Правдико

   

Правото на бранител во кривичната постапка

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Одбраната на обвинетиот во текот на кривичната постапка е од клучно значење за остварување на правото на фер и правично судење. Правото на одбрана е едно од основните права на обвинетиот и тоа е уставно загарантиран принцип (член 12 од Уставот). Под одбрана се подразбираат сите активности на бранителот, кој има улога на лице овластено да укажува стручна правна помош, а во корист и за сметка на обвинетиот. Обвинетиот може да има бранител за секое кривично дело, без оглед на тежината на делото.

Секое осомничено или обвинето лице има право на бранител во текот на целата кривична постапка што се води против него. Обвинетиот пред првото испитување или пред друго дејствиe за кое таа обврска е предвидена со Законот за кривична постапка (ЗКП) мора да се поучи дека има право на бранител по свој избор со кого може насамо да се советува и дека бранителот може да присуствува на неговото испитување (член 71, ставови 1 и 2 од ЗКП).

Изборот на бранител зависи од слободната волја на обвинетиот кој самиот бира кој ќе му биде бранител,при што бранител може да биде само адвокат (член 71, став 4 од ЗКП).

OБЛИГАТОРНА ОДБРАНА

ОБЛИГАТОРНА ОДБРАНА е одбраната кога обвинетиот мора да има бранител и, доколку самиот не го избере, ќе му се постави бранител по службена должност. Обвинетиот мора да има бранител во следните случаи (член 74 од ЗКП):

• ако е нем, глув, слеп или неспособен самиот успешно да се брани, или ако против него се води кривична постапка за кривично дело за кое во Законот е пропишана казна доживотен затвор, уште при првото испитување;

• по поднесениот обвинителен акт поради кривично дело за кое со закон е пропишана казна затвор од десет години или потешка казна затвор, обвинетиот мора да има бранител во периодот на доставување на обвинителниот акт;

• ако против него е поднесен предлог за определување мерка притвор, од моментот на неговото изведување пред судот, како и за времето додека трае притворот;

• во текот на постапката за преговарање и спогодување со јавниот обвинител;

• ако му се суди во отсуство веднаш по донесеното решение за судење во отсуство;

• ако е на возраст под 18 години, според Законот за правда за децата, во текот на целата постапка што се води против него.

Во случаите кога одбраната е задолжителна, доколку обвинетиот сам не земе бранител, тогаш претседателот на судот ќе му постави бранител по службена должност за натамошниот тек на кривичната постапка сé до правосилноста на пресудата. Кога на обвинетиот ќе му се постави бранител по службена должност по поднесениот обвинителен акт, за тоа ќе се извести обвинетиот заедно со доставувањето на обвинителниот акт.

ОДБРАНА ЗА СИРОМАШНИ

Во случаите кога не постојат услови за задолжителна одбрана, но според својата имотна состојба обвинетиот не е во можност да ги поднесе трошоците на одбраната, обвинетиот има право да побара да му се постави бранител. Ова право обвинетиот може да го искористи во случаите кога тоа го бараат интересите на правдата, а особено тежината на кривичното дело и сложеноста на случајот. Во барањето, обвинетиот може сам да посочи определен адвокат за бранител од листата на адвокати од соодветната адвокатска заедница (член
75 од ЗКП).

За барањето одлучува судијата на претходна постапка, односно претседателот на советот, а бранителот го поставува претседателот на судот. Трошоците за одбраната на сиромашни граѓани паѓаат на товар на Буџетот на државата. Бранителот се легитимира со полномошно, што го добил од обвинетиот, од лицата кои се овластени да му обезбедат бранител, или, пак, со одлука на претседателот на судот, со кој е поставен за бранител по службена должност.

Бранителот е должен полномошното да го поднесе до органот пред кој се води постапката, со тоа што обвинетиот може на бранителот да му даде и усно полномошно на записник кај органот пред кој се води постапката (член 71, став 6 од ЗКП). Повеќе обвинети лица можат да имаат ЗАЕДНИЧКИ БРАНИТЕЛ само ако тоа не е во спротивност со интересите на нивната одбрана, а, воедно еден обвинет може да има повеќе бранители. Во таква ситуација, одбраната се смета за обезбедена кога во постапката учествува еден од бранителите (член 72, ставови 1 и 2 од ЗКП).

Бранител обезбеден од член на семејството – на обвинетиот бранител можат да му обезбедат и: неговиот законски застапник, брачниот, односно вонбрачниот другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител, освен ако обвинетиот на тоа изречно се противи (член 71, став 3 од ЗКП). Неуредното вршење на должноста од страна на назначениот бранител е основа за негово разрешување од претседателот на судот, по барање на обвинетиот или со негова согласност.

Наместо разрешениот бранител,претседателот на судот ќе назначи друг бранител, со обврска за разрешувањето на бранителот да ја извести Адвокатската комора (член 77, став 4 од ЗКП).

ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА БРАНИТЕЛОТ

Бранителот има повеќе права, од кои најзначајни се:

1. Право да ги разгледа списите и предметите што служат како доказ (член 79 од ЗКП);
2. Право на непосреден личен и писмен контакт со обвинетиот кој е во притвор (член 80 од ЗКП);
3. Право да присуствува при испитувањето на обвинетиот (членови 69, 70, 71 и 206 од ЗКП);
4. Право да присуствува на одделни истражни дејствија (член 296 од ЗКП);
5. Право да поднесе приговор против обвинителниот акт без посебно овластување на обвинетиот, но не и против негова волја (член 327, став 2 од ЗКП);
6. Право на бранителот во сите фази на постапката да прибира докази за одбрана на обвинетиот и да го
предлага на судот нивното изведување;
7. Право да присуствува на главната расправа;
8. Право да вложува редовни и вонредни правни лекови;
9. Право на надоместок на трошоците.

Во текот на кривичната постапка бранителот е должен да презема сè што е од интерес на обвинетиот. Бранителот е овластен да ги презема во корист на обвинетиот сите дејствија што може да ги преземе обвинетиот, со тоа што неговите права и должности престануваат кога обвинетиот ќе го отповика полномошното (член 76, ставови 1 и 2 од ЗКП).

Во периодот од 2015 до 2017 година, 63,5 % од обвинетите лица во кривичните судски постапки сами ангажирале бранител, на 9,6 % од обвинетите лица им бил назначен бранител по службена должност, а 26,9 % од обвинетите немале бранител во постапката.*

Текстот е извадок од брошурата Бранител во кривичната постапка изготвена од страна на ОБСЕ Мисија во Скопје.

Партнери на Правдико