Право на испратнина во случај на отказ од деловни причини | Правдико

Правдико

   

Право на испратнина во случај на отказ од деловни причини

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

iStock_000004377298Small-1(Обновено 22.10.2018г.) Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот , поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот.

Како основани причини кога работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, се следните:

лични причини и тоа кога работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос
причини на вина кога  работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос  и
деловни причини кога ќе престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот.

Работодавачот, пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), поради кои престанува потребата од вршење на определена работа, може на работникот да му понуди:

1) вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка, односно квалификација;
2) стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работа кај истиот или кај друг работодавач) или
3) нов договор за вработување.

Ако работодавачот го откаже договорот за вработување поради деловни причини, не може на истите работи, со иста стручна подготовка и занимање да вработи друг работник, во рок од две години од денот на престанокот на работниот однос.

Ако пред истекот на рокот од две години, настане потреба за вршење на истите работи, предност за склучување на договор за вработување има работникот на кој претходно му престанал работниот однос.

Ова не се однесува за вработување од трговско друштво, односно трговец поединец во државен орган, јавно претпријатие, јавна установа, единица на локалната самоуправа и градот Скопје, фондови, агенции, заводи и други правни лица основани со закон.

Право на испратнина

Во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му исплати испратнина, и тоа:

1) до пет години поминати во работен однос – во висина од една нето плата;
2) од пет до десет години поминати во работен однос – во висина од две и пол нето плати;
3) од десет до 15 години поминати во работен однос – во висина од три и пол нето плати;
4) од 15 до 20 години поминати во работен однос – во висина од четири и пол нето плати;
5) од 20 до 25 години поминати во работен однос – во висина од шест нето плати и
6) над 25 години поминати во работен однос – во висина од седум нето плати.

Основица за пресметка

iStock_000016560899SmallОсновица за пресметка на испратнината е просечната нето плата на работникот во последните шест месеца пред отказот, но истата да не биде помала од 50% од просечната нето плата исплатена по работник во Републиката во последниот месец пред отказот.

Испратнината се исплатува со денот на престанокот на работниот однос. Секое барање, односно давањето на согласност за откажување од правото на испратнина од страна на работодавачот, односно работникот се сметаат за ништовни. По исклучок испратнина не се исплатува во случај на откажување на договор за вработување од деловни причини на работник кој врши сезонска работа која трае до три месеци.

Право на испратнина во случај на откз од страна на работникот

Работникот може по истекот на три дена откако претходно писмено го предупредил работодавачот на исполнувањето на обврските, да му го откаже договорот за вработување, ако:

1) работодавачот повеќе од три месеца не му обезбедува работа и така не му ја исплаќа определената плата;
2) не му е овозможено вршење на работата заради одлука на надлежната инспекција за забрана на вршење на работниот процес или забрана на примена на средствата за работа подолго од 30 дена и работодавачот не му ја исплаќа законски определената плата;
3) работодавачот најмалку три месеца исплаќа намалена плата за работата;
4) работодавачот три пати последователно или во период од шест месеца не исплаќа плата за работата во законски, односно договорно определениот рок;
5) работодавачот не ја обезбедува заштитата на работникот при работа, а работникот претходно побарал отстранување на заканувачката непосредна и неизбежна опасност за животот и здравјето;
6) работодавачот го навредува и насилнички се однесува кон него или наспроти неговите предупредувања не го спречува таквото однесување од страна на другите работници;
7) работодавачот не му обезбедува еднаков третман со оглед на полот и
8) работодавачот ништо не презел работникот да не стане жртва на полово вознемирување.

Работникот во случај на отказ заради однесувањата од точката 1 има право на испратнина и на обештетување најмалку во висина на изгубената плата за времето на отказниот рок.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико