Предложен е НОВ Закон за извршување
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Законот за извршување (,,Службен весник на РМ” бр. 35/05, 50/06, 129/06, 8/08, 83/09, 50/10, 83/10, 88/10,171/10 и 148/11) донесен во мај 2005 година, чија примена започна од 26 мај 2006 година, претставуваше најреволуционерното решение во сферата на правосудниот систем на Република Македонија. Беше востановен системот на приватни извршители, кои како лица со јавни овластувања целосно го преземаа извршувањето од рацете на судовите, и самостојно и независно одлучуваат за преземањето на сите потребни извршни дејствија во правец на успешна и брза реализација на правото воспоставено со извршната исправа.
За таа цел извршителите, за реализација на конкретно барање на извршување имаат право на пристап до сите регистри и бази на податоци со цел да се приберат податоци за имотната состојба на должникот.Имено, комплетно беше напуштен институтот на “дозволување на извршување„ со што еднаш донесената правосилна и извршна судска и конечна управна одлука, стана извршна исправа. Новини беа воведени и во времето на извршувањето, кое што се одвива секојдневно од 06:00 до 21:00 часот. Се намали на минимални граници можноста за одлоговлекување на извршувањето, но се водеше сметка за тоа должникот да не остане без никаква заштита при неправилности во извршувањето. Имено се востанови можноста за приговор против сторена неправилност во извршувањето до претседателот на основниот суд, кој пак е должен во рок од три дена да одлучи по поднесениот приговор.
Извршувањето може да се одложи на одредено време по барање на доверителот, но и по барање на должникот за што одлучува претседателот на судот, кој одложувањето може да го услови со депонирање на гаранција. Големa новина беше внесена и во одредбите кои се однесуваат на посебните одредби за извршување врз имотот на правните лица заради наплата на парично побаруваwе, каде се предвиде можноста извршувањето да се врши од сите расположиви средства на должникот. Се востанови униформиран налог за извршување со цел да им се поедностави на носителите на платниот промет процесот на спроведување на пренос на средтвата од сметката на должникот на сметката на доверителот, а прецизиран е и начинот на пренос на средства од трезорскиот систем. Министерството за правда низ годините наназад постојано и непречено го следи функционирањето на новиот систем на извршување, и тоа како од аспект на ефекти од извршувањето, така и од аспект на успешност на работата на извршителската должност.
Притоа со задоволство се констатираше, дека новиот систем на извршување на извршните исправи, е исклучително функционален, ефикасен и дава екстремно позитивни резултати. Имено за изминативе години извршителите имаат добиено во работа над 900.000 предмети, при што само за предметите кои се однесуваат на наплата на парични побарувања се наплатени приближно 800 милиони Евра, кои повторно се влеале во правниот промет на земјата и нормално се ефектуирале на стопанството на земјата. Притоа, следењето на динамиката на извршувањето покажа дека 54% од извршените предмети завршиле во рок од 3 месеци, 10% до 6 месеци, 11% до 1 година, а остатокот над 1 година. Ова покажа дека воспоставениот сиситем на извршување овозможува брза реализација на извршните исправи, се разбира ако должникот воопшто има средства, и дека целосно е надминат проблемот со екстремно бавната реализација на извршните исправи. Меѓутоа, со оглед на фактот што при креирањето на новиот систем не се следеше конкретно туѓо искуство, туку малубројните Европски искуства се прилагодуваа на македонските прилики, имплементацијата на Законот покажа дека одредени законски решенија останаа недоречеени, други пак праксата ги лоцираше како нефункционални, што предизвика различна примена и толкување од страна на извршителите, што остави можност за различна примена при спроведување на извршувањето.
Заради тоа, изминатиов период беа извршени 10 законски измени и дополнувања, кои во комбинација со динамичноста на целокупниот правен промет и постојаниот техничко технолошки развој создадоа дополнителен проблем како во примената на постојниот Закон од страна на извршителите, така и на поимањето на извршувањето од страна на јавноста.
Токму заради сето напред изнесено се предлага донесување на целосно нов Закон за извршување, во правец на прецизирање на законските одредби во делот на постапувањето на извршителите при спроведување на извршувањето, надминување на проблемите со различното постапување на извршителите и пропишување на јасни законски одредби во насока на ефикасно спроведување на извршувањето. Законот за извршување ќе има исклучително позитивни економски влијанија, со оглед на фактот што истиот овозможува уште побрза, и поефикасна наплата на побарувањата на доверителите, што овозможува побрз обрт на средставата во стопанството и подбра бизнис клима.
Предлог Законот можете да го превземете ТУКА