Предложен е Закон за електронско управување и електронски услуги | Правдико

Правдико

   

Предложен е Закон за електронско управување и електронски услуги

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Поради брзиот технолошки развој и динамичното секојдневие на граѓаните на Република Северна Македонија, се наметна потребата од воспоставување на Национален портал за електронски услуги, Каталог на услуги и Една точка за услуги, како и нивно законско утврдување. Националниот портал за услуги и каталогот на услуги ќе имаат повеќе функционалности. Електронските услуги ќе бидат достапни до највисоко ниво на софистицираност, односно од моментот на поднесување на барање за некоја услуга до самото добивање на актот.

Со оглед на сложеноста на материјата којашто е разработена во самиот текст од законот, како и неговата поврзаност со европското законодавство, министерството за информатичко општество и администрација обезбеди и соодветна помош за правна експертиза од домашни експерти и еден меѓународен експерт за оваа правна област. При анализата на позитивната законска регулатива, констатиирано е дека позитивниот Закон за електронско управување е најсоодветно да содржи дел од одредбите од сегашната содржина, редефинирани и усогласени со технолошкиот развој, но и сосема нови одредби кои се однесуваат на електронски услуги. Оттука, произлезе и текстот на предложениот Закон за електронско управување и електронски услуги.

Овој закон ја уредува работата на министерствата, другите органи на државната управа, управни организации и единиците на локалната самоуправа, при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување на електронски услуги, кога тоа е утврдено со закон. Дополнително, со овој закон се уредува и работата на судовите, јавните обвинителства и државното правобранителство, правни лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, правни лица кои даваат и обезбедуваат услуги од јавен интерес, односно субјекти од областа на образованието, здравството, финансиите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, водоснабдувањето, електронските комуникации, поштенските услуги и комуналните услуги при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување на електронски услуги, кога тоа е утврдено со закон. Одредбите на овој закон се применуваат и на работата на физички и правни лица при остварување на административни услуги по електронски пат.

Со овој закон се обезбедува ефикасно и ефективно спроведување на надлежностите на органите и институциите, како и надлежностите, правата и овластувањата на субјектите кои обезбедуваат услуги од јавен интерес, врз основа на утврдени стандарди и процедури, во согласност со одредбите на овој закон и посебните закони, сето во функција на обезбедување на електронски услуги за корисниците на овие услуги.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико