Право на судење во разумен рок – Постапка за заштита
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Една од надлежностите на Врховниот суд на Република Македонија е да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
За остварување на ова право странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија. Барањето може да го поднесе во текот на постапувањата пред домашните судови, а најдоцна шест месеци сметано од денот на правосилноста на одлуката.
Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок треба да содржи :
– податоци за подносителот на барањето и правниот застапник,
– податоци за предметот и постапката за која странката смета дека ја сторила повредата на правото на судење во разумен рок,
– образложение на причините за наводно сторената повреда на правото за судење во разумен рок;
– изјава за побарување на правичен надомест и
– потпис на подносителот на барањето.
Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето во рок од шест месеци од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.
Доколку Врховниот суд на Република Македонија утврди повреда на правото за судење во разумен рок со решението ќе определи рок во којшто судот, пред кого постапката е во тек, мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето и ќе досуди праведен надоместок за поднесителот на барањето заради повреда на неговото право за судење во разумен рок.
Правичниот надоместок паѓа на товар на Судскиот буџет и се исплатува во рок од три месеци од денот на правосилноста на решението на Врховниот суд.
По приемот на барањето Врховниот суд на Република Македонија веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена ќе побара од првостепениот суд да достави препис на списите од предметното досие, а по потреба и изјаснување од повисокиот суд за времетраење на постапката пред него.
Одлуката по барањето Врховниот суд на Република Македонија ја донесува во совет од тројца судии на нејавна седница, но по исклучок судот може да одлучи да ги сослуша подносителот на барањето и претставникот на судот чија постапка е предмет на поднесеното барање. Против решението на советот на Врховниот суд на Република Македонија, незадоволната странка има право во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението да поднесе жалба до Врховниот суд, кој одлучува по истата.
Во рок од осум дена од донесувањето на правосилното решение, Врховниот суд на Република Македонија решението го доставува до Судскиот буџетски совет. Судскиот буџетски совет во рок од 15 дена по приемот на решението ќе побара од жалителот или неговиот полномошник да достави податоци за банкарската сметка за исплата на средствата досудени од Врховниот суд на Република Македонија.
Жалителот е должен податоците да ги достави во рок од пет дена од денот на приемот на барањето. Недоставувањето на податоците за сметката од страна на жалителот, не претставува пречка за извршување на решението . Оттука ако жалителот не ги достави податоците за банкарската сметка во рокот , средствата утврдени со решението за исплата ги префрла на депозитна сметка на Судскиот буџетски совет. Судскиот буџетски совет ќе ги префрли одобрените средства на сметка на жалителот по добивање на податоци за сметката.
Средствата на депозитната сметка ќе останат на располагање на жалителот најмногу една година по нивното депонирање. По истекот на овој рок, ако жалителот не достави податоци за сметка, средствата се враќаат во Буџетот на Република Македонија.
–ПРАВДИКО–