Право на мирен протест
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Едно од основните човекови права e и правото на мирен протест со кое се овозможува субјектите да можат да го изразат сво е то мислење за согласноста со определени дејствија преземени од државата и од институциите во истата. Мирниот протест особено е важен кога постои опасност молчењето да се сфати како одобрување, односно како давање согласност со постаечката ситуација.
Правото на јавно собирање, покрај тоа што е загарантирано во член 21 од Уставот, е уредено и во посебен Закон за јавни собири. За јавен собир се смета собирањето на повеќе од 20 граѓани на отворен или на затворен простор заради остварување на различни интереси.
Просторот за собирот треба да одговара за намената, а ограничувањето се однесува, на пример на места на кои се нарушува мирот на болни лица, на детски градинки и на загрозувањето на патниот сообраќај.
Иако во законот не е предвидена можноста за организирање контрапротести, во практиката се случува одржување на паралелни собирања со кои учесниците сакаат да изразат свое несогласување или спротивставување со ставовите и мислењата кои се искажуваат на мирниот протест.
Во последно време често се случува да се огранизираат јавни протести од разни причини, како на пример кога се протестира заради неоткупен тутун, грозје, млеко, јаболка и други земјоделски производи, кога се протестира за нерешен статус на стечајни работници, на војниците по договор, на воспитувачките на деца, ловџии, дипломирани криминолози, технички персонал од градинки и слично.
Јавни протести биле организирани и поради градби, на пример наречени „Скопје 2014“, како и за градбата на сакрален објект на скопското Кале. Паралелно со овие јавни собири на граѓаните биле организирани и контра протести од други групи при што дошло до немири кои довеле до физичко пресметување, до нанесени повреди на некои од учесниците и до причинета материјална штета.
При организирање протести и контрапротести доаѓа до израз граѓанско-правната заштита на ова право. Организаторите на протестите и на контрапротестите имаат обврска да преземат определени мерки во врска со непреченото организирање и одвивање на јавниот собир, а со тоа и за поставување редарска служба. Организаторот од МВР може да побара да се преземат потребните мерки за обезбедување и од ржување на редот на јавниот собир и од страна на полицијата, како и да го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога е доведена во прашање безбедноста на луѓето и имотот.
Исто така, и во случај кога од организаторот не е побарано одржување на редот на јавниот собир постои обврска на државните органи за преземање соодветни превентивни мерки со цел да не дојде до попречување на мирниот протест од организиран контрапротест.
Во ситуација кога во текот на мирен протест и контрапротест се причини штета на нечии имоти, или се повредат личните права на живот, телесното и душевното здравје, честа, угледот,достоинството, личното име, приватноста на личниот и семејниот живот, деловната тајна и слободата на претприемништво,се создава граѓанско-правна обврска за обесштетување.
Во рамки на правата и обврските за надомест на сторена штета се актуелизира активната легитимација за барање надомест од оштетениот субјект на јавниот собир, кој може да биде физичко и правно лице, како и пасивната легитимација на страна на штетникот, кој може да биде исто така физичко и правно лице, односно обврската на субјектот за надоместување на штетата причинета на оштетениот.
Постои одговорност и на организаторот на јавниот собир за надоместување на евентуалната штета во случај кога нема да ги преземе потребните мерки по однос на организацијата и одржувањето на редот на јавниот собир или доколку не го спречи учеството на провокатори, носењето оружје и слично (член 7 од Законот за јавни собири). Во оваа смисла постои и одговорност на државата за надоместување на штетата доколку надлежните државни органи не ги презеле потребните мерки за спречување на евентуална штета.