Предложен е нов Закон за вршење на сметководствени работи
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Законот за вршење на сметководствени работи беше донесен во 2012 година, но не беше во целосна примена се до 2016 година кога беа избрани првите органи на Институтот на сметководители и овластени сметководители.
Од започнување со работа на Институтот, преку голем број на претставки беа посочени низа примери за нетранспарентност и неодговорност во работењето на Институтот и отстапувања од законските овластувања на Институтот, како: акредитација за едукатори за континуирано професионално усовршување, членарини за правните лица кои вршат сметководствени работи и тарифник за надоместоци за сметководствени услуги. Дополнително, Министерството за финансии, како надлежен орган за надзор на работењето на Институтот, спроведе надзор и утврди низа неправилности и незаконитости во работењето на Институтот, меѓу кои: нетранспарентност во изборот на претставници на подружниците на Институтот, непостоење на акти за основање и работа на подружниците на Институтот, незаконска постапка при избор и отповикување на членови на органите на управување на Институтот, необјавување на актите на Институтот на неговата интернет страница.
Заради надминување на констатираните состојби во работењето на Институтот се предлагаат законски решенија кои треба да ги решат тековните проблеми и да обезбедат зајакнување на капацитетите на Институтот, демократизација и инклузија на сите членови на Институтот и професионалци од еснафот со цел унапредување на сметководствената професија.
Предлог – законот за вршење на сметководствени работи е во насока на подобрување на функционалноста на Институтот и поголема вклученост на членовите на Институтот во неговата работа. Исто така, целта е да се овозможи слободен влез во професијата за сите заинтересирани лица веднаш по завршување на формалното образование и стекнување на искуство во вршење на сметководствени работи пред во текот и по завршувањето на стручниот испит за сметководител, односно овластен сметководител. Ќе се овозможи намалување на трошоците во работењето на правните субјекти кои не вршат сметководствена дејност преку ослободување од обврската за вработување на сметководител, односно овластен сметководител за вршење на сметководствени работи, освен за потребите за составување и потпишување на годишна сметка и/или финансиски извештаи.
Основните решенија кои се предлагаат се во насока на :
– дефинирање на Институтот како правно лице со јавни овластувања,
– доуредување на работењето на Институтот во делот на надлежностите, составот, мандатот на органите и комисиите и престанување на членството во истите, како и висината на надоместоците на органите и комисиите на Институтот. Исто така, заради обезбедување на инклузивност и транспарентност во работењето, работите на Институтот ќе се извршуваат преку електронски систем на Институтот,
– овозможување на влез во сметководствената професија веднаш по завршувањето на формалното образование и со успешно полагање на испит за стекнување на професионални знаења и вештини за вршење на сметководствени работи. Искуството во вршењето на сметководствени работи се воведува само како услов за стекнување на правото за составување и потпишување на годишна сметка, а не и за вршење на останатите сметководствени работи. Притоа, ќе се признава искуство во вршењето на сметководствени работи стекнато пред, во текот и по завршување на стручниот испит,
– воведување на звање сметководствен практикант за оние лица кои искуство во вршење на сметководствени работи ќе стекнуваат пред и во текот на полагањето на стручниот испит под менторство на сметководител, односно овластен сметководител,
– унапредување на постојниот концепт на континуираното професионално усовршување, преку воведување на нови облици на континуирано професионално усовршување и на тест за оценка на знаење од посетена обука,
– уредување на статус на неактивен сметководител, односно неактивен овластен сметководител, преку давање можност за ставање на членството во Институтот во мирување во вкупен период до 5 години,
– уредување можност обврзникот за водење сметководство кој не врши сметководствена дејност да има вработено лице кое врши сметководствени работи, без право за потпишување на годишни сметки и/или финансиски извештаи и кое нема обврска за поседување уверение за сметководител или за овластен сметководител и не е член на Институтот,
– доуредување на решенијата во врска со бришењето од регистрите на Институтот,
– доуредување на решенијат во врска со дисциплинската постпка и дисциплинските мерки,
– доуредување на одредбите во врска со контролата на квалитет која ја спроведува Институтот во насока на допрецизирање на опфатот на контролата на квалитет, уредување на начинот на нејзино вршење и дефинирање на контролни мерки кои можат да им се изречат на субјектите на контрола,
– доуредување на одредбите за надзор над работењето на Институтот,
– утврдување на Советот за унапредување и надзор на сметководството и ревизијата на Република Македонија за надлежен орган за надзорот над работата на Институтот и давањето согласност на актите на Институтот, по истек на преоден период од две години по влегувањето во сила на законот и
– допрецизирање на дел од останатите законски одредби.
Целиот текст на прдлог закон можете да го погледнете ТУКА