Право на социјална сигурност за старите лица
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Законот за социјална сигурност за старите лица се уредува социјалната сигурност за старите лица, условите и постапката за остварување и финансирањето на правото на социјална сигурност за старите лица.
Услови за стекнување на право на социјална сигурност за старите лица
Право на социјална сигурност за старите лица има лице со навршени 65 години возраст под услови утврдени со овој закон. Ако подносителот на барањето за остварување на ова право има брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница со навршени 65 години возраст, правото го остварува само едно од лицата.
Право на социјална сигурност за старите лица, се остварува ако лицето:
1. има државјанство на Република Северна Македонија;
2. има постојано место на живеење во Република Северна Македонија во последните 15 години пред поднесување на барањето;
3. нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува;
4. не е корисник на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и
5. не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.
Условите осе однесуваат и за неговиот брачен другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница.
Право на социјална сигурност за старите лица не може да оствари лице кое со решение на центарот за социјална работа е сместено подолго од 30 дена во установа за вон-семејна социјална заштита, здравствена или друга установа.
Висина на паричниот износ
Висината на месечниот износ на правото на социјална сигурност за старите лица изнесува 6.000 денари. Висината на месечниот износ на правото на социјална сигурност за старите лица, се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година.
Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година не се врши усогласување на висината на правото на социјална сигурност за старите лица.
Паричен додаток за трошоци за потрошувачка на енергенси во домаќинството
Корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица, има право на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.
Месечниот износ на висината на додатокот изнесува 1.000 денари месечно, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година не се врши усогласување на висината на паричниот додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството.
На корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица му се обезбедува право на здравствена заштита, согласно со овој закон и прописите од областа на здравственото осигурување. Здравствена заштита се обезбедува само доколку не може да се стекне со осигурување по друга основа.
Корисникот е должен да ја пријави материјалната и имотната состојба за себе, за брачниот другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница, при поднесување на барањето и за време на користење на правото, да извести за промените во текот на користењето на правото, а кои влијаат на остварување и користење на правото, во рок од 15 дена сметано од настанувањето на промената, до надлежниот центар за социјална работа.
Престанок на правото
Правото на социјална сигурност за старите лица престанува ако:
– корисникот при поднесувањето на барањето даде невистинити или нецелосни податоци за материјалната, семејната и имотната состојба за себе, брачниот другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница,
– корисникот не ја пријави промената на материјалната и имотната состојба за себе, брачниот другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница, во текот на користењето на правото и
– корисникот со решение на центарот е сместен подолго од 30 дена во установа за вон- семејна социјална заштита или згрижувачко семејство, здравствена или друга установа.
Во овие случаи правото на социјална сигурност за стари лица не може да се користи во наредните 12 месеци.
По барањето за остварување на правото на социјална сигурност за старите лица во прв степен решава центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште или престојувалиште, во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.
По жалбата против решението решава Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос во втор степен.
–ПРАВДИКО–