Право на паричен надоместок во случај на невработеност
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Висина на надоместокот
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот согласно со закон, колективен договор и договор за вработување и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12 месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата. Надоместокот не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката, објавена за последниот месец.
Времето за кое се исплатува паричниот надоместок
Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува:
1) еден месец, ако има стаж на осигурување најмалку девет месеца во непрекинато траење или 12 месеца со прекин во последните 18 месеца;
2) два месеца, ако има стаж на осигурување над 18 месеца до две и пол години;
3) три месеца, ако има стаж на осигурување над две и пол до пет години;
4) четири месеца, ако има стаж на осигурување над пет до седум и пол години;
5) пет месеца, ако има стаж на осигурување над седум и пол до десет години;
6) шест месеца, ако има стаж на осигурување над десет до дванаесет и пол години;
7) седум месеца, ако има стаж на осигурување над дванаесет и пол до 15 години;
8) осум месеца, ако има стаж на осигурување над 15 до седумнаесет и пол години;
9) девет месеца, ако има стаж на осигурување над седумнаесет и пол до 20 години;
10) десет месеца, ако има стаж на осигурување над 20 до дваесет и две и пол години;
11) единаесет месеца, ако има стаж на осигурување над дваесет и две и пол до 25 години и
12) дванаесет месеца, ако има стаж на осигурување над 25 години.
Паричниот надоместок на невработеното лице продолжува да се исплатува и по истекот на времето определено погоре:
– на жена корисник на паричен надоместок за време на бременост и породување според прописите за работните односи;
– ако Агенцијата го упатила на обука, преквалификација или доквалификација до истекот на времето определено за тоа.
Паричниот надоместок на невработеното лице му припаѓа од денот на престанокот на работниот однос, ако невработеното лице поднесе барање до Агенцијата кај којa е уплатуван придонесот за вработување, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.
Ако невработеното лице поднесе барање по истекот на рокот, паричниот надоместок му припаѓа од денот на поднесувањето на барањето за преостанато време.
Овластеното службено лице од Агенцијата кое ја води постапката е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето, по службена должност да ги прибави доказите и податоците потребни за докажување на исполнетоста на условите .
Престанување на правото на паричен надоместок
Правото на паричен надоместок на невработеното лице му престанува ако:
– заснова работен однос;
– основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице;
– врши занаетчиска или друга професионална дејност;
– одбие да се јави кај работодавачот ако е упатен од Агенцијата за засновање работен однос;
– одбие да заснова работен однос кај работодавачот ако го упатилa Агенцијата.
– одбие вработување со полно или скратено работно време, кое не е помало од половината од полното работно време, а е соодветно на неговото образование, знаење и можности;
– одбие обука, преквалификација или доквалификација која одговара на неговата стручна подготовка, знаења и способности или по своја вина ја прекине обуката, преквалификацијата или доквалификација;
– исполни услови за стекнување право на пензија или оствари право на пензија;
– невработеното лице од страна на надлежен орган се затекне на работа, е работно ангажирано или врши дејност спротивно на закон;
– ја загуби работната способност со денот на утврдување на изгубената работна способност.
– неоправдано одбие привремено вработување во исклучителни случаи (поплави, земјотреси, неопходно извршување на земјоделски работи и слично) од страна на надлежен орган кој организира акција за отстранување на последиците или за нивно спречување;
– одбие работно ангажирање за вршење на јавни работи;
– одбие вработување на работно место за кое се бара пониска стручна подготовка од неговата, а ако непосредно пред да остане невработен, со своја согласност, работел на такво работно место или изјавил дека прифаќа вработување и на понизок степен на стручна подготовка;
– отпочне издржување на казна затвор, подолго од шест месеци;
– не се јавува во Агенцијата во утврдениот рок;
– не се јави на покана на Агенцијата од неоправдани причини; и
– не ja извести Агенцијата во рок од осум дена за секоја промена која е услов или основа за стекнување, остварување или губење на правото на паричен надоместок.
Невработеното лице на кое му престанало правото на паричен надоместок може да го оствари тоа право ако повторно ги исполни условите за здобивање со право на паричен надоместок, со тоа што во стажот на осигурување не му се пресметува времето поминато во работен однос пред примениот последен паричен надоместок, освен на невработеното лице кое по престанокот на последниот работен однос има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување на право на старосна пензија.
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Постапка за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице
– Право на паричен надоместок за телесно оштетување
– Постапка за остварување право на постојана парична помош
– Постапка за парична помош на самохран родител кој има дете со пречки во развојот
– Постапка за остварување на правото за еднократна парична помош