Предложен е Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Согласно точка (4) од Преамбулата на Регулатива (ЕУ) бр. 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот од 23 јули 2014 година за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции во внатрешниот пазар и за укинување на Директива 1999/93/ЕЗ е наведено: „ Во соопштението на Комисијата од 26 август 2010 година, насловено „Дигитална агенда за Европа“, поделеноста на дигиталниот пазар, недостатокот на интероперабилност и растот на компјутерскиот криминал беа идентификувани како главни пречки за влез на дигиталната економија во еден поволен развоен циклус.“ Имајќи го предвид развојот на ИКТ, што несомнено доведува и до дигитализација на голем број на процеси и дејствија во правниот промет, неопходно е да се редефинираат и основите за обезбедување на соодветни услови за развој на електронските процеси.
Со оглед на тоа што Министерството за информатичко општество и администрација во периодот од септември 2017 година работеше на анализа на законската легислатива поврзана со проектот Регистар на население, се наметна потребата за транспонирање на Регулативата на ЕУ бр. 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија- eIDas. Регулативата eIDas ја проширува и продлабочува Директивата 1999/93/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот, која се однесува на електронските потписи, која директива е транспонирана во позитивниот Закон за податоците во електронси облик и електронски потпис. Имајќи го предвид заклучокот на Европската комисија дека Директивата 1999/93/ЕЗ не обезбедува сеопфатна прекугранична и меѓусекторска рамка за електронски трансакции кои се безбедни, сигурни и лесни за користење, истата беше заменета со Регулативата 910/2014, со која се проширува и продлабочува acquis communautaire во оваа област.
Оваа Регулатива, односно овој закон, директно влијае и врз компетентноста на домашните правни лица кои вршат дејност од областа на ИКТ, односно со истиот се овозможува овие фирми да станат фирми „од доверба“ и конкурентни на европскиот пазар. Градењето доверба во онлајн средината е клучен фактор за економскиот и социјалниот развој. Недостатокот на доверба, особено поради воочениот недостаток на правна сигурност, ги тера потрошувачите, претпријатијата и јавните органи да се колебаат да остваруваат електронски трансакции и да прифатат нови услуги.
Со овој предлог закон се дефинираат услови во врска со тоа кои средства за електронска идентификација треба да се признаваат, како и на начинот на кој ќе се изведе известувањето за шемите за електронска идентификација. Овие услови треба да помогнат во градењето на доверба помеѓу земјите членки на ЕУ и Република Северна Македонија во однос на шемите за електронска идентификација кои ги користат, како и за меѓусебно признавање на средствата за електронска идентификација. Начелото на заемно признавање, сепак, треба да се однесува само на проверката на автентичност за онлајн услуги. Пристапот до тие онлајн услуги и нивното конечно доставување до барателот треба да бидат тесно поврзани со правото на добивање на такви услуги согласно условите утврдени во материјалните закони.
Овој предлог закон е неутрален во однос на технологијата. Правното дејство што произлегува од истиот треба да може да се постигне со сите технички средства, доколку се исполнети барањата од овој закон.
Една од целите на Регулативата 910/2014 е да се отстранат постојните бариери за прекуграничната употреба на средства за електронска идентификација користени во земјите членки на Унијата за да се потврди автентичноста барем за јавни услуги. Оваа регулатива нема за цел да интервенира во однос на системи за управување со електронски идентитет и сродни инфраструктури основани во земјите членки. Целта на оваа регулатива, а со тоа и на овој предлог закон, е да се воспостави сигурност за пристап до прекугранични електронски услуги, како и да се оствари безбедна електронска идентификација и проверка на автентичност.
Целта на овој закон е да се утврди правниот режим на електронските потписи, електронските печати, електронските временски жигови, електронските документи, услугите за електронска препорачана достава, услугите за проверка на автентичноста на веб страници, како и начинот на чување на електронскиот потпис или печат и нивна валидација. Како што е утврдено и во точка (2) од Преамбулата на Регулативата (ЕУ) бр. 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот: „Целта на оваа регулатива е да се зголеми довербата во електронските трансакции во внатрешниот пазар, преку обезбедување на заедничка основа за безбедна електронска интеракција помеѓу граѓаните, претпријатијата и јавните органи, со што ќе се зголеми ефикасноста на јавните и приватните електронски услуги, електронските деловни активности и електронското тргување во Унијата.“ Со транспонирањето на еIDas преку овој закон, Република Северна Македонија ќе добие соодветни основи за безбедни и доверливи електронски услуги.
Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА