службеник му престанува вработувањето по спогодба, по негово барање, по сила на закон и во други случаи утврдени со закон. Согласно член 67 став 1 алинеа 4, на јавниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за јавен службеник и за вршење на службата во институцијата – со денот на врачувањето на правосилната пресуда.

Во судската практика, се појави ситуација во која работникот превзел дејствија со кои сторил повреда на работните обврски, во време кога неговиот работен однос со работодавачот бил уреден согласно Законот за работните односи, па за сторената повреда, согласно цитираниот член 84 од Законот за работни односи, работодавачот оценил дека истиот треба да биде парично казнет. За истите тие дејствија кои имаат обележја на кривични дела, работникот е огласен за виновен со правосилна кривична пресуда и му е изречена алтернативна мерка – условна осуда. Со оглед што во тоа време веќе бил во примена Законот за јавни службеници, согласно кој закон работникот се здобил со статус на јавен службеник, врз основа на погоре цитираниот член 67 став 1 алинеа 4, работодавачот донел решението за отказ на работниот однос по сила на закон.

Пред Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија се постави прашањето дали на овој начин за повреда на работните обврски работникот еднаш е парично казнет од работодавачот, согласно Законот за работните односи, а со отказот на договорот по сила на закон, согласно Закон за јавни службеници, по втор пат се казнува за истата повреда на работните обврски. Според мислењето на мнозинството во Одделот, а поаѓајќи од цитираните законски одредби, за сторена повреда на работните обврски во време кога работниот однос на работникот бил заснован на Законот за работните односи, па работодавачот ценејќи ги условите предвидени во членот 84 од законот, одлучил да му изрече парична казна, не може по започнување на примената на Законот за јавните службеници и промена на статусот во јавен службеник, да му изрече и престанок на вработување по сила на закон, затоа што на тој начин на работникот за истата повреда му се изрекува и парична казна и престанок на вработување.

Одделот при тоа имаше во обзир дека Закон за јавни службеници не бил во примена во време на сторувањето на повредата, а пак со Законот за работните односи не бил пропишан престанок на работниот однос по сила на закон. Со вака усвоеното правно мислење, Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, очекува дека ќе се воедначи судската практика и ќе се обезбеди еднаквост на граѓаните пред законот, а со тоа ќе се зацврсти нивната правна сигурност.

Препорачуваме

Партнери на Правдико