Право на надоместок на штета поради неоснована осуда или лишување од слобода | Правдико

Правдико

   

Право на надоместок на штета поради неоснована осуда или лишување од слобода

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

zatvor-resetke-(4)Право на надоместок на штета поради неоправдана осуда има лицето спрема кое била правосилно изречена кривична санкција или кое е огласено за виновно, а е ослободено од казната, а подоцна по повод вонреден правен лек новата постапка правосилно е запрена или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено, освен во следниве случаи, ако:

1) до запирање на постапката или пресудата со која обвинението се одбива дошло поради тоа што во новата постапка приватниот тужител се откажал од гонењето или оштетениот се откажал од предлогот, а до откажување дошло врз основа на спогодба со обвинетиот и

2) со решение во новата постапка обвинителниот акт бил отфрлен поради тоа што судот не бил надлежен, а овластениот тужител го започнал гонењето пред надлежниот суд.

Осудениот нема право на надоместок на штета ако со свое лажно признание или на друг начин намерно ја причинил својата осуда, освен ако на тоа бил присилен. Во случај на осуда за кривични дела во стек, правото на надоместок на штета може да се однесува и на одделни кривични дела во однос на кои се исполнети условите за признавање надоместок.

Правото на надоместок на штета застарува за три години од денот на правосилноста на пресудата со која обвинетиот е ослободен од обвинението или со кое обвинението е одбиено, односно во рок од три години од правосилноста на решението со кое обвинителниот акт бил отфрлен или постапката е запрена, а ако по повод жалбата решавал повисокиот суд во рок од три години од денот на приемот на одлуката на повисокиот суд. Пред поднесувањето на тужба за надоместок на штета до судот, оштетениот е должен со свое барање да се обрати до Министерството за правда заради постигнување спогодба за постоење на штета и за видот и висината на надоместокот.

Доколку  барањето за надоместок на штетата не биде усвоено или по него Министерството за правда не донесе одлука во рок од три месеци од денот на поднесувањето на барањето, оштетениот може кај надлежниот суд да поднесе тужба за надоместок на штета. Ако е постигната спогодба само во поглед на дел од барањето, оштетениот може да поднесе тужба во однос на остатокот од барањето.

Право на надоместок на штетата поради неосновано лишување од слобода му следува на лицето:

1) кое било во притвор а не дошло до поведување кривична постапка или постапката е запрена со правосилно решение, или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено;

2) кое издржувало казна лишување од слобода, а по повод повторувањето на кривичната постапка, барањето за заштита на законитоста или барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда му е изречена казна лишување од слобода во пократко траење од казната што ја издржал, или му е изречена кривична санкција која не се состои во лишување од слобода или е огласено за виновно, а е ослободено од казната;

3) кое поради грешка или незаконита работа на органот неосновано или незаконито е лишено од слобода, или е задржано подолго во притвор или во установата за издржување на казната или мерката и

4) кое во притвор поминало подолго време отколку што трае казната затвор на која е осудено.

Ако случајот на кој се однесува неоправданата осуда или неоснованото или незаконитото лишување од слобода на некое лице е прикажано во јавно средство за информирање и со тоа бил повреден угледот на тоа лице, судот, по негово барање ќе објави во весниците или во друго јавно средство за информирање соопштение за одлуката од која произлегува неоправданоста на поранешната осуда, односно неоснованоста или незаконитоста на лишувањето од слобода.

Исто така доколку на лицето на кое поради неоправдана осуда или неосновано лишување од слобода му престанал работниот однос или својството на осигуреник на социјално осигурување, му се признава работниот стаж, односно стажот на осигурување како да било на работа за времето за кое поради неоправданата осуда или неоснованото лишување од слобода го загубило стажот. Во стажот се засметува и времето на невработеност до која дошло поради неоправданата осуда или неоснованото лишување од слобода, а која не настанала по вина на тоа лице.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Како се одвива постапката на испитување на обвинет

Испитување на осомничениот/обвинетиот според новиот ЗКП

– Надомест на нематеријална штета

Препорачуваме

Партнери на Правдико