Предложен е нов Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Пристапот до информации од јавен карактер е демократско начело и право на сите граѓани во современите демократии, кое овозможува развој на транспарентна и отворена власт, ја зајакнува одговорноста на јавниот сектор, ја сузбива корупција и го зголемува легитимитетот на институциите и довербата на граѓаните во власта.
Во меѓународното право, правото на пристап до информациите од јавен карактер се регулирани во повеќе меѓународни акти, како Универзалната декларација на ООН, донесен во 1948 година, како најстар меѓународен акт, кој правото на слободен пристап до информации го вклучува во редот на универзалните човекови права, Европската конвенција за човекови права, донесена во 1950 година, а уставни или законски одредби што се однесуваат на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер постојат во повеќе европски држави.
Во Република Македонија, во Уставот на Република Македонија, во член 16, како едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот е гарантирањето на слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Оваа одредба од Уставот на Република Македонија е операционализирана со донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година („Службен весник на Република Македонија“, бр.13/06).
Донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер го приближува македонскиот правен систем до европските и светските стандарди во областа на слободното информирање. Со донесувањето на Законот, Република Македонија направи чекор напред кон демократизација на општеството, отворање на општеството кон граѓаните, зголемување на контролата на јавноста врз работата на државните органи и сите носители на јавни овластувања, што во крајна линија би требало да води кон јакнење на довербата на граѓаните во носителите на јавните функции и јавната администрација.
Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физачки лица што вршат јавни овластувања.
Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, вградени се основни принципи на кои се темели правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, како што се: максимална отвореност (секој има право на пристап до информациите, а државните институции имаат обврска на јавноста да и овозможат пристап до информациите), обврска за објавување (државните институции треба да ги објавуваат информациите во врска со нивните активности и сите информации кои се од јавен интерес), ограничен број на исклучоци (секој основ треба да биде во врска со легитимна цел на која и се заканува значителна штета ако се одобри пристап до информацијата), постапки кои го олеснуваат пристапот (сите државни институции имаат обврска да воспостават и применуваат лесно достапен внатрешен систем за овозможување на правото на јавноста да ја дознае информацијата) и други.
Иако во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се вградени основни принципи на кои се темели правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, постои нецелосна и недоследна примена на Законот, ограничена транспарентност на институциите и нецелосно остварување на правото на физичките и правните лица за пристап до информации од јавен карактер.
За таа цел, во Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2021 е утврдено дека реформите за членство во ЕУ и НАТО може да се реализираат само во услови на одговорна власт која работи транспарентно и отчетно. Во таа насока, заради зголемување на транспарентноста Владата на Република Македонија го најави имплементирањето на концептот на отворена влада и принципот на активна транспарентност на институциите. Ваквата заложба, Владата на Република Македонија ја операционализира со заклучок од 53-та седница, одржана на 6.2.2018 година, со кој ги задожи органите на државната управа да ги објават на својата веб страна сите информации кои што се достапни до јавноста на принцип на активна транспарентност. Исто така, поаѓајќи од сознанијата за проблемите во примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во декември 2018 година организирана е јавна дебата и дадена е можност за доставување на писмени забелешки до Министерството за правда.
Најголем дел од доставените забелешки се однесуваат на опфатот на иматели на информациите, дефинирање на поимот „јавен интерес“, намалување на опфатот на исклучоците од информациите, зголемување на опфатот на информации кои се објавуваат, скратување на рокот за давање на одговор од страна на имателот на информации. Постапувајќи по дадените забелешки, заклучокот на Владата на Република Македонија, во подготвувањето на Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер беа вклучени претставници од органите на државната управа и на невладиниот сектор.
Непрецизноста на одредени делови од Законот доведуваат до нецелосна и недоследна примена на Законот, ограничена транспарентност на институциите и нецелосно остварување на правото на физичките и правните лица за пристап до информации од јавен карактер. Најголем дел од непрецизностите се однесуваат на дефинирање на поимот „јавен интерес“, намалување на опфатот на исклучоците од информациите, зголемување на опфатот на информации кои се објавуваат, скратување на рокот за давање на одговор од страна на имателот на информации.
Исто така, дел од проблемите во остварувањето на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, особено во конечното остварување на правото и должината на постапката, произлегуваат од организационата поставеност, односно статусот на државната институција која ја дава заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Со Предлог – законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се предлагаат решенија за надминување на проблемите, олеснување на остварувањето на правото на пристап до информациите од јавен карактер, надминување на ограничената транспарентност на институциите и нецелосното остварување на правото до бараните информации.
Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА