Правдико

   

Право на гарантирана минимална помош за материјално необезбедени домаќинства

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Право на гарантирана минимална помош има домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува.

За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантираната минимална помош, согласно со овој закон.

Висина на гарантираната минимална помош

Висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството.

Основицата изнесува 4.000 денари месечно, а за секој следен полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува согласно со еквивалентна скала и тоа за:

– вториот член за коефициент од 0.5,
– третиот член за коефициент од 0.4,
– четвртиот член за коефициент од 0.4 и
– петтиот член за коефициент од 0.2.

За дете член на домаќинството основицата се зголемува за коефициент од 0.1.

Еквивалентна скала осе зголемува за коефициент од 0.5 за самохрана жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и самохран родител до започнување на основното образование на детето, но најдоцна до седум годишна возраст на детето, а заклучно до третото дете.

Еквивалентна скала исто така се зголемува за лице кое е неспособно за работа поради интелектуална попреченост, телесна попреченост, душевно заболување или поради трајни промени во здравствената состојба, но најмногу до три члена во домаќинството и тоа за првиот член за коефициент од 0.5, за вториот член за коефициент од 0.2, за третиот член за коефициент од 0.2,.

Неспособноста за работа за овие лица се утврдува со наод, оцена и мислење од стручна комисија за утврдување на неспособност за работа формирана при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Обврски на носителот на правото на гарантирана минимална помош

Центарот за социјална работа го определува носителот на правото на гарантирана минимална помош. Носителот на правото е должен да ја пријави бројната состојба на домаќинството, материјалната и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, при поднесување на барањето и да извести за промените во текот на користењето на правото, а кои влијаат на остварување и користење на правото, во рок од 15 дена сметано од настанувањето на промената, до надлежниот центар за социјална работа.

Гарантираната минимална помош се исплатува во висина на разликата од утврдениот износ на гарантираната минимална помош и вкупните просечни месечни приходи по сите основи на домаќинството, остварени во последните три месеци. Висината на гарантирана минимална помош се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година.

Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година не се врши усогласување на висината на гарантираната минимална помош.

При утврдување на висината на гарантираната минимална помош за член на домаќинство не се смета лице кое е:

– на издржување казна затвор подолго од 30 дена,
– со решение на центарот за социјална работа е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка, или друга установа и
– сторител на семејно насилство.

Домаќинства на кои не им следува право на гарантирана минимална помош

Право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство во кое член:

– може сам да се издржува,
– може да остварува приходи со продажба или со давање под закуп на имот во нивна сопственост, кој членовите на домаќинството не го користат,
– има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор,
– може да обезбеди издржување по друга основа,
– е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување, до истекот на периодот до кога стекнува право повторно да се пријави, согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност и/или
– на кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос, во последните 12 месеци пред поднесување на барањето за остварување на право на гарантирана минимална помош.

Право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство кое не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа.

Членовите на домаќинството, корисници на гарантирана минимална помош, кои се невработени, се евидентираат во надлежниот центар за вработување, согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Центарот за социјална работа го задолжува корисникот  во рок од 30 дена од денот на примот на решението за остварување на гарантирана минимална помош, да се евидентира како невработено лице во надлежниот центар за вработување.

Доколку корисникот  не се јави во надлежниот центар за вработување во определениот рок  истиот по службена должност веднаш, а најдоцна три дена од денот на истекот на рокот, го известува надлежниот центар за социјална работа. Центарот за социјална работа со секој член на домаќинството, корисник на гарантирана минимална помош, кој е невработен и евидентиран во надлежниот Центар за вработување, изготвува индивидуален план. Корисникот на гарантирана минимална помош е должен да ги извршува обврските од индивидуалниот план заради надминување на материјалната необезбеденост на домаќинството.

Центарот за социјална работа и Центарот за вработување соработуваат во реализацијата на индивидуалниот план за вработување на корисникот, заради негово учество во активните мерки за вработување, како и вработување. Центар за социјална работа го спроведува индивидуалниот план за секој работно способен член на домаќинството, корисник на гарантирана минимална помош согласно со податоците од индивидуалниот план за вработување, добиени од Центарот за вработување.

Начинот на соработката за вклучување на корисникот во активните мерки за вработување, како и формата на образецот на индивидуалниот план од член 35 став 1 од овој закон, ги пропишува министерот за труд и социјална политика (во натамошниот текст: министерот).

Обврската наведена погоре не се однесува за лице:

– на редовно школување,
– неспособно за работа,
– жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и еден од родителите кој се грижи за детето до девет месечна возраст, освен доколку самиот се согласи да учествува во активни мерки и услуги,
– со навршени 60 години возраст, освен доколку самото се согласи да учествува во активни мерки за вработување,
– во работен однос,
– вршител на земјоделска, сточарска или друга дејност и
– вршител на занаетчиска, односно професионална дејност.

Корисниците на гарантираната минимална помош можат да бидат работно ангажирани за извршување на јавни работи, согласно со прописите од областа на вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност.

Лица кои не подлежат на работно ангажирање  се: лице над 60 години возраст, жена за време на бременоста и еден од родителите кој се грижи за детето до девет месечна возраст на детето, лице неспособно за работа поради старост, попреченост или болест, лице во работен однос, ученик и студент.

Ако корисникот на гарантираната минимална помош неоправдано го одбие работното ангажирање, се смета за член на домаќинството при пресметување на вкупните приходи на домаќинството, а се исклучува од користење на правото на гарантираната минимална помош во наредните 12 месеци, сметано од денот на донесување на решението.

Престанок на правото на гарантирана минимална помош

Правото на гарантирана минимална помош престанува доколку:

– носителот даде невистинити или нецелосни податоци за материјалната, семејната и имотната состојба на домаќинството при поднесувањето на барањето,
– носителот не ја пријави промена на бројната состојба на домаќинството, материјалната и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, во текот на користењето на правото,
– корисникот не се пријави во надлежниот центар за вработување во рокот и редовно не ги исполнува обврските за евидентирање согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност,
– корисникот два пати последователно одбие да ги исполни обврските од индивидуалниот план за вработување за вклучување во програмата за активни мерки за вработување или одбие посредување за вработување согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност,
– работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос,
– домаќинството не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа или
– на овластениот работник не му се дозволи да направи увид во домот за проверка на материјалната и бројната состојба во домаќинството, констатирано врз основа на стручна документација.

Овие домаќинства се исклучуваат од користење на правото на гарантираната минимална помош во наредните 12 месеци. На домаќинството на кое ќе му престане правото на гарантираната минимална помош  правото ќе продолжи само за лицата членови на домаќинството кои не се причинители на престанокот на правото.

Паричен додаток за потрошувачка на енергенси во домаќинството

Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.

Месечниот износ на висината на додатокот изнесува 1.000 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Домаќинство со деца кое користи гарантирана минимална помош, остварува и права за заштита на децата, согласно со Законот за заштита на децата.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико